…јас никако не успевав да се ослободам од чувството дека исчезнувам. Кога почнував да зборувам, моите зборови наместо до ушите на присутните, се протнуваа низ еден, за нив недостапен тунел, излегувајќи токму на лисјата од дрвата пред нас, патуваа носени од ветрот преку грмушките што го обрабуваа тревникот во нашиот видик, сѐ до излезот на паркот, право во контејнерите на уличката.
Исто беше и со мојот лик, моето тело што се замрзнуваше и стануваше само рамка од неподвижна слика, толку несмасно потпрена на штиците од клупата, што сите околу мене се наведнуваа и ги искривуваа вратовите само за да ја избегнат додека се обидуваат меѓу себе да се гледаат. Тие избегнуваа да гледаат во мене, ме заобиколуваа како да бев јас некаква препрека.
А јас, без мојот глас и присуство и без само мојот образ, немоќно тонев во лулката која висеше на дебел синџир и осцилираше помеѓу ѕидот на конфузноста во кој сите тие денови си ја удирав главата и оној на бесот поради моето исчезнување што сега толку моќно ја обземаше секоја во мене присутна клетка.
Фросина Пармаковска е родена во Скопје во 1985 година. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии, тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“.
Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). „Вишнова хроника“ (Или Или, 2014) е нејзин втор роман, а „Одбројување" (Или Или, 2017), трет. „Вишнова хроника“ стана финалист за престижната награда Роман на годината за 2014, која ја доделува Утрински весник, а истиот роман подоцна доживеа преводи на бугарски и украински јазик.
Оваа книга е доживување полно со љубов, пријателство, магија, потреба, тага, недостиг... Колкав дел од нас се луѓето што нѐ опкружуваат? Каква е нашата поврзаност? Колкава е желбата да се помогне на другарот, љубениот, роднината? Дали кога тие исчезнуваат исчезнуваме и ние?
Искрено уживај додека го читав романот, посебно во ликовите и начинот на кој се доловени, секој со својата специфичност, и посебно се препуштив на магијата и моќта на мислата.
Уште еден одличен роман на Пармаковска. Иако во основата е егзистенцијалистички, проткаен е со една нитка на магичен реализам која му дава дополнителна свежина. Го има се она што може да се очекува од авторката: чиста нарација; прекрасно изградени ликови за кои имаш чувство дека ги познаваш, такви како да се од крв и месо, но и твои, блиски; приказна која е реална, овоземска, иако допира и во некои други светови и четиво кое со сигурност ќе го препорачувам потем. Нејзиното писмо е позрело од секогаш, а романот се чини послоевит и покомплексен од било кој друг нејзин. Ретко кој се осмелува да пишува за машкото ментално здравје, тоа е како некоја табу тема кај нас, зашто мажите треба да се силни како карпи, нели, а не „да исчезнуваат“, затоа секоја чест за храброста и браво за секој збор, за секоја мисла, зашто не верувам дека некој друг некогаш кај нас ја доловил така добро целата таа комплексност на чувствата кај еден лик кој претрпел толку многу загуби што почнал на крај да се губи и себеси. Сега, откако го прочитав романот, само едно нешто почна да ми смета - не кај авторката, туку кај другите кои пишуваат за него: тоа што сите го нарекуваат Иван - „несреќникот“, „проклетникот“ или слично. Малку пејоративно ми се чини се тоа. За мене тој не е ништо повеќе од „човекот“. Ова е дефинитивно најзрелиот текст на Фросина Пармаковска! Прекрасен роман! Стискам палци да се чита, препрочитува, да се продава како алва, да доживее многу изданија, преводи, да се закити со бројни награди... И најважно од се: да допре до многумина, барем трошка од тоа ко што ме допре мене.
Најтешката за раскажување, приказна, е животната. Нечија, твојата... Онаа, чии ноти и тактови одѕвонуваат во тотална какофонија. За миг ја губиш повисоката октава... сакајќи да го прикажеш раскошот, симфонијата на животот во тој момент крахира со сиот свој сјај. Настанува комплетно сивило! А, Ти, мислиш дека се' уште можеш да сториш нешто, за да го спречиш сопственото исчезнување.
