Коки е прилично затворен тип, кој веќе 10 години живее во Њујорк, без да се врати во татковината. Да, можеби е малку осамен, но животот таму му е убав; има девојка која ја сака, одлична работа, стан и веќе е навикнат на рутината. Кога неговиот најдобар другар Мики, последен од големото друштво во Скопје, решава да се жени, го бара токму него за кум. Коки не е воодушевен од идејата, особено затоа што токму во тој момент на работа лансираат многу важна апликација за голем клиент и не смее да ризикува, но Мики успева да го убеди, ветувајќи му дека сè ќе биде многу брзо, а свадбата мала и без никакви церемонии. Во бурниот професионален живот во Њујорк, Коки едвајуспева да земе три слободни дена, иако планира да работи на апликацијата во текот на целото патување. Но не е свесен што го чека во градот кој е многу променет од неговото заминување, во истиот стан од детството и младоста, со семејството и лудото друштво, македонските необични адети и низа други компликации додека се обидува да го реши главниот проблем на апликацијата. Растргнат помеѓу минатото и сегашноста, девојката во Њујорк и убавите скопски девојки, Коки само се обидува да го заврши патувањето без дополнителни проблеми, но тие некако упорно го следат, без оглед на тоа колку се труди да ги избегне.
Скоро една деценија Коки живее во Њујорк. Има одлична работа, прекрасна девојка и стан од кој има поглед за завидување. Тој се одлучи да ја напушти Македонија и да си ги оствари соништата далеку од дома. Можеби на почетокот му беше тешко и беше осамен, но со тек на времето се вклопи во њујоршката околина.
Коки не ја посетил својата татковина 10 години. Меѓутоа, кога добива повик од неговиот најдобар другар Мики со веста за неговата женидба сфаќа дека тоа ќе се промени. Мики сака тој да му биде кум и ветува дека ќе биде мала и мирна свадба, без големи церемонии. И покрај огромните обврски на работа, Коки успева да добие три дена слободни.
Тоа е само почетокот на лудата авантура која го очекува во Македонија, се чини како сите тие години далеку од дома да му се насобирале долговите, за во тие три дена да си ги наплати, и тоа со голема камата.
Колку урнебесна приказна! На почетокот е мирна, за потоа на секоја следна страница да се случува понекоја незгода. Кога сфатив дека кумот нема лесно да помине ми стана интересно и дури се обидував да предвидам што следно ќе му се случи. Дали ќе ги загуби прстените? Дали ќе се појави во непримерна облека на свадбата? Дали воопшто ќе успее да ги изврши своите обврски како кум?
Оваа книга е моја втора средба со Саша и се воодушевувам колку прекрасен стил на пишување има! Тука е малку прилагоден за да се зачува автентичноста на приказната, но многу вешто е тоа направено што воопшто не се забележува. Те освојува уште на првите неколку страници и не те ослободува сѐ до самиот крај. Иако е мала книга, читателот се чувствува како да прочитал многу повеќе страници, благодарение на сите незгодни пресврти.
Единствена забелешка ми е што ми фалеше нешто. Цело време очекував да има некој пресврт или цел кон која се движи приказната, но немаше. Можеби тоа е до моите очекувања и што мислев дека поинаку ќе заврши. Ама несомнено уживав во секоја страница. И, баш би сакала да го видам ова дело на филмските платна!
,,Кум" е едно лудо возење низ скопските улици кое верувам нема никого да остави рамнодушен. Приказна која те тера гласно да се смееш и на крајот да побараш повеќе страници. Приказна која ги содржи нашите обичаи и традиции, па затоа читателот ќе ја чувствува поблиску до срцето. Книга која блика од емоции и која засекогаш останува во тебе, долго време по читањето.
Сум се смеела на глас читајќи во автобус, толку беше смешна! Одлично доловени моменти кои на сите нам ни се познати, напишани со автентичен говор, што предизвикува чувство на блискост со самите ликови. Приказнава е кратка и се чита во еден здив, а сепак буди многу емоции. Браво!
После Кум што ми е трета прочитана книга, можам слободно да констатирам дека Саша ми е еден од омилените, ако не и најомилен македонски автор.
Големи пофалби за стилот на пишување, секога лесен и едноставен без многу одолговлекување.
Многу ми се допадна Кум зашто е современа и болно реална книга која до најситно зрнце достојно ги прикажува донекаде и комичните адети на скоро секоја македонска свадба, која ќе плачете од смеење додека ја читате.
