XIX век во Струга, Митра Миладинова и Султана Миладинова, поттикнати од понудената поддршка на рускиот славист Виктор Иванович Григорович, почнуваат дело, кое, како што се развива, станува сè подлабоко и посериозно.
Неколку жени перачки кои се сретнуваат на реката, првпат почнуваат да зборуваат за тоа каков би бил светот кога би им се дало глас на жените. Покрај реката почнуваат да учат да читаат и да пишуваат, стануваат учителки кои го шират почнатото таинствено дело низ сечиј дом и душа. Стануваат своевидни интелектуалки кои наоѓаат начин преку анонимно објавувани статии во весниците да допрат до светот. Против неправдата која неколку векови ги обвивала сите, почнуваат да зборуваат и да се борат со дело кое му пркоси на времето и на заборавот.
Живеењето и дејствувањето во сенка излегува на светлина кога се дознава за Тајното женско училиште – Ученољубие.
Тоа што ја прави оваа книга посебна, не е само тоа што се работи за историска фикција, туку начинот на кој е пренесена приказната. Дијана ќе ви го задржи вниманието користејќи различна нарација, онаа во писмата на Митра пишувани на дијалект со кои допира до душата на оваа жена, од трето лице следејќи ја борбата на Митра и Султана за описменување на македонските жени, како и страдањата на Димитар, секој наратив со посебен глас. Оваа книга раскажува една поинаква приказна за настанувањето на Зборникот на Миладиновци, и за тешката борба на нашиот народ за правото да зборува, пишува и да се образува на мајчин јазик, притоа ставајќи ја во фокусот македонската жена.
Прва прочитана книга од авторката. ❤️ Воодушевена сум од нејзините вештини за пишување! Воедно, благодарна што напишала вакво ремек-дело кое го оживува и ни го зближува минатото. Ме потсеќа на Филипа Грегори којашто пишува за жените од англиската историја, и се надевам дека нема да запре тука. Браво!
Длабоко ме допираат приказни со историски контекст за мојот народ. Прв пат се среќавам со творештвото на Дијана Петрова, и мислам дека нема подобро време од ова сега, време на апсолутен историски мрак во кој треба да светнат токму вакви изданија. 5 е затоа што е смела да го создаде овој ракопис на една толку деликатна и болна тема што очигледно свесно се брише од аналите на колективната меморија. Во очекување на едиција за сите важни ликови од нашата тешка книжевна историја. Одлична!