Сузан Колинс се буди во чудна соба налик на „собите за бегство“, каде што решаваш загатки за да стигнеш до излезот. Набргу сфаќа дека е затворена со глувонемиот Џефри, младиот Дилан кој е слеп од раѓање и Мајк, кому му недостасуваат горните екстремитети, додека самата таа е во инвалидска количка по тешка сообраќајна незгода. Последното нешто на кое сите се сеќаваат е дека биле присутни на забавата на Астрикс, филантропска компанија која вложува огромни средства во откривање и лекување на трауми, како и нови методи за лечење на тешки заболувања.
Не знаат како се нашле во собата, зошто се заклучени таму и како е направена таа чудна комбинација на луѓе со различни инвалидитети, но веднаш сфаќаат дека има траги насекаде околу нив и дека мора да ги здружат силите за да почнат да ги решаваат загатките ако сакаат некогаш да излезат.
Сепак, кога детективот Алекс ќе почне да го истражува случајот, првото нешто на што ќе наиде е документ за приватност кој сите затворени во собата за загатки го имаат своеволно потпишано… што значи дека некој тука крие нешто, дури и дел од заробените во собата. Но сопругот на Сузан е убеден дека таа е таму против своја волја, дека не би заминала никаде без да му каже и најстрашно од сѐ, чувствува дека неговата сопруга е во голема опасност.
Една нова, поинаква книга од нашата Саша. Приказна која букваално нема да можете да ја оставите од раце. Мистериозна до самиот крај. Чиста 5ка од мене! ☺️
Интересно, тензично а крајот ми го стопли срцето... Ликовите наместо, траумите реални и пораката дека излезе има секогаш, битно е да бидеме активни и најтешката ситуација да ја претвориме во животен предизвик каде ќе се надминеме себеси и ќе направиме добро за нас и тие околу нас!
Книга која на почетокот искрено ми беше малку досадна, ама со секоја наредна страница се повеќе и повеќе се задлабочував во приказната. Книга која не ве остава рамнодушни и ве тера да се запрашате низ какви секојдневни проблеми се соочуваат луѓето со хендикеп. Но крајот на книгата докажува дека секогаш постои решение за сè.
„Излез“ го најде излезот од рамката на Саша Богдан во „Здравица“ и „Коронтин“. Неочекуван авторски пресврт, ако сте ги прочитале претходните нејзини книги. Да не ја сведам објавава на раскажување на „Излез“, туку накусо ќе кажам: концизно, неоптоварувачки, но идејно длабоко четиво (секако кој сака да чита меѓу редови). Приказна која локациски е сместена во САД, навидум трилер со сите етапи на развој, но не е трилер. Може да биде приказна во која била земја на светот, претставува универзален пристап на трауматските последици што секој еден од нас (не)свесно ги носи, само е така раскажана да замислите брз американски филм. И кога филмот ќе заврши да размислите каде сте заглавени...