„Ведра“ е приказна што си игра со архетипите, влегува длабоко и таму буричка, менува, поправа, разместува, отклучува. Го има оддалечувањето од домот, ги има опозициите добро – зло, светло – темно, блиску – далеку, но има и изненадувања, што самите ќе ги откриете кога ќе ја прочитате.
„Ведра“ ги има главните карактеристики на литературата за деца: директно му се обраќа на детето, ненаметливо го подучува, нежно влегува во неговиот несвесен свет и таму менува колективни знаења што не се нужно точни; покрај тоа, духовита е, и приказната и илустрациите. Децата ќе ја обожаваат. И, како и секоја добра приказна за деца, ова не е само приказна за деца, туку е приказна за секого - Ѓоко Здравески.
„Ведра“ е како микро и макро патување низ сите сплетени приказни од народното творештво со најбрз кабриолет и со најфраерски очила за сонце! Ова е сликовница омаж на пријателството, слатководна, брзоречита, лесночитлива во изразот. Играта со римата и песнопојот во текстот, прави чувство како да сте во постојан ритам на приказната, како да пеете. Мајсторски се вметнати елементи од современите и вечни стравови на децата (инјекции, манџи, ако плачеш – ќе ти дојде змејот!) и на родителите (дете што постојано плаче или постојано e на таблет). Сладокусна, вкусна, игрива и поучна приказна за деца, но и за возрасни. Илустрациите го доловуваат ефектот на спектакл преку интензивните, конкретни бои (...) оваа сликовница работи со архетипски слики, пренесувајќи ја најубавата порака – кога ти е тешко, исплачи се. Ќе ти се разведри и ќе ти стане полесно. Само читај и верувај во добрината - Ана Голејшка Џикова.
Волшебна приказна за една волшебна плачка ‒ малата принцеза Ведра. Бајка која ќе им помогне на малите плачковци да победуваат змејови, а на возрасните да не ги осудуваат кога плачат. Забавна, имагинативна и фантастично илустрирана книга, која ни ја открива скриената моќ на солзите - Иван Шопов.
Писател, уредник, организатор на поетски фестивали и преведувач со дводецениско работно искуство на полето на книжевноста. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“, Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2011 г.
Награди и признанија • Награда за најдобар текст во сликовница за книги издадени во 2021 и 2022 година на меѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“ за книгата за деца Ведра. • Признание за особен придонес за популаризирање на поезијата, од Патрас ― светски поески фестивал, Патрас, Грција, 2024 г. • Oaeneum ‒ награда за поезија доделена на 28. издание на интернационалниот поетски фестивал „Денови на Наим“, Тетово, 2024 г.
Објавени книги • Рајсфершлус, Скопје: ПНВ Публикации, 2024. (поезија) https://www.goodreads.com/book/show/2... • Самодиви – панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес, Охрид: Поетска ноќ во Велестово, 2023 (приредувач заедно со Славе Ѓорѓо Димоски); • Ведра, Скопје: ПНВ Публикации, 2022 и 2023 – 2. изд. (книга за деца) https://www.goodreads.com/book/show/1... • Отворена книга, Скопје: ПНВ Публикации, 2017. (поезија) https://www.goodreads.com/book/show/3... • Годишни времиња, Скопје: ПНВ Публикации, 2014, 2015, 2019 и 2022 – 4 изд. (роман) https://www.goodreads.com/book/show/2... • Комарци, Охрид: Поетска ноќ во Велестово, 2010. (поезија) https://www.goodreads.com/book/show/1... • XX Години Поетска ноќ во Велстово, Охрид: Поетска ноќ во Велестово, 2009. (монографија).
Преводи на нејзини дела во странство • Нејзини песни се препеани и објавени на: англиски, кинески, дански, германски, чешки, шпански, италијански, грчки, бугарски, арапски, бенгали, албански, хрватски, словенечки, босански, турски, азербејџански и српски јазик. • Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологиии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија. • Нејзините кратки раскази се застапени во три антологии на македонскиот краток расказ: „Тивка анестезија за болката на другите“ (Антолог, 2016), „Летаат приказни“ (Темплум, 2019) и „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).
Преведени книги на други јазици • Sevinc (Ведра) ‒ книга за деца, на азербејџански јазик, МДизајн, Баку, 2025. • Expecting Lions ‒ избор песни, на англиски јазик, Three Spires Press, Корк, 2025. • Qorxu qutsu (Кутија на стравот) ‒ избор песни, на азербејџански, Zardabi, Баку, 2024. • Годишни времена ‒ роман, на бугарски јазик, Ерго, Софија, 2017.
Нејзината работа како книжевен преведувач • Јулијана Величковска преведува од англиски, од руски, од српски, од хрватски, од црногорски и од босански јазик. • На македонски превела триесет и пет книжевни дела на автори од: Ирска, Велс, Шкотска, Норвешка, Исланд, Грција, Естонија, Латвија, Србија, Данска, Хрватска, Азербејџан, Малта, Фарски Острови, Црна Гора и Србија.
Интернационални книжевни фестивали Јулијана Величковска била поканета да се претстави со нејзината поезија на бројни книжевни фестивали и други книжевни настани во многу земји во Европа и во Азија. Во последната декада настапила во: Ирска, Кипар, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Србија и во други земји.