Приказната се случува во едно мало селце на Балканот каде што повремено доаѓа некакво заталкано патувачко кино кое, најчесто, прикажува само цртани филмови. Соживувајќи се со филмовите, луѓето, особено старците и неколкуте деца што живеат во местото, постепено почнуваат да се идентификуваат со јунаците на цртаните филмови, а фикцијата полека се меша со реалноста, па веќе не се знае што е фикција, а што реалност. Притоа разградувањето на стварноста од нејзините банални стандарди и стереотипи, било историски, било граѓански, било семејни, е изведено исклучително успешно со еден инвентивен хумор и разорна иронија, коишто, во крајниот ефект, всушност се катарзични, здрави и исцелителни. Приказната блика од хумор и сатира која брилијантно, на крајно инвентивен литерарен начин, ја демистифицира балканската митоманија, потврдувајќи го уште еднаш раскажувачкото мајсторство на Блаже Миневски како врвен македонски прозаист.