Колку полесно е да се напише мислење за книга што не ти се допаѓа. Не ги штедиш лукавите досетки; сарказмот е твој сопствен терен; уигран си во пикирање на секоја недоследност и истакнување на истата; гарантирано добиваш најмногу лајкови од мрчатори кои, всушност, ја немаат ни прочитано книгата. Но, како да се опишат ремек-делата, без да се прибегне кон „баталјон фрази готови за старт“: ремек-дело, остава без зборови, генијално... Секогаш може да пристапиме теоретски прецизно: дејството се одвива во Тетово и околината, време на одвивање- поствоено; романот е пишуван во форма на монолози на секој од ликовите (она што Вирџинија Вулф го нарекува "stream of consciousness"), структурата наликува на калеидоскоп (истото дејство раскажано од различен наратор создава поинаква слика)... Сепак каде се наоѓа онаа нијанса која одлучува, она што виси помеѓу редовите и стилските фигури, она мало парче душа од авторот? Можеби во стилот, можеби во лексиката, во редовите или помеѓу нив, но сигурно помеѓу кориците на овој роман.