Кратка книга, но доста интересна! Цело време се смеев на незгодите што му се случуваа на кумот. Но искрено очекував поинаков крај на книгата, но сепак чиста 5ка за книгата!
Само што ја завршив со читање ,,Кум" од Саша Богдан и можам да кажам дека многу сум се смеела. Многу забавна книга! Стилот на пишување јасен и лесен, едноставно прекрасна! Прв пат читам книга од оваа авторка и апсолутно сум сигурна дека ги сакам сите нејзини дела во мојата домашна библиотека! Ако сте во некаков ,,down" период, па и да не сте , ви препорачувам веднаш да почнете да ја читате. Браво за Саша Богдан!
Брза, забавна и на моменти тажна токму заради реалната нишка што се проткајува. Оригинално и дословно опишани последните две децении што ги живеат нашите генерации и предизвиците на родителите на отселените со кои се носат при секоја нивна посета: своето дете повеќе не е исто, има нови непознати навики, нови непознати гледишта. Од аспект на оној што се отселил, маестрално прикажан закржлавениот развој на татковината и задушениот потенцијал на се' и секому. Секако, сето ова, низ призмата на оригиналниот хумор, е вешто ставено на хартија со досетливоста што во себе ја носи Саша Богдан. Смеа, солзи, сеќавања и препознавања, не верувам дека има некој што не би се пронашол во некој од ликовите. Посакувам ова да е втор дел, по ,,Здравица", во еден серијал наречен ,,Македонски современи приказни". Саша, само напред 🥄🥂
Одамна ја меркам книгава, најмногу поради тоа што ретко излегуваат романи во жанрот комедија од страна на домашни автори. Ми беше забавно додека ја читав, и се познава дека не е деби остварување на авторката. Структурата на книгата е фино поставена, со класичен deadline на крај преку завршувањето на свадбата и летот за назад кон дома на главниот лик, временски теснец што добро пасува на овој жанр. Ми се допадна и тоа што на крајот имаме некоја мала промена во размислувањето на протагонистот како резултат на настаните од романот.
Тука отприлика завршуваат работите кои ме бендисаа кај книгата, па време е и за тоа што според мене, можело да биде далеку подобро:
- Хуморот е претежно ситуациски, предизвикан од контрастот на модерниот живот во современа земја наспроти традиционалните вредности поврзани со правењето на свадба. Малку ми беше веродостојно дека човек може да не е запознаен со основните обичаи поврзани со свадбите кај нас, дури и да подолго време живее надвор. - Поголемиот дел од ликовите се површно изградени и еднодимензионални, што не ми претставуваше преголем проблем, но ми сметаше што и главниот лик осцилираше на само една димензија. - За крај, ми фалеше посилен момент на поврзување на содржината со пораката на книгата, иако како што кажав, приметив што авторката се обидела да направи преку самиот крај.
Севкупно, просечно остварување, му фалат стотина страници со кои што сум сигурен дека претходноспоменатите недостатоци би се испеглале. Ова би му дошло некаде измеѓу 3 и 4 со оценка, зависи од расположение.
🩷🩷🩷🩷🩷 КУМ е дело кое ја овековечува македонската традиција за навек! Една македонска свадба со сите адети, марифети и обичаи исткаени преку доживувањата на кумот на една свадба! Браво за Саша Богдан, која овој пат засекогаш ме плени, а секој што ќе ја прочита приказната ќе биде верен и лојален читател за навек! Очекувам и филмска адаптација наскоро, па и еден Оскар и уште неколку награди на филмски фестивали! До догодина ја молам авторката да го објави продолжението Кумот рипна во тавче.... И потоа една серија во неколку сезони!
Прекрасна книга,за другарството од мало нозе кога ни далечината не го запира.Покана за кум на свадбата на најдобриот другар е само билет да се врати во Македонија и да помине едно патешествие за назад
Долго време ја меркам книгава и конечно стигна и во мои раце. Типично би рекол Македонска приказна, после и скопска.. ми се доаѓа многу хуморот ептен е од секојдневниве ситуации. Искрен да бидам мислев дека во некоја авантура ќе се пушти Коки дали со продавачката во ВИП или со Вики, ама ништо. Крајот е двосмислен, дали треба да очекуваме и втор дел? Топли препораки од мене :)