Меѓу пукнатините на реалноста и имагинацијата, Демон Џонс со сигурност знае само дека е маѓепсник. Неговата моќ да создава магиско оружје ја крие со години, но откако се запознава со други маѓепсници, неговата тајна е откриена. Сега тој е прогонуван заедно со другите маѓепсници од групата убијци наречени Витези, кои сакаат да ги истребат сите кои се поврзани со магијата, но и од човекот со сини очи кој еден ден се појавува во неговиот дом и се обидува да го убие. Демон ги спасува оние маѓепсници кои не знаат за Витезите, но внатре во себе крие ужасни тајни од своето минато, кои го спречуваат да продолжи да помага. Тајни кои се причина за неговото чудно однесување и постојано молчење. Тајни кои го имаат привлечено ѓаволот од неговите кошмари. Тајни на кои ни самиот не се сеќава.
Маша Тодевска е авторка, која ужива во пишувањето, читањето на фантастични романи, како и на рефлексивна поезија и кратки фантастични раскази. Моментално учи во СУГС „Јосип Броз Тито“- Скопје.
Била учесник на повеќе фестивали од областа на литературата како: Струшките вечери на поезијата – „Ноќ без интерпункција“ ,фестивал „Нови Простори“ во Скопје. Во 2023 го издава нејзиниот прв роман „Дневникот на Демон Џонс-Кошмарите.“
Магијата, фантастичните светови, отсекогаш ја фасцинирале, а нејзината огромна желба да чита фантазија, ја доведе до идејата за да ја пишува.
Masha Todevska is an author who enjoys writing and reading fantasy novels, as well as reflective poetry and short stories. She is currently studying at СУГС „Јосип Броз Тито“- Skopje.
She was a participant in several literary festivals: Struga Poetry Evenings "Night without punctuation", "Novi prostori". In 2023, she published her first novel "Дневникот на Демон Џонс-Кошмарите.“
Magic, fantasy worlds have always fascinated her and her desire to read fantasy led her to the idea of writing it.
Сите ја знаеме поговорката дека не треба да и судиме на книгата спрема нејзината корица, но ако не беше корицата никогаш немаше да ја купам книгава од Литература и ќе пропуштев приказна што ги ми го врати жарот за фантастични, мистични книги и ме врати за момент во детството кога омиленото нешто ми беа книгите за Нина, девојчето од месечината, и серијата на Надарени. Ми се допаѓа начинот на пишување кој што те прави да се посомневаш во што е реалност а што не, иако на моменти е тешко да се следи замислата на авторот затоа што сè станува премногу хаотично. Има доста простор да се усовршат ликовите и развојот на дејството, но фактот што е дело на млада писателка која има огромен потенцијал, ми влева надеж за иднината на македонската проза.
Нешто ново, свежо, не враќа во минатото кога сé беше возможно, во светот на магијата, борбата меѓу темнината и светлината кој секој еден ја води сам со себе, барајќи сила одново и одново да се одбере правилното. Секогаш не се успева во истото, но само упорноста и храброста нé води кон посакуваното. Читајќи ја книгата, ме исполнува со надеж и ми влева сила повторно да ги сонувам и остварувам соништата кои останале под правта на секојдневието.Топло и искрено ја препорачувам на секој кој има уште барем мал сноп на светлина од она авантуристичкото кое треба да се истражи.
Ја замислив оваа серија на книги- „Дневникот на Демон Џонс“- како фантастична современа приказна за еден необичен, но прилично реалистичен лик и неговата битка со тројца антагонисти- Витезите (на кои им е посветен овој дел), човекот со сините очи (кој е присутен уште од првата страница) како и чудовиштето од неговите кошмари. Овој роман не е приказна во која има главен лик, туку повеќе би го опишала како „лик кој со себе носи приказна“. Неговата борба против чудовиштето од кошмарите завзема главно место- поради што и го нареков овој дел- „Кошмарите“. Идејата за романот ја добив пред неколку години, кога сакав да напишам нешто за себичен, осамен, но храбар, непоколеблив, интелигентен лик, чиј емоции се во постојана борба со разумот. Пред да ја почнете да ја читате книгата, ве советувам да обрнете внимание на чудовиштето од кошмарите односно неговата огромна улога во карактерот на Демон. Можам дури и да кажам, дека ова не е само дневник на Демон Џонс туку и дневник на чудовиштето од кошмарите. И на крај, ќе би посакам да уживате во читањето. Се надевам дека ќе ви се допадне романот.
Ја држам во рака книгата, ја читам и ми поминуваат многу мисли, прашања, дилеми. Авторот ни ја отвора вратата на еден свет, светот на маѓепсниците, каде што реалното се испреплетува со нереалното. Колку пошироко ја отворам вратата, толку ме влече желбата побрзо да ги вртам страниците и да го почувствувам ветерот на магијата.
Демон, момче кое е сѐ само не е обично, живее во обичен свет, правејќи ги секојдневните работи: се буди наутро и оди на училиште, игра на компјутер, мобилeн телефон. Но, тој се разликува, не само физички со неговиот изглед кој го тера во осама, туку има и скриен талент, моќ да создава оружје. И приказната почнува да се раскажува, нитка по нитка, борбата меѓу доброто и злото, меѓу двоумењето и решителноста, силата, храброста, искреноста, стравот… Кошмарите што ги има Демон, се чести и наши посетители во вечерните часови, кога тишината ја зазема главната улога во театарот наречен живот. Неговите дилеми се и наши дилеми, неговата среќа и несреќа се и наши и затоа ни е близок, иако со фантастични моќи, не го чувствуваме далечен. Сите нѐ следат нечии очи, можеби не се сини како тие во случајот на Демон, можеби е нашиот внатрешен глас коj ги поставува истите прашања. Прашањата за доблеста, знаењето, слободата, моќта… се нижат катадневно, а одговорите доаѓаат некогаш веднаш, некогаш доцна, но секогаш од животот. А тој живот, може само да се проживее за да ни ги испрати одговорите.
Во рацете држам хартија, ама таа не е обична, таа е срцето, душата распослана на Демон Џонс. Тука започнува срамежливо да се проткајува една прва љубов која е во зародиш. Таа е љубов на првите погледи, на кажаното, а неизкажанато. Со многу разбирање и љубов, книгата ни ги раскажува доживувањата на Демон, во кои и ние читателите не сме неми набљудувачи, туку сведоци, учесници во вечната борба меѓу темнината и светлината.