„ЧЕТВОРИЦА ЛУДИ ДРУГАРИ ИМААТ НАМЕРА ДА ГО УКРАДАТ СПОМЕНИКОТ „ВОИН НА КОЊ“ ОД ПЛОШТАДОТ ВО СКОПЈЕ. УРНЕБЕСНИТЕ СИТУАЦИИ ПОЧНУВААТ СО КОВАЊЕТО ПЛАНОВИ КАКО ДА СЕ „ДИГНЕ“ 14,5 МЕТАРСКИОТ СПОМЕНИК КОЈ ТЕЖИ ДЕСЕТИЦИ ТОНИ.
Кој очекува да прочита уште една од книгите на Жарко Кујунџиски, ќе остане бајаги разочаран. Романот е 180 степени поразличен од сè досега, бидејќи е пишуван на скопски сленг а народниот хумор е тој што го движи дејството и дава шарм на несекојдневната идеја која може да ги освои и најголемите мрчатори. Пишувана според целосно бестселерска формула, Скопје и сè е можно лесно и бргу се чита а дејството е и смешно и динамично, како да гледате холивудска комедија. Хуморот во македонската литература е ретко присутен, но овојпат стилот е на чист македонски Квентин Тарантино и ќе ги возбуди читателите од сите генерации и општествени провиниенции.“
М-р Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) – македонски романсиер, есеист, раскажувач, драмски автор, поет, филмски критичар и преведувач. Дипломирал во 2003, а подоцна и магистрирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Бил неделен колумнист во дневните весници „Утрински весник“ (2004) и „Дневник“ (2008-2013), основач и уредник на електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), копирајтер во маркетинг-агенција и прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ од Битола. Сопственик е на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.
Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински, албански и на други јазици. Застапен е во голем број антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013.
Добитник е на наградите „13 Ноември“, „11 март 1943“, „Бели мугри“, „Студентски збор“, како и на награди за сценарио и глума на Фестивалот „Лица без маски“. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.
Приредувач е на Јас имам сон (2010), антологија на најзначајните светски и македонски говори на сите времиња и коприредувач на Дај две, љубовни! (2015), антологија на европската љубовна лирика. Ги превел од англиски на македонски јазик култниот роман Појадок кај Тифани од Труман Капоти (2006) и сценариото за филмот Евтини приказни (2008).
Романот Spectator е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со седум изданија и досега е преведен на полски и на англиски јазик.
Од 1997 година активно пишува и објавува текстови на литературни, филмски, културолошки и општествени теми, во речиси сите поважни македонски весници и списанија, како и во странство.
Авторски книги:
Spectator (роман 2003, прво издание) Ендрју, љубов и други непогоди (драми 2004) Америка (роман 2006, прво издание) Сузан (песни 2008, како Џеси Блејз) Најдено-загубено (роман 2008, прво издание) 13 (раскази 2010) Мојата Сузан повторно девојка (песни 2011, како Џеси Блејз) Најкраткото долго (студија, 2012) Скопје и сè е можно (роман, 2013) Тино од мојот влез, (сликовница за деца, 2015) Ние предметите, (песни, 2016)