Би сакал да истакнам само еден суштински цитат од драмата, изречен од Ангеле: „Третата точка се вика „Дедикар Икарал". Таа е за еден човек што се викал Дедикар Икарал. За него погрешно се верува дека бил двајца луѓе со имиња Дедал и Икар. Таа невистина нарочно ја проширил некој Италијанец Леонардо Живинчи на еден собир во Сан Стефано. Но јас научно сум утврдил дека се работи за еден единствен човек и тоа ќе го изнесам пред светската јавност на Берлиникиот конгрес Дедикар Икарал се родил со крило на левата рака и со ѓуле на десната нога. И со нив си играл. (Игра со крилото и ѓулето.) Живеел во областа Скагерак и Категат каде што студело па мечтаел да отиде поблиску до сонцето. Не знаел како. Еден ден братски се договорил со ѓулето да не му прави тежина во летањето и тргнал. Летал што летал (Ангеле лета), арно ама тој не знаел дека ѓулето било потплатено од некого да го пушти да летне и да му отежне. И така било. Дедикар Икарал се срушил во фиљан фиљан земја Македонија. Се нафрлил врз ѓулето и почнал да го тепа, арно ама ѓулето ги пакажало забите и викнало; „I have diplomatic immunity“, „J'ai de l'immunite diplomatique“, „Ich habe diplomatisches Immunitet!“ И така денес Дедикар Икарал шета низ светот, се кара со ѓулето и гледа како му се суши крилото. (Пауза. Ангеле се поклонува.) Благодарам.“