„Заборав“ е роман на смел, ангажиран и критички, често и духовито интониран поглед врз ова време во кое системите на моќ и пари го потиснуваат обичниот човек, нашиот современик, но и на нашиот сограѓанин. Сочувствен кон бројните ликови на својата прозна книга, Османли пишува роман за доминирањето на егоизмот, отуѓеноста, техницизмот и за тивките драми на неговите книжевни јунаци, осамените единки што тонат во лични, но и во различни видови, колективни заборави. Низ дејствувањата на живи, ововремени карактери и низ мноштво, живописно доловени ситуации, романот „Заборав“ говори за изумирањето на сочувственоста на психолошко, на либералните етички и на традиционалните вредности на општествено рамниште; за ништењето на социјалните ангажмани и нивните замени со лажни, потрошувачки дефокуси, создавајќи реалност на неразбирливи хибриди и збунувачки контроверзии. Ни сложен и возбудлив фабуларен пристап, Османли во својата најнова прозна книга, говори за цивилизациската морална регресија и за глобално активираниот системот на произведување севозможни видови заборави…
Томислав Османли (Битола, 1956) е писател, колумнист, есеист, драматург и теоретичар на медиуми. Диломирал право на Правниот факултет во Скопје, четири децении работи како новинар, уредник во доменот на културата и уметностa, а уште подолго време се занимава со уметничко творештво.
Автор е на дваесет и четири книги: проза, теорија, публицистика, драмски текстови, сценарија. Неговата студија „Филмот и политичкото” (1981) е првата македонска теоретска книга посветена на Седмата уметност, a „Стрип, запис со човечки лик” (1987, 2002) првата македонска теоретска книга посветена на Деветтата уметност. Неговата прва збирка раскази, „Пеперутката на детството“ излезе во 1993 год., во издание на Мисла. Книгата јудео-балкански раскази и новели „Светилка за Ханука“ (2008) стана лауреат на наградата „Прозни мајстори“. Романот „Дваесет и првиот“ беше прогласен за Роман на годината за 2009, а потоа и избран за македонски претставник во книжевниот натпревар за наградата „Балканика“.
Играниот филм „Ангели на отпад” (Angels of the Dumps, 1995) работен според неговото оригинално сценарио, беше прикажуван на меѓународните фестивали во Каиро, Сан Диего, Белград, Пула, Подгорица, Рим; а, посебно, на специјална, дводневна програма на Американскиот филмски институт (AFI) во Националната кино сала на Кенеди центарот во Вашингтон, САД.
Неговата пиеса „Двајца во Еден“ (Тwo in Eden) 1998 беше поставена на сцената на театарот Јоhn W. Gainse во Њупорт, Вирџинија, а потоа селектирана и прикажана на театарскиот Blue Ridge Festival во Ричмонд, Вирџинија, САД.
Со книгата драмски текстови „Ѕвездите над Скопје” (The Stars over Skopje), заедно со 12 други балкански книжевници, беше воведен во Литературниот годишник на „Encyclopaedia Britannica“ за 2001. година.
Прозните текстoви му се објавувани во книги и списанија во странство, на англиски, француски, српски, руски, грчки, хрватски, полски, Ладино (јудео-шпански), Иврит (хебрејски), арапски, рoмaнски, бугарски…
Бил члан на редакциите на списанијата: „Ideje“ (Белград), „Погледи“, „Разгледи“, „Teatarski glasnik“, „Културен живот“, како и на ПЕН списанието „Macedоnian review“. Литературни, како и текстови од теоријата на филмот, стрипот и театарот, објавувал во речиси сите македонски и повеќе поранешни југословенски списанија.
Добитник на бројни награди во сите домени со кои се занимава.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Член на македонскиот ПЕН клуб, повеќе пати избиран во неговата Управа.
Од минатогодишните (2023) финалисти за наградата „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ ми остана непрочитан само романот „Заборав“ од Томислав Османли. Причината за тоа е што го немаше ни под дрво, ни под камен. Го најдов случајно, пред некој ден, месеци откако се откажав од потрагата и заборавив на него. А испадна дека е роман кој не смее да се заборави!
Прекрасен постмодернистички роман полн со интер и интратекстуалност, автореференцијалост, мултимедијалност (во него постојат дури и QR кодови кои водат до youtube видеа со реклами или музички нумери на кои дел од ликовите се сеќаваат во една од епизодите) и нешто што мене особено ми се допадна - елементи на магичен реализам. Романот е истовремено и фикција, но и есеј, трактат за феноменот на заборавот како епидемија на нашето време. Османли се осврнува на сите лица на заборавот: и колективниот, често изнуден од разни општествени групи преку процеси како маргинализација, дефокусирање па се до „мемориски дамнации“ - казнувања со бришење на различни ликови, факти, вредности или случувања од колективната свест; но и сите видови на индивидуални амнезии, тука претставени преку плејада на ликови од кои еден се обидува да не го заборави она Скопје од младоста и минатото кое се обидуваат да му го избришат преку маскирање со неброени згради, споменици, галии во Вардар и мостови; друга, седната во инвалидската количка во старечки дом се сеќава само на покојниот сопруг, но не и на синот кој секој втор ден и носи јадење или на внуците кои ги израснала; трет - актер кој ги помнел наизуст сите реплики од сите драмски текстови кои некогаш ги играл, но го заборава текстот на најважниот, оној со кој се простува од сцената; четврт - политичар кој заборава се што треба да напише во мемоарите кои ги подготвува па затоа ги претвора во љубовен роман; петти - човек кој на смртната постела го заборава грчкиот јазик кој го зборувал цел живот и се сеќава само на егејскиот дијалект кој го заборавил откако на само 5 години бил однесен од родното огниште... Но Османли нуди и лек за индивидуалните заборави, а тоа е љубовта, па така ова може да се толкува и како роман за различните видови љубов кои се противтежа, антидот на заборавот. Или како што вели на крајот - има еден начин со кој можеме да престанеме да забораваме: да се сеќаваме на се, да памтиме бе!
Интересно е што иако романот е сместен во денешницата (поконкретно, дејството се одвива во периодот 2018-2023), тој се осврнува на многу моменти од минатото, со што како да сака да ги лиши од заборав: Втората светска војна, холокаустот, американските воени интервенции во блискиот исток па и на Балканот, премрежјата по кои поминаа Македонците по распадот на СФРЈ, невработеноста и тој транзиционен период кој траеше не години, ами децении, ужасите на грчката граѓанска војна, проектот Скопје 2014, па се до криминалот и корупцијата кои владеат денес во Македонија. А секој од овие периоди од минатото и денешницата, иронично, турка во заборав некои други времиња, места, луѓе, сеќавања...
Навистина прекрасен роман кој го прочитав во еден здив и верувам дека нема да го заборавам. Штета што не е доволно промовиран и достапен за пошироката читателска публика кај нас, зашто „Заборав“ е роман кој помага да не заборавиме како треба да изгледа едно вистинско книжевно ремек дело. Секоја пофалба!