Серија убиства на жени во 2022 година. Локација - Хермескаил, Германија. Ова е приказна раскажана од тие кои се дел од полициската ИСТРАГА и се во потрага по убиецот, тие кои се НАДВОР ОД ИСТРАГАТА, како и од перспективата на раскажувачот во еден ДНЕВНИК. Дали на крајот сите ќе се поврзат и испреплетат?
На страниците на овој роман ќе го сретнете најспецифичниот вид сериски убиец. Откријте зошто. Меѓу профилерите и психолозите се' уште се дебатира околу мотивот кој ги придвижува дејствата на овие сериски извршители.
Родена на 27.04.1992 година во Скопје, Мери Арсова е автор на трилер романот „Опасна игра“ - 2021 година, со кој влегува во полуфиналето на конкурсот за наградата „Пегаз“ на фондацијата „Славко Јаневски“; крими трилерот „Коски, пепел, чад“ - 2024 година, и водичот на англиски јазик "Eat like a local Macedonia", објавен на Амазон.
Мистериозна, интересна, возбудлива... Книга за тоа колку нерешените работи од минатото можат да не прогонуваат, колку навидум ситните одлуки или колебање значат многу. Овој роман нуди плејада ликови кои ќе ве уловат, за кои ќе навивате, за љубов, среќа, решение, спас... А во сето тоа и еден сериски убиец :)
Да не знаев дека книгава е од мк автор, ќе речев шо мака има женава со умот? Ама нема да речам, зошто знам дека Мери нема мака со умот, ама затоа Мери ме фрли мене во некој ролеркостер, за да помислам дека јас имам мака со умот. Ова е трилер кој содржи се што треба да содржи еден одличен трилер! За овој роман, треба да позавидат многу таканаречени трилер авторчиња. За да склопиш нешто вакво, за да креираш нешто вакво, треба да си маестро бе. МАЕСТРО! Јас ветив дека лично ќе се потрудам книгава да се најде во што повеќе раце. ЗА МЕРИ ТЕК ДОПРВА ЌЕ СЕ СЛУША!!!! Ти честитам и ти се поклонувам.
Само што ја завршив втората книга на Мери Арсова, „Коски, пепел, чад“ и искрено ќе кажам дека книгата е во моите топ 10 трилери што ги имам прочитано последниве години. Мери, ова е мајсторски напишано! 👏🏻👏🏻👏🏻 Ова е трилер кој ниту еден македонски читател (особено љубителите на крими-трилери), не смее да го пропушти! Додека го читав романот ми се допадна тоа што сцените беа полни со неизвесност, опасност или мистерија, а моето тело реагираше исто како да сум навистина во шумата, која се наоѓа во Рајнската област, во Германија. Срцето ми забрзуваше, мислам ќе излезеше, адреналинот растеше, а мозокот ми леташе на сите страни со милион прашања. Еден период (последните 20 страни) застанав и си реков СТОП, чекај Александра малку, смири се. Нека ти легнат информациите и потоа доврши ја книгата, целосно фокусирана. Така и направив и само ќе кажам (иако ми беше страв како ќе го заврши), Мери даде совршен крај.👏🏻👏🏻👏🏻 Не можам да ви опишам со колкава љубов, возбуда и нетрпеливост и го чекам следниот роман! ❤️
Доста солиден трилер за домашен автор за кого ова е само втор роман, со добро разработена мистерија, приказна во која на крај сè се сложува и нема никакви неодискажани работи или недозавршени дејствиа, што всушност е ретко за трилер бидејќи многу странски автори обожаваат да остават така наречени "loose threads" и "plot holes". Ме привлече и начинот на пишување, нема беспотребни повторувања на фрази, секој збор е на место и не се одолговлекува разрешувањето на случајот со залудни конфликти меѓу ликовите, туку напротив, сето тоа помага да се движи дејството напред.
Единствена маана е што на моменти целата приказна ми наликуваше малку на шпанска серија, секој некако поврзан со секого, па и со појавувањето на малку клише љубовен тријаголник и сомнителните одлуки на ликовите оддава впечаток дека ништо нема да има смисла, но знам дека баш во малите места луѓето се често испрепрелетни како свински црева, и како што кажав, на крај сè се совпаѓа. Исто така би сакала да имаше малку подлабоко навлегување во психата на убиецот, чисто заради тоа шо најмногу ме интересира, но сè на сè, книга што ќе ви го привлече вниманието и вреди да се прочита.
Арсова одлично си ја завршила работата. Дело кое може да стои рамо до рамо со сите од истиот жанр преведени кај нас. Можеби и подобро во некои аспекти од приказната.
