Блаже Конески е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.
Интересен е начинот на кој Конески успева да ги долови секојдневните тегоби и радости кај обичниот човек. Особено ми беа впечатливи оние раскази каде што е опфатен детскиот свет, конкретно расказите „Прочка“ и „Изложба“. Првиот расказ има автобиографски елементи и говори за детето кое „првпат чувствува дека во душата може да настане една студена празнина, од допирот на нешто непознато, страшно и бесмислено“, чувства кои се јавуваат кај главниот лик по смртта на неговото сестриче. Чувството на болка е присутно и во вториот расказ каде што детето се среќава со чувството на „ситна болка“ - како што ја нарекува Конески, навидум од не толку битни случки, кои пак, „остануваат долго во душата и одвреме-навреме како песочинки ја глочкаат“.