"Писмото што останува непрочитано во џебот од едно палто е причина за едно долго патување кон секој изминат и иден миг од животот. Сто и осум жолти ливчиња со непроменливата порака: Разбуди ме. Мириси што можат да ги разбудат најскриените агонии на животот, секогаш еден чекор пред нас. Како можеме да го пронајдеме она што не сме ни занеле дека воопшто ни припаѓа. Дали тоа, што еднаш суштински се скинало, може совршено да зацели?..."
Прекрасна книга која долго потоа ќе се вгнезди во срцето и ќе направи да се запрашаш за твоите одлуки и постапки во животот. Уживав читајќи! Изобилува со прекрасни мисли кои се вкоренуваат во битието. Непресушен извор на многу животни поуки!
Интригантно и заразно четиво кое, благодарение на сцените кои „се прекинуваат на најинтересното“, не те остава да го оставиш и те тера да читаш уште и уште, за да дознаеш што ќе се случи „во следната епизода“. Динамичен начин на раскажување кој брзо ја менува сцената не дозволувајќи му на читателот да му се здосади, особено на читател како мене, кој сака динамика, а не детални описи. Кога станува збор за описите, тие не се долги, но се доволно живописни да ви ги доведат сите оние мириси на полиња со диви нарциси, на суви билки и превкусен појадок на врвот на самиот нос. Нема ништо повпечатливо и позапаметувачко од мирисот, без разлика дали е вистински, или е добро отсликан со зборови. Темата на романот, барем онаа со љубовниот триаголник, е премногу за мој вкус, па затоа можеби и не ја дадов и последната ѕвездичка во рејтингот. Затоа пак, онаа другата тема за која не би сакала да откривам детали, го задржа целото мое внимание и ме потсети на драга личност, личност која ми била одраз во огледало и огледало на душата. Препорачувам!
Ми недостигаа неколку страници на крајот од книгата.. Ги шушкав листовите со неверување дека повеќе нема.. страниците за последната средба останаа нераскажани, а јас.. Ќе си копнеам по нив. Не сум љубител на вакви краеви, и речени и недоречени.. Знам дека можам да го имам крајот, да го креирам со мислите, но јас сакав да ги почувствувам зборовите на Винка.. Уште еднаш, јас сум нема пред нејзиниот стил на пишување, восхит ми е..