Чкртки е првата збирка раскази на Румена Бужаровска објавена во 2007, со поднаслов "Раскази за срамот, стравот и неудобноста".
За Чкртки кажаа:
Неверојатна е надареноста на Бужаровска да одбере некоја случка од секојдневниот живот, банална во својата суштина, да ја назначи за своја тема, а потоа, низ фантастично детализирана нарација, со кристално јасна и убава лексика, нормални, стварни дијалози или фантастично, од композициски аспект, контролирани монолози, креативно да ве донесе до откровението каде задолжително ќе ви каже: еве зошто ве довлечкав до овде, ова сакав да ви го кажам.
А тоа што нѝ го кажува е нејзиниот коментар за одбраната случка, нејзиното видување, кое секогаш е полно топлина, човечност, разбирање на светот и поставеноста на работите во него, разбирање на човекот и неговата (нејзината) психолошка, духовна, емоционална состојба.
Збирката раскази "Чкртки" на авторката Румена Бужаровска е едно големо пријатно изненадување кое ќе донесе значително освежување во не многу богатата со квалитетни раскажувачки остварувања македонска книжевност.
Драги Михајловски
"Чкртки" е мошне кохерентна и внимателно сктруктурирана збирка составена од раскази кои и на тематско и стилско рамниште гравитираат околу истоимениот расказ. Она што ги обединува најго лемиот дел од расказите е сугестивното психолошко профилирање на ликовите исправени пред крупни етички, творечки и животни предизвици и дилеми.
Rumena Bužarovska is a fiction writer, literary translator, and social commentator born in 1981 in Skopje, Yugoslavia. Her book My Husband has received critical acclaim in Europe and has been adapted into several stage productions.
Чкртки - Румена Бужаровска(Или или, 2019, второ издание)
Трета прочитана книга од авторкава, иако оваа и’ е првоиздадена. Чкртки е збирка раскази раскажани со едноставен и разбирлив јазик, вешто разработени секојдневни случки, во кои секој може да се препознае или препознае некој познаник, а преку кои се профилираат главните и споредните ликови. Акцентот и заедничкото на сите раскази е приказот на стравот, срамот и неудобноста во секојдневни ситуации. Најмногу ми се допаднаа расказите: “Лулашки”, “Спроти големиот натпревар” и “Болеро”. Изданијата на Или или од наши автори за мене се откритие и освежување во 2020 и продолжувам да ги читам и оваа година.
Кога една професорка по книжевност пишува со толку едноставен стил, сигурно не е случај на лингвистичка некомпетенција. Изразот е намерно прочистен и приемчив за да соодвествува со темите кои се обработуваат, втемелени во обични, секојдневни случки проткаени со доза на таговност, траорност, нечовечност. Расказите хронолошки се вклопуваат во периодите на човечкиот живот (детство, младост, старост). Детството е се, освен безгрижно и наивно. Издвоени се моментите кои детето го оставаат понижено, потиштено, неприфатено; соочено со пакосни и агресивни возрасни; расипани и садистички настроени дугарчиња. Идеја слична ко во „Деца“ на Иво Андриќ, со далеку посувопарна и полоша реализација. Младешкиот и возрасниот период е решен преку одбирање на навидум обични моменти од животот на обични луѓе. Дали е тоа ручекот со свекрвата и незаинтересираниот избраник; французинката лишена од секакви културни и духовни потреби, која на осамениот сосед му ги руши сите надежи дека ќе ја пронајде својата сродна душа- во секој случај поентираат дрскоста, осамата, изгубеноста. Незабележително првенче, недостојно на целите кои си ги поставува, далеку од руската меланхолија која се обидува да ја постигне.
Втора книга што ја прочитав од Бужаровска. Искрено, после „Мојот маж“ и „Чкртки“ едноставно немам желба набргу да читам друга книга. Невидена меланхолија. Се надевам дека животот не го гледа преку содржината на своите книги; ако е така, тогаш е многу тажно. Фино, читко, разбирливо и комплетно депресивно. Можеби не и ја разбирам пораката, ама тешко дека набргу ќе дофатам уште некоја нејзина книга.
Едноставно, а истовремено многу суштински, на моменти тажно, но и смешно, јас така ја доживеав. Не е четиво за секое време и секаков читател. Треба да се погоди зрелоста на моментот кога да се прочита. Мајсторски раскажани навидум незабележителни секојдневни ситуации што всушност се токму она што вистински го доживуваме и живееме сосема несвесно.