Нелинеарно раскажан во три делови, романот започнува “од средина”, дел што најверојатно би бил најпогоден за заинтересирување и задржување на вниманието на читателот, за подоцна да “почне” од детството на главниот лик, па да скокне до крајот…
Америка е името на главниот (машки) лик, а дејството се случува во мало гратче (или големо село) на источниот брег на Италија во првата половина на 20-тиот век. Америка е навидум обичен, едноставен човек, грижлив сопруг и татко на едно негово и две деца од претходниот брак на сопругата. Единствено таинствено нешто за него е тоа што постојано добива писма (од “непознато другарче” од детството) за кои никој не знае точно од каде доаѓаат и што содржат, а ги отвора сам, скриен во визбата… Неговата мистериозност кулминира кога еден ден заминува на пат без никакво дополнително објаснување, а сопругата е оставена да раководи со огромната куќа која ја претвориле во еден вид на хотел. После тоа претставена е посветеноста и издржливоста на една жена оставена да чека, без да знае дали сопругот е воопшто жив, а годините само минуваат носејќи со себе и војни и разни несреќи, како и озборувањата на жителите на малото место, но и појава на нови ликови спремни за пополнување на празнината во нејзиниот живот… ✨
Начинот на раскажување е мошне оригинален, дури и “филмски” со одредени делови кои (мене лично) ме потсеќаа на моменти на влијанија од други автори (што воопшто не мора да е случај), како еден вид на магловита инспирација од Хемингвеј (особено во првиот дел), за потоа да “забега” во стил близок на писателите од beat-генерацијата од Америка (како Керуак и Бароуз) или Барико, на пример, од Европа (или можеби ме потсетува на него само затоа што е Италијанец?) и до одреден степен чувствував потсвесно влијание на егзистенцијалистичките теми на Ками и Кафка… И покрај сите овие споредби со сѐ друго што имам читано досега, романот дополнително има свој индивидуален стил (а ми е прв прочитан од него), што ме води единствено кон желба за истражување на остатокот од творештвото на авторот… 🙌🏻