Посебно ми е драго што во домот на Антолог, Мери Арсова влегува со сосема солиден роман, кој ги содржи сите елементи што современите крими-романи треба да ги имаат. Се забележува гоооолем напредок во однос на нејзината прва книга, како во градењето на приказната и позадинските истражувања, така и во психолошката обработка на ликовите. Одвај чекам да видам што ќе е следно што ќе испадне од нејзиното перо.
Романот „Коски, пепел, чад“ од Мери Арсова претставува впечатлив трилер кој успешно ги комбинира елементите на криминалистички наратив со длабоки психолошки портрети и напнато истражување на човечките мотиви. Сместен во малото германско гратче Хермескаил, романот ја истражува мистериозната серија убиства кои се случуваат во опседнатата шума, создавајќи атмосфера на неизвесност и страв.
Арсова вешто ја користи структурата на повеќе перспективи, прикажувајќи ги настаните низ очите на детективот Јохан, неговата соработничка Нела и обвинителката Фрида. Оваа повеќеслојна нарација овозможува длабоко проникнување во личните демони и мотивации на главните ликови, што ја зголемува емоционалната тежина на приказната.
***
Јохан: Детектив со бурно минато, чие опседнато барање на правда го води на пат на саморазнишување.
Нела: Интелигентна и истрајна соработничка која го балансира Јохановиот интензитет со својата рационалност.
Фрида: Обвинителка која се соочува со морални дилеми, балансирајќи ги правдата и личните чувства.
Овие ликови не само што ја водат истрагата, туку и ја истражуваат сопствената човечка природа, што додава длабочина на целокупната приказна.
***
Романот се бави со теми како што се опседнатоста, љубовта, тајните и човечката природа. Стилот на Арсова е динамичен и интензивен, со внимателно изградени сцени кои создаваат силна атмосфера на неизвесност.
„Коски, пепел, чад“ е роман кој успешно ги комбинира елементите на криминалистичкиот трилер со длабоката психологија на ликовите, создавајќи приказна која ќе го задржи вниманието на читателите. Арсова докажува дека е автор кој знае како да создаде напнат и емоционално богат наратив. Ова е еден од романите кои ќе ги ставам во листата на омилени книги.
Highly recommended! Трилер кој се чита во еден здив. Ликовите се многу добро осмислени заедно со секое поединечно дејствие. Приказната има тек и многу неочекуван крај што лично мене највеќе ми се свиѓа во ваков вид на трилери!
„Коски, пепел, чад“ ме фати уште од првата реченица и не ме пушти до самиот крај, а дури и по една година и десет дена сфаќам колку длабоко ме потресе ова дело. Еднаш, додека разговарав со една докторка, таа ме праша:„Што ќе студираш ти”Ѝ одговорив: „Би го сторил речиси секое нешто, само да не морам медицина, но ако морам, гранката патологија ми изгледа фасцинантна“ – токму затоа што Мери Арсова ја објаснува со таква прецизност и човечка длабочина.
Во малото гратче покрај Рајнската шума, Арсова гради сложена мрежа од ликови и наративни слоеви: детективот Јохан, Нела и обвинителката Фрида чекорат низ крвавата хроника за исчезнатите жени, додека во дневникот на убиецот ја откриваме неговата студена, пресметана лудост. Ги читав дневничките записи како отровен шепот во мојата свест – спој на нарцизам, студена пресметливост и немилосрдни импулси, кои ме натераа да се преправам дека ја разбирам логиката зад нив, но и после три обида да погодам кој е убиецот, дури и не бев ни блиску.
„Коски, пепел, чад“ не е само криминален трилер – тоа е интимна психолошка археологија, песимистичка симфонија на човечките души распукнати под товарот на сопствените тајни. Шумата е повеќе од едноставен пејзаж: таа е симбол на потиснатите сеќавања, сенки што ги кријат и најнежните, но и најтемните страсти. Со секое ново поглавје, таа станува поблиска, побрастна, неумолива, додека ликовите борат една судбоносна битка со сопствените демони.
Фрида ја замислував како Џорџа од „Ginny & Georgia“, едноставно со еден збор „iconic” – со таа комбинација на решителност и благо насмевка што крие цврстина, а истовремено ја оддалечува од стереотипот „обична обвинителка“. Таа, заедно со студенокрвната Нела и ранливиот Јохан, го балансираат правниот систем и човечката емпатија во постојан судир со неправдата.
Јазикот на Арсова е брутално директен и необичнолирски — збор по збор, таа гради слики остри како нож, кои го распукуваат мирот во душата и го расплеткуваат мозаикот на ужасот што го крие секој човечки ум. Секоја страница пулсира со напнатост: пресврти што не се шок-ефекти туку природен развој на потресните ликови и нивните мотивации.
