Книга многу пати препрочитана. Книга од детството. Книга која што ме освои и после неа читањето не беше исто. Беше подлабоко, со поголема љубов, трпеливост и разбирање. И ден денес е.
Добро се изнасмеав со книгава, а и ја отплакав. Лектира за шесто одделение, која сосем реално го отсликува животот на жителите во улица „Караорманска“ во Скопје во шеесеттите години на минатиот век. Еден студент се доселува во слободната соба на тетка Донка, која живее со синчето Раде, додека нејзиниот сопруг е во затвор. Студентот полека ги запознава сите жители на улицата, почнувајќи од Диме Такси, дете кое само си ја има наметнато обврската да ги спроведе сите намерници до куќата која ја бараат во оваа улица. Тој знае сѐ за сите. Маалскиот живот е типичен за тоа време. Сите си помагаат, се караат, од високо се гледаат едни со други. Се знае кој смее нешто, а кој не (според функцијата, образованието, образот) што го имаат. Не може да не зајдеш од смеа на препирките меѓу тетка Донка и Важната (жена на референт по култура и просвета). Не може пак да не се расплачеш на тажната приказна на Судијата, маж кој живее во визбата на една од зградите. Тој имал жена е деветогишна ќерка, која умира задушена во куќата во помало гратче, додека родителите биле на театар. Но, тој е тука и се радува кога децата вреват на улицата. Распартален со еден огромен капут на него, секогаш дели правда во детските расправии. Кога тој ќе се разболи, само децата му прават друштво, му купуваат цигари и му носат јаболко, лижалче-петле и други детски дребулии. Ѓоре пак, син на чистачката, е најдобар ученик, но тој нема татко, па го замолува Судијата да се појави на родителска средба за да има кому учителката да каже: Другар, вашиот син е најдобар ученик, треба да се гордеете со него. Желбата на Ѓоре, Судијата да му биде татко се остварува, кога мајката ја прифаќа идејата Судијата да се пресели кај нив. Децата, по пример на големите, формираат Детски куќен совет и носат одлуки, па така цела недела одлучуваат на тетка Донка и на Важната да не им викаат добар ден (нешто што и двете ги боли многу), се додека не се смират и не престанат да се караат. Полицаецот Ангел знае да го чува мирот во маалото, а и да заигра фудбал со децата бос. Но, и да чврцне по една ракија со колегата на должност. Сите меѓучовечки односи се хируршки прецизно извајани од перото на Бошко Смаќоски, низ еден успешен хумор. Книга која изобилува со поуки за децата, Само, забележав дека хуморот го разбраа денешниве деца, но кога децата му помагаа на Судијата, некако не ги трогна! Чудни некои генерации! Книгата - ремек дело! (Секако, има и серија, која датира од едни убави времиња)