„За музејот во урнатини“ од Даглас Кримп го анализира крајот на модернистичката уметничка практика и на значењето на музејот во нејзини рамки како сеопфатна институција на уметничко творештво. Значајниот вовед на оваа збирка есеи, „Фотографиите на крајот на модернизмот“, ја најавува понатамошната практика на Кримп во активистичката уметност во поддршка на движењето за борба против СИДА-та, односно надвор од институционалното третирање на уметноста во рамките на музејот, а кон сферата на уметноста како општествена практика. Оваа промена во Кримповите интереси е особено симптоматична за ставовите за музејот и за уметноста, изнесени во оваа книга, впрочем затоа и надолго, во воведот, тој го дава контекстот на нејзиното појавување. Токму тој контекст и фотографиите направени и селектирани од Луиз Лоуер, ја обликуваат, во рамките на самиот производ книга, позицијата што содржински ја изнесуваат есеите - за музејот како институција чиешто време истекло.