Нема болка, не слушаш гласови, дури и сопствениот те издал, талкајќи низ крошната од капини, да го апсорбираш мирисот на детството. Ко пелин горка, Ти се враќа во сетилната перцепција мирисната нота на сливи. Целиот двор мириса на ванилици со мармалад. Наеднаш, се појавуваат дедо и баба, пред мене чекорат и нежно ко за прегратка шират раце. Јас потрчав, со насмевка и солзи во очите кон симболот на моето детство. И, одеднаш, пред мене ѕид! Висок, темен, чиниш за миг ме зароби во своите пранги, мојата помисла за минатото.
Тешко дишам! Барам пат, трагам по својот спас, чекорејќи низ слепиот тунел, барам грст светлина за да блеснам во целата своја извонредност. Чувствувам топлина, се надевам дрка надвор ќе ме погалат златните сончеви зраци! Се надевам дека ќе преживеам! За себе, за луѓето што ги љубам, за иднината што допрва треба да стане реалност, а не само плод на мојата апстрактна перцепција. Морам да живеам! Да се преродам, да направам патоказ и никој повеќе да не се изгуби во потрагата по својот свет, потекло, јас.
Не сакам да бидам само лик што постоел, сакам да бидам приказна што никогаш нема да престане да се раскажува.
Бал, соба исполнета со еуфоничен призвук и јас, манифестирајќи ја својата потреба да бидам дел од целото. Да припаѓам!
"Сѐ уште можам нешто да сторам" само треба да сакам, или само треба да соберам храброст или само треба да се погледнам во огледалото на животот и да си ги видам болките. Да му погледнам на минатото во очи со поглед чист невин и детски, да се ослободам од сите суети и ега, од стегите на Нечестивиот и со срце полно љубов да сторам сѐ да останам. Бидејќи само ако останам ќе можам да сторам не нешто туку сешто.. Ова е книга која зборува за загубите, за оние луѓе кои заминале, за оние кои ги чекаме да дојдат и за оние кои ненајавено ни "упаѓаат" во животот и со кои не знаеме како понатаму.. За загубите кои не влечат надолу, таму во најцрните темнини каде почнуваме да се губиме и самите себеси.. А сите загуби можат да се преболат, сите болки да се ублажат, само ако не се загубиме самите. Кога ќе почнеме да исчезнуваме ние како индивидуи тогаш животот облекува војнички чизми и не гази безмилосно, тогаш се наоѓаме од другата страна под неговиот ѓон и сме толку малечки и безначајни што ударот на тој тврд ѓон го прифаќаме рамнодушно и како заслуга..
И во овој најнов роман Пармаковска се фаќа во коштец со многу сериозни човечки теми, депресијата, бездетноста, инвитро оплодувањето секојдневието за жал.. Со нејзиниот тивок и мирен стил на пишување што и е карактеристика не води низ овој роман всушност нежно , но сепак тегобно и мачно, какви што се и патиштата на самата депресија. Таа не извикува туку тлее и чмае, гнои некаде внатре, разорува подмукло и итро.. Уште едно нешто што ми остави впечаток е тоа женски автор пишува во машко лице еднина преку два наратива. И тоа толку умешно и добро е спакувано што е за почит. За машкото ментално здравје многу малку се зборува, небаре тие мажите под дефолт не смеат да патат од душевни болки и несмеат да ги болат ни загубите, ни тоа што жената која ја сакаат не можат да ја остварат како мајка... Некаде прочитав најзрелиот роман на Фросина, не се согласувам.. Јас ќе кажам дека е на висина на очекувањата, стандардот на зрелост веќе е поставен со "Одбројување" и "На враќање" ("Вишновата хроника" не ми е читана) Магиски реализам во полн сјај и со сите нишани - повелете роман. "... црвот надвор не е ниту страшен, ниту непокорлив - борбата со него е многу полесна од оној внатре што скриено работи додека сосем не ја испусти душата на овошката"...
,, Се уште можам нешто да сторам " - Фросина Пармаковска
Оваа приказна е како есента. Толку посакувана од страна на земјата, а толку отсакувана од страна на луѓето. Земјата ја сака есента поради врнежите од дожд кој се чести, а луѓето од таа причина, не. Како благодарност земјата ги подарува најубавите плодови, како овошни, така и зеленчукови. Но, од другата страна тука се дрвјата, кој тагуваат како и луѓето, најнапред поради загубата на својот род, а потоа и губењето на својата ,, облека ", лисјата со кој се покриени. А мене, мене тоа ми е омилениот момент од есента, природата најпрво се исцртува во најубавите бои, а потоа шумот на лисјата под моите нозе. Замислете и Вашата приказна да биде како есента !
