Родителите се единствените луѓе на светот чии раце се секогаш подадени кон нас и секогаш подготвени да нè прифатат. Само што, понекогаш, ние сметаме дека тие раце имаат намера да нè гушат, па се опираме и опираме за да избегаме што подалеку од нив. За жал, далеку од вистинската поддршка и искрените совети кои единствено тие можат да ни ги дадат, може да донесеме катастрофални одлуки и да паднеме на дното во кое ќе ги повлечеме и нив со нас.
Ова е приказна за девојка доведена на раб на нервен слом и втурната во психички проблеми по смртта на нејзиниот татко. Приказна за девојка која почнува да ја гледа мајка си како непријател и станува мета на емотивни манипулатори кои ја цицаат секоја капка енергија од неа, доведувајќи ја до уште поголеми психички проблеми и психијатриска установа. Ова е приказна за девојка која на потешкиот начин ќе научи дека единствените луѓе во чија верност и љубов никогаш не треба да се сомневаме се родителите. Животот е суров учител, но најважните лекции секогаш се најтешки за учење.
Прекрасен и трогателен роман, во кој емоциите се леат од страница на страница и вибрираат низ секој збор.
,,Бидејќи луѓето гледаат само дека ги мрдаме екстремитетите, се движиме и дишеме и претпоставуваат дека сме живи. Кој може да им замери за тоа кога не се надарени да видат дека многу души се одамна мртви и само талкаат по светов."
Вероника е млада девојка која секојдневно добива неизмерна љубов од своите родители. Нивното мало семејство никогаш не се проширило, но домот им е исполнет со топли прегратки и големи насмевки. Меѓутоа, еден ден, во нивниот дом подмолно влегува една змија која постепено ќе ги урива ѕидовите на идиличното семејство, оставајќи ги изгубени под целиот малтер.
Таа дознава дека нејзиниот татко е болен и не му останува долго време за живеење. Тројцата се обидуваат максимално да го искористат времето кое им остана, ама смртта ги демне како лихвар кој чека да си го наплати долгот и тоа со голема камата.
Никој не може да се навикне на смртта, брз разлика колку е присутна во нашето опкружување. На Вероника срцето и се крше на милион парчиња, а смета дека на никој не може да се потпре за утеха. Ниту на нејзината сопствена мајка. Тие живеат под ист кров, но како да се на сосема различни планети.
Кога човек ќе се почувствува сам опкружен со луѓе, тогаш ја губи светлината на душата. Вероника се изгуби самата себеси. Не можејќи да ги препознае добрите намери од оние манипулативните, таа паѓа во рацете на луѓе кои се ситат од туѓата несреќа. Зголемувањето на психичките проблеми ја доведоа до нервен слом и затворена во психијатриска установа.
Една млада девојка која не е спремна за суровоста на светот, а се справува сама. Каде ќе ја однесе судбината? Дали ќе може да го пронајде излезот од лавиринтот?
Се радувам кога ќе го следиш творечкиот процес на еден автор и со секоја наредна книга сфаќаш дека се подобрил и си го пронашол својот правец. Моја единствена прочитана книга од Верица ми беше ,,Нечесна игра" - убава и слатка романса. Па, бев среќна и возбудена кога се најави нејзината трета книга. Ме изненади фактот што оваа книга е поразличен жанр од првите две.
Не можам да ви го опишам мојот восхит кон талентот на Верица. Фасцинантно дело кое те остава без сон. Почетокот ти ја заскокоткува љубопитноста за побрзо да ги голташ страниците со цел да ги разоткриеш сите тајни и скриени значења.
Вероника е едно младо девојче кое не можеш да не го засакаш. Паметна, мила и културна. За жал, овие карактеристики се засенуваат кога животот ќе ѝ приреди огромна бура. Читателот силно ќе се сочувствува со неа и дури преку хартијата ќе ги осети сите емоции. Тага, гнев и изгубеност, ќе ја осети очајноста која извира од секоја пора на нејзиното тело. Ама ќе ја почувствува и нејзината непоколеблива храброст која ја прави необичен лик.
Има една работа за која многу често се зборува, меѓутоа се чини како да е краткотраен тренд кој иди и оди во бранови. Тоа е менталното здравје. Менталното здравје не можеме да го гледаме со очи, но затоа остава најголема лузна на душата. Тоа не тренд кој ќе ни донесе пет минути слава, туку е наше секојдневие. Во нашиот живот се појавуваат и се губат многу луѓе, ама личноста со која го поминуваме цел наш живот сме самите себе. И треба да се потрудиме мислите да ни се чисти и позитивни. Замислете го мозокот како дом. Не би сакале вашиот дом да е каллив и покриен со прашини, нели? Оваа тема е брилијантно вметната во книгата.
,,Ја мразам мајка ми" е книга за менталното здравје и колку е важно да ги имаш блиските луѓе околу тебе во тешки моменти, за загубата и живеењето после неа, за убавината на животот, но и сите брутални и грди негови страни. Оваа книга со секоја страница сѐ повеќе го растргнува семејството и докажува колку се важни нивните подадени раце. Тажна и трогателна книга која ќе ве поттикне да ги гледате нештата од различни агли.
Уште еднаш ќе кажам дека сум воодушевена од талентот на Верица. Нарацијата е богата и лесна за читање, ама ќе остане во вашата меморија засекогаш. Малечко, но моќно дело кое сметам дека секој човек треба да го прочита, без оглед на возраста.
,,Ја мразам мајка ми" е (за некои) контроверзен наслов за една ваква книга, а всушност многу паметно избран. Како велат: Не суди книга по нејзиниот наслов! Не бидете површни и прочитајте ја книгата за да можете да оформите свое мислење. Кој ќе сфати - ќе сфати!
Корицата, насловот, содржината, стилот на пишување, сѐ е прекрасно спакувано и само чека на вас да ја прочитате книгата и да ги согледате сите животни лекции. Моја огромна препорака!
Авторката Верица напишала прекрасна книга... Мислите на Вероника се како да читам буквално од мојот дневник...се чуствував како да сум таму со неа и ги преживувам истите работи што ја мачеа неа...Ја мразам мајка ми е одлично и совршено проткаена драма за реалниот живот на едно девојче...прекрасно напишано-браво! :)
Лесна за читање но поголемиот дел од приказната е клише. Може многу да се поработи на опис на релацијата мајка-ќерка, емоции, анализа на ликови и слично. Повеќе акцентот е ставен на Ангел, пријателката од детството и смртта на таткото па според тоа можеби насловот на книгата е малку несоодветен.
***Сите критики се добронамерни и ја охрабрувам авторката да продолжи да пишува.***
Книгата до половина и повеќе нервира! И со право. Таква е анксиозноста која може да го доведе човекот до работ на пропаста. Еден одличен пресек на чувствата на човек затворен сам со своите мисли. Треба нерви за да се прочита, иако наративот е лесен, некомплициран...
Книгава има огромен потенцијал, но се почувствував дека некои ситуации се избрзани, недокажани, недовршени.. исто насловот е контроверзен, то ест не е соодветен со содржината на книгата. Никаква замерка ова не е за авторката, ниту обесхрабрување, туку поттик да продолжи да твори уште повеќе, бидејќи стилот на пишување ѝ е прекрасен :)