Полициски извештај за настан кој се случил во мај 1994 година ја отпочнува приказната богата со ликови и испреплетени стории во чија срж лежи стара мистерија. Во раните утрински часови пронајдено е безживотното тело на полицаецот Зафир. Неговата глава е целосно разнесена од истрел од револвер кој е пронајден до неговото тело. Од извршениот увид на местото на настанот и од извршените оперативни проверки констатирано е дека Зафир се самоубил.
По 28 години во истиот град исчезнуваат две машки лица. Заедничко за исчезнатите е тоа што и двајцата извршиле семејно насилство врз нивните сопруги и тие ги пријавиле настаните во полициската станица.
Потрагата по двајцата исчезнати ја води инспектор кој всушност е син на починатиот полицаец Зафир. Додека трае потрагата по исчезнатите, во полициската станица се појавува и нова млада инспекторка. Нејзиното појавување и започнување со работа во полициската станица во малиот град е сомнително, поради тоа што таа не познава никого во гратчето.
Неизвесна мистерија, која до самиот крај го тера читателот да се прашува како ли ќе заврши, кој е виновникот, кој е мотивот. Фактот дека авторот по професија е инспектор кој ги искористува своите лични искуства и експертиза како инспирација од која ги крои приказните го прави делото уште поинтересно.
Крајот, морам да признаам, ми беше некако малку избрзан можеби, но воопшто не ми сметаше тоа, уживав во секоја страница. Некои работи ми беа неочекувани и одлично смислени, а за тоа кој е виновникот, мене ми беше сомнителен до некаде. Но нема да го откријам името за оние кои не ја прочитале книгата. Топла препорака за книгава, и целосно ќе се занесете во приказната додека читате!
Го запознав авторот, многу симпатичен и непосреден човек. Се гледа дека е стручен за темата за која пишува, добра приказна, добар заплет, но расплетот некако ми дојде наеднаш за неколкуте правци во кој одеше заплетот. Имаше доста наивни делови но сепак е прилично успешен овој втор обид на Далибор, има простор за напредување во неговите следни творби.
Григор како инспектор ќе треба да ги разоткрие двата случаи на исчезнатите мажи. Но, што се крие во неговото минато поврзано со семејството? Што ќе откри истрага за негов починат татко? Дали вистина ќе биде конечно откриена, а со тоа и правдата задоволена и застаната на страна на Григор? Што кога луѓето коишто ви се блиски ќе направат криминален акт, којшто како таков ќе биде скриен со години од Григор? Како на Григор ќе делува таа новонастаната ситуација?
Добра замисла и интересна приказна, ме бендиса што е базирана во Македонија и затоа некако целата атмосфера е блиска, позната. Но сепак на моменти не можев да прејдам преку некои граматички несоодветни реченици, а имаше големи скокови во расплетот што ме изнервираа затоа што направија да се чувствувам дека авторот само сака побрзо да ја дозаврши книгата, а и ликовите можеа да бидат подобро изградени. Сè на сè, би рекла дека е книга што поттикнува размислување на состојбата на многу семејства и е солиден домашен трилер, но ништо импресивно.
Уживав во читањето, приказната е убава и со добар заплет, имаше и некои неочекувани пресврти бидејќи се случуваат повеќе работи во исто време. Ми беше забавно додека погодував дали оној кој ми е лично сомнителен е вистинскиот виновник и со сето тоа ми држеше внимание, па знаев да се разбудам порано за да прочитам некоја страница повеќе пред работните обврски. Браво за Далибор и едвај ја чекам следната книга.