Сета раскош, но и загубата како дел од раскошот.
Сопствената мајка е дел од Вашиот раскош, но на главниот лик многу рано одземана и станува дел од загубата во раскошот. Тука се бабата и дедото кој од петни сили се трудат да ја надохнадат таа загуба.
Животот се менува, исто како и годишните времиња !
Во еден момент сложувалката ни е составена и не фали ни еден дел, но мало невнимание, еден дел ќе фали и таа сложувалка повеќе никогаш нема да биде целосна. Тогаш го запознава својот ,, брат ", кој фали во неговиот живот. Брат кој е најдобар другар ! Дел кој ќе биде со тебе, дел од сложувалката кој знаеш дека засекогаш ќе биде дел од тебе. Но, дали и со физичко присуство ? Тогаш повторно надоаѓа олуја, па повторно загуба, за да конечно изгрее сонце, а со самото изгревање и раѓање на љубовта, тогаш кога најмалку очекуваш. Тогаш кога во раните утрински часови изгрева сонце, но ти не го гледаш. Но, затоа во вечерните часови следува очекуваниот дожд, кој што не го сакаме и поради кој остануваме во своите топли домови, но токму тој, ни ја донесува љубовта на нашиот живот, п��ед Вашиот праг, пред Вашата врата.
Чук, чук, чук .... Случајност или судбина ! Токму тогаш кога помислуваш, да, конечно сега е се на сопственото место, како и што треба да биде, следува уште еден пад.
Борбата за потомство ! Борбата за љубовта да вроди со плод ! Тој кој што не поминал по тој трнлив пат, не знае. А за сите другите Вас : НА ЗДРАВЈЕ ВО ВАШЕ ИМЕ ! 🍷❤️
Професијата на твојот ,, брат " е писател, па поради притисокот кој го чувствува, најнапред поради краткиот период во кој треба да го напише својот нов роман, а и поради личните психички проблеми, односно пад на инспирација, помислува дека е соодветно Вашата борба да ја испише на празните страници, за да и другите знаат дека не се сами.
Но, што кога ти си тој кој треба, да ги испише последните страници за твојата борба! Борба со животот ! Борба со твојот последен ден !
Пред самиот крај на оваа приказна, јас пцуев ( често пцујам 😬 ), пцујам и сега, а и ќе продолжам да пцујам. Имав претчувство дека крајот ќе биде таков и тоа и го добив.
Читајте ја нашата Фросина, задолжително. Откријте како добро знае да пишува и кога нараторот е машки лик, колку истражувала и се посветила на таа проблематика, за да ние читателите ја добиеме оваа приказна во нашите раце. Ни самите не сте свесни колку прекрасно плете приказни.
Се уште можам нешто да сторам, а јас сторив со тоа што и ја давам својата несебична поддршка кон нејзиното творештво. Те очекуваме во блиска иднина со нешто ново ! ❤️🍷
Конечно, роман по Вишнова хроника од Пармаковска, кој успеа да ме раздрма! Иако многу, ама навистина многу ретко ми се случува, ова е една од тие книги што би ги купила без да ми е познат авторот или темата само поради тоа што насловот е толку добар. Темите кои се обработени се истовремено многу важни и тешки. Авторката пред нас целосно го соголува главниот лик Иван. Ни дава да му ѕирнеме во темнината и да му ја слушнеме тишината. Го гледаме како некој посебен човек. Но, Иван е само еден обичен човек со кој се разминуваме секој ден, кој можеби седи до нас или работи спроти нас. А можеби и секој од нас е малку Иван. Токму затоа сметам дека темата во книгата е многу битна, треба да се пишува и зборува за менталното здравје. Прочитајте ја и дозволете си магични мисли!
Одлична нарација, интересно градење на приказната, примеси на магичен реализам. Од друга истражува многу интересни теми како неплодност, семејство, пријателства, отуѓеност, па и на некој начин депресија. Топла препорака!
Солиден прв дел, во вториот ми го изгуби вниманието. Се повторуваат сцени, се претрчуваат навидум клучни моменти, не ми ги долови сосема успешно емоциите на главните ликови. Знам дека Фросина може и подобро од ова, сум ги читала и другите нејзини книги. Севкупно, мојот впечаток е како да брзала да ја напише книгава.
Врв,многу над просекот на денешната Македонска литература.Благодарност до авторката за убавите моменти со читањето на нејзините романи. Оваа ми е трета прочитана книга од Пармаковска!