Дејството на романот се одвива во Гостивар и Скопје во минатото, сегашноста и претпоставена иднина. Приказната се врти околу семејството Савески кое навидум изгледа среќно и успешно, но всушност е расцепкано и климаво.
Приказната започнува сосема обично: Г-ѓа Лилијана Савески ги собира исушените кошули на мажот ѝ, Глигор и во себе се навраќа на младоста која одамна ја одминала и на сите соништа кои ги заборавила. Позади неа е Јованка, нејзина пријателка од младоста, а сега вид послуга во куќата на судијата Савески. Понатаму, го запознаваме и Глигор Савески, судија пред пензија. Шармантен господин кој обожува млади девојки и никако не сака да подлегне на македонските стандарди и традиции, но сепак, без да примети го прави тоа. Марио Савески е синот на семејството. Дипломиран правник, пораснат со зборовите „Ова сѐ ќе е твое и ти ќе си одговорен за сите… Ти си најдобар… Гордост… Глава… Син“. Марија Савески е седум секунди постарата сестра на Марио, таа е дипломиран економист, порасната на поинаков начин од Марио, со зборовите, „Ти си женско – ќути… Ти си туѓа куќа… Ќе добиеш само спална… Кога ќе раѓаш.. итн.
Покрај семејството Савески, романот раскажува и приказни на десетина споредни ликови кои, на крај ќе се поврзат како една пајакова мрежа. Сите ликови во романот се измислени.