На самиот крај од XIX век и почетокот на XXI век, некаде помеѓу современиот свет и почетокот на падот на Oсманлиската држава, се случуваат две, навидум различни приказни. Камила Џалал е посветена детективка која ќе го преврти Истанбул за да ја најде причината за смртта на нејзиниот сопруг. Но, Камила Џалал е и девојка која по низа несреќни случаи во нејзиниот живот почнува да станува блиска со луѓето околу султанот во сарајот Јилдиз. Додека се приближува крајот на династијата и соборувањето на султанот Абдулхамид од престолот, на другата страна од времето, Босфор трага да го најде чудовиштето зад серија убиства коишто ја згаснаа светлината на градот. Што имаат заедничко девојките со исто име? И двете живеат за едно нешто. Да ѝ најдат смисла на смртта.
Камила Џалал е нашата врска со историјата и сегашноста. Потрагата за суштината на животот започнува кога ќе се осознае смислата на смртта. Едно име, две судбини! Истанбул е нишката која ги поврзува солзите и животните бремиња на двете девојки.
Во сегашноста рамо до рамо чекориме со храбрата Камила Џалал Еракат, девојката принудена на договорен брак која прерано останува вдовица и го посветува својот живот на откривање на причината за смртта на нејзиниот сопруг.
Во временските рамки на минатото, нашиот протагонист е младата девојка Камила Џалал, која останува сама по смртта на нејзиниот татко, оџата Осман. Животот пишува романи, па така нејзината приказна добива еден сосема различен тек под закрила на султанот Абдулхамид, чиј духовен водич низ животот е токму таткото на Камила. Чувствувајќи неотповиклива одговорност кон Осман тој ја зема во својот сарај, каде започнува да го живее животот за кој секогаш мечтаела.
Мистичниот Босфор крие мрачни тајни, изгубена надеж, грешки за кои не постои прошка, исплачени солзи и горка омраза кон сите што нанесуваат болка. Сите гревови на земниот свет ги плаќаме без одложување на небесниот. Единствено смртта нема термин за реприза. Простувањето и пронаоѓањето се компонентите кои ја продолжуваат смислата на животот.
Јован за нас читателите подготвил една читачка репортажа од Истанбул, градот на два континенти, кој изобилува со екстравагантна тајност. Би го дефинирала како херметистички култ, меѓутоа многу посилна беше мојата лична конекција со делово затоа што го прочитав после посетата на Истанбул и добар дел од местата што Јован толку живописно ги опишува преку своите протагонисти. Доколку сакате да 'крстарите' низ уникатната магија со која располага Истанбул, доколку сакате низ призмата на историјата да пловите во сегашноста, "Татко ми, Босфор' е задолжително четиво за Вас.
Како љубител на крими трилери и историски драми, имав големо очекување од книгава. Искрено, за мене ова дело е златна средина од двата жанра. Освен живописните описи на Инстанбул и негови познати чаршии, приказните ми беа млаки, со доза мелахонија. На крај, покрај тоа што не ми се допадна крајот на хероините во книгава, никако не успеав да ја најдам нишката што ги поврзува нивните животи оддалечени околу еден и пол век. Се надевам дека придолжението ќе ми ги даде посакуваните одговори.
„Ако не ја пронајдеш вистината, минатото ќе се повтори, вистината ќе те најде тебе.“
Додека ја читаш и ја држиш в раце оваа книга, чиниш душата ти е проток. Не читаш страница по страница, него пливаш, само некогаш на површината, некогаш под неа. И читаш зборови фрлени преку векови, зборови што спојуваат срце и душа на две жени, два спомени, едни од вчера, една од денес , кои се среќаваат, чиниш само со болка. Онаа од вчера се бори против загуба, припадност, страв од заборав, а онаа од денес против гнев и вина, и е во вечна потрага по вистината. Едната расте од наивност до зрелост, а другата од гнев до сочувство и разбирање. И двете се “празни“, и двете стравуваат, и двете ја носат тежината на традицијата, корените, и на двете, нивните вистини се како камчиња на дното од Босфорот, не допрени, ама присутни, секогаш, секаде.
Едната е од 19 век, другата од 21 век, ама сепак се една иста душа, ама на два начина скроена, а она заедничкото им е тоа дека жената во нив е вечен сведок на историјата, па чиниш се како огледало низ времето – една душа заглавена во два различни века.
И за двете Босфорот е татковската фигура, мажот кон не зборува, ама се знае. Неговото течение е исто како и нарацијата во книгата, тивко, длабоко, непредвидливо. Тој ги знае тајните на сите, ама молчи. Тој е каналот кој ги поврзува и двете души. И за двете Истанбул е и затвор и гробница, тој е човечката душа, слоевита, грешна, магична, мистична.
Дали траумите се реинкарнираат, дали судбините се повторуваат, дали за тоа причината е од не соочувањето со стравовите и траумите, дали циклусот на загуба и откривање е вечен. И дали секогаш вистината доаѓа со крик, со вресок или само како еден шепот наизуст изустен со солзи. Дали секој кој ќе изгуби нешто едноставно знае, или треба да се учи загубата да ја носи во себе.
Јоване, не си пишувал зборови, него си везел со игла и конец, и тоа со конец од тага и игла од тишина. Си создал море од солени зборовии, каде секоја страница е бран, секој збор е капка солза од заборавен и неслушнат глас, па затоа чиниш пливаш него читаш, не чувствуваш туку се соживуваш, не вртиш страници туку го отвораш срцето на ликовите и докажуваш дека болката може да не’ научи да бидеме подобри и да не’ не победи.
Волшепството на Истанбул е одлично доловено во оваа книга, не само во сегашноста, туку и во минатото.
Книгата се фокусира на две посебни приказни, едната во сегашноста, а другата во минатото, во време на залезот на османлиското владеење.
Двете приказни на прв поглед немаат многу заедничко, но дали е тоа така?
Авторот го задржува својот поетски стил при описите на ликовите, локациите, околностите, дејствијата и тоа ја прави магијата на оваа книга многу поголема.
Живописна приказна за испреплетените животи на главните ликови, низ различни времиња во историјата, а сепак во суштината исти приказни. Протагонистките не носат низ сите нивни мисли, размисли, копнежи за да го откријат неоткриеното и она што можеби треба да остане неоткриено, но силата на потребата за знаење и живот е толку голема што единствената опција што останува е да се открие неоткриено, а некогаш и по цена на сопствениот живот.
Ова е едноставно патопис за животот и посебноста на сечиј еден живот и сите негови особености, што ги прави уште поавнентични, раскажани низ призмата на Истанбул, Босфорот и сега носталгија, мистичност, тага, и убавина што овој град ги носи.
Напишана на едноставен, слеан начин што го прави овој роман полетен да се прочита во еден здив.
Еден од ретките случаи каде што вториот дел од приказната, романот "Седум часот и педесет минути" ретроактивно го подобрува и му дава повисок квалитет на првото остварување за градот на Босфорот. Очигледно е систематското градење на приказната за Камила, чие што наследство задира подлабоко од рамките на овој роман, прелевајќи се во продолжението на приказната.