Да, почнав со пишување

Пролета дојде, а заедно со почетокот на пролетта започна и работата на мојот нов проект. Тие што ме пратите на социјалните мрежи, знаете дека започнав со планирање и мапирање на продолжението од „Тегли“.

Една недела работев на подредување на сцените што ми се во главата, и одбирање на најдобриот распоред за да се пренесе приказната со соодветната динамика. Планот е вториот дел да има поспор почеток, но многу подинамечен тек, повеќе акција, хумор, провали, пукање, бркање со коли, тепање, напнатост...

Во овој дел повеќе внимание му дадов на Саше и неговата лична приказна е тоа што ќе го води дејството во еден креативен хаос. Малку се измачив додека успеав да го вмешам Златко во неговата приказна, зашто нели, сите сакаме да ги слушнеме неговите досетки и глупости. А каде беше за да го донесам, па се разбира со Розе :)

Тоа што моментално имам испланирано се 25 глави (или сцени како што сакам да си ги викам јас). Тоа ми помага полесно да пишувам од една страна, а од друга доколку нешто тековно ми се наметне да можам да го додадам.

Уште една ексклузивна информација за вас, е дека веќе почнав со пишување. Не очекував брзо да се вратам во ликот на Златко, но тоа што е предизвик е да се пишува еден малку поинаков... да ви откријам? Мислам дека претпоставувате. Да се пишува од перспектива на Златко, кој е заљубен. Дејството е од прилика 2, можеби 3 години од претходната книга (останува да одлучам), што значи ликовите не можат да бидат онакви какви што сме ги оставиле. Без гајле, нема да тупам многу со флеш бекс и слични интерни монолози. Ќе има доволно, колку да знаеме што се случило во периодот што поминал.

Поздрав до сите, што го читате ова. А ако ве интересира нешто, слободно прашајте си :)
2 likes ·   •  0 comments  •  flag
Share on Twitter
Published on March 27, 2023 12:35 Tags: тегли-2
No comments have been added yet.