По читањето, останав со грутка во желудникот што само потврди дека ова дело заслужува многу повеќе од петка. „Коски, пепел, чад“ е книга што не можете само да ја прочитате – вие со неа живеете, дишејќи го чадот на тајните на Арсова и носејќи ги нејзините „коски“ како нераскинлив дел од сопствената историја.
Оценка: 10/5 – зашто ретко која книга умеe така виртуозно да ве измами, да ве потресе и да ве инспирира да размислувате долго по последната страница. 😄
П.С: Во блиска иднина книгава ја замислувам како серија на „Нетфликс” 😎
„Коски, пепел и чад“ ми е прв роман од Мери Арсова. Дејствието се случува во мало гратче во Германија. Исчезнуваат жени, за подоцна да бидат пронајдени нивните унаказени тела. Полицијата сфаќа дека си има работа со сериски убиец.
Приказната е раскажана од аспект на повеќе ликови, вклучувајќи го и убиецот. Авторката вешто ги разработила ликовите, давајќи му на секој посебно „јас“, за да сите заедно ги испреплете во една приказна за убиства. И успеа до последно да ме држи во неизвесност.
Е сега, поучена од еден претходен пост, ќе си кажам.
Не ми се допаѓа кога македонски автор ќе го стави целото дејствие на приказната во странство. Посебно во место каде не бил. Македонија има доволно места кои можат да се искористат не само за љубовни, туку и за сцени со убиства. Ама тоа си е мое мислење.
Има сцени за кои е преочигледно дека ги пишувала жена. Со сета поддршка за жените како автори, ама има работи кои едноставно нормален маж нема да ги направи, само на жена може да ѝ падне на памет. И пак ќе кажам, ова си е само мое мислење.
Генерално, романот ми се допадна, и се надевам дека ќе читам уште романи од оваа млада авторка во иднина. Препорака за книгава, се надевам ќе прерасне во серијал.
Книга за редок тип на сериски убиец кој преку записите во дневникот и самиот се обидува да се пронајде. Тајни кои поврзуваат и разделуваат луѓе во една мала сплотена заедница каде злото успева да се пробие. Постојано се случува нешто ново и тоа не дозволува да ја испуштиш од раце.
" Животните ситуации се тие што не обликуваат и не детерминираат, тие одлучуваат наместо нас, што ќе станеме, во што ќе се претвориме..."
Каков трилер луѓе мои што направила нашата Мери...Леле па оваа е нешто најдобро што сум го прочитала во последно време.Оваа е трилер од светски рамки каков што досега немало на нашето тло,едно големо големо браво👏👏👏..Мери само продолжи така јас сум воодушевена...И дефинитивно твојата книга да се најде на светскиот пазар би била со гаранција бестселер.. ❤️👏❤️👏
Како прво морам да кажам дека ме фасцинираше целокупната истрага поткрепена со факти.Се гледа дека нашата писателка вложила доста труд во истражување на процесот на горење на човековото тело и воопшто целокупната истрага за расветлување на случајот...Ме фасцинираше самиот опис на ликовите, целосно се поврзав со секој од нив кои беа предобро вклопени и разработени во целата приказна.. Книга која мора да ја прочитате, книга која не се испушта од раце...Трилер од кој ќе ви смрзне крвта од ладнокрвноста на овој психопатски убиец ..Крај од кој ќе останете со подзината уста...
Дејствието на романот се одвива во мало гратче во Рајнската област во Германија кое е обиколено со густа шума кадешто убиецот ги остава останките на убиените жртви...Убиецот своите жртви ги пали живи поточно ги кремира ,а каде се одвива целиот процес полицијата и детективите не можат да му влезат во трага на убиецот затоа што тој не е ни малку наивен..Тој е секогаш чекор пред нив .Во првиот случај остава само коски,во вториот само пепел,но тие не се единствените настрадани жртви.Убиецот е толку паметен што позади себе не остава никаква трага,нема ниту никаква поврзаност помеѓу жртвите..
Каков е овој монструм што безмилосно може да пеплоса човек..?. Дали недоволното внимание од фамилијата ,траумите од детството се клучен фактор за еден човек да стане ваков тип на сериски убиец или пак одредените животни ситуации кои придонеле до таквата психичка состојба на личноста? Трилер кои продира длабоко во семејните односи и нивните недостатоци...
Што е тоа што може човек да го направи БЕЗЧУСТВИТЕЛНО ЧУДОВИШТЕ?
Во книгата се среќаваат доста ликови во и надвор од истрага,но тоа не претставуваше никаков проблем да се поврзам со нив..Сите тие ликови предобро беа скоцкани во целиот процес на истрага и надвор од неа која според мене беше брилијантно опишана до најситни детали и тоа поткрепени со факти која книгата ја правеше уште побрилијантна..
Една обвинителка,неуморен детектив и неговиот целокупен полициски и форензички тим неуморно работат на расветлување на случајот,но од убиецот ни трага....Еден дневник која крие тајни од пред половина век,такви тајни што ќе направат вистинско цунами доколку бидат откриени..Една внука Катерина која е дојдена кај нејзината баба на гости за да си ги расчисти мислите се затекнува во пеколниот вртлог на страшните настани и место да го добие посакуваниот мир таа е заглавена во големи проблеми..А какви нема да ви кажам..
Трилер полн со неизвесност,убиец од кои ќе ви се повраќа,убиства од кои ќе ви се наежи секој дел од вашата кожа и од кој ќе ви се преврти целиот желудник..Каков ќе биде исходот и кој е убиецот ве оставам да откриете..Убиецот нема шанси да го погодите се до самиот крај..
Убиец кој зад себе не остава никаква трага освен КОСКИ, ПЕПЕЛ, ЧАД...
Ми се допадна идејата за приказната, но и како истата беше донесена во реалност од страна на авторката. Навистина ми беше интересна, а солиден беше и стилот на пишување. Сепак, сметам дека одличен трилер треба да има шокантни и непредвидливи пресврти, нешто што тука ми недостасуваше бидејќи од самиот почеток беше скоро очигледно како ќе се одвива дејството. Исто така, би сакала малку подлабоко да се запознаевме со убиецот и неговата психа, да дознаеме нешто повеќе за начинот на којшто размислува или пак некои моменти од живо��от коишто ја оформиле неговата личност.
Вториот роман на Мери Арсова "Коски, пепел, чад" создава интригантен спој на случувања околу серијата убиства во Рајнската област во Германија. Дејството е сместено во мало гратче опкружено со густа шума. Исто така романот ги разгледува последиците на убиства врз заедницата и различните аспекти на човечките односи.
Преку различни гледни точки на ликови, романот ги претставува полициските истраги, вклучувајќи ги неуспесите и предизвиците со кои се среќаваат во истрагата. Сепак, освен полициската перспектива, книгата исто така ја раскажува приказната од гледиштето на луѓето кои надвор од истрагата се справуваат со лични тајни и предизвици.
Наводот за дневникот додава дополнителен слој на мистеријата и напнатост на раскрсниците помеѓу различните ликови, што оставаат трајни последици на нивните психички состојби.
Со фокус на меѓучовечките односи и влијанието на настани од минатото, романот "Коски, пепел, чад" не само што ја истражува динамиката на мала заедница, туку и покажува како нешто што се случило половина век порано може да влијае на сите присутни, секој на свој начин.
Со ова, Арсова создава комплексна и врзувачка книжевна студија која ги стимулира размислувањата околу човечките природни навики и морални избори во контекст на темни и таинствени случувања.
Ја прочитав во еден здив, почнувајќи ја со утринското кафе. Мери си создала ремек дело. Дело кое го ставам на пиедестал со најдобарите трилери. Полициската истрага е добро осмислена, поткрепена со многу факти, љубовната приказна која е неизбежна, го прикажува емоционалниот дел во книгата, ама најмногу сум восхитена од тоа како е изграден ликот на убиецот, од погледот во неговиот ум, од неговата присебност и интелект. Мастрално си ги скоцкала сите делови - човечкиот ум, љубовта, тајните, предаството, товарот што го носат ликовите, искупувањето, чувството на вина и нивното преплетување е причината што си создала совршено книжевно дело. Преубава книга!
Одличен трилер кој може во се да им парира на странските писатели кои творат во овој жанр. Одличен опис на ликовите, не многу нападен со непотребни детали. Самата приказна е најјаката страна на оваа книга. Се надевам дека авторката би размислила да створи серијал со овие ликови.
Подобра од првата книга, Мери ми е пријатно освежување на македонската авторска сцена. Вреди да се прочита, топла препорака од мене. Се надевам на нови приказни, наскоро.
"Кого можеш да го излажеш дека си жив, кога се што имало во тебе- умрело?" Уфф каква моќна реченица! Мери Арсова, посериозните почетоци во книжевноста ни започнаа во исти ден и драго ми е што се придружи со твоето второ дело "Коски, пепел, чад"во екипата на "Антолог" и повторно играме за иста екипа 🙂 Јас сум човек кој што не знае да прави лице и сакам да потенцирам дека со овој роман ги побиваш сите предрасуди за македонските автори, а конкретно за "трилерџиите". Одличен роман, еден трилер кој што има се што е потребно, од вовед, изградени ликови, приказна систематски изградена, истрага, мотив и одлична локација каде што се одвива дејствието за ваков тип на жанр.Но, што е многу поважно од сето тоа да се има добра приказна, јас ти кажав и пред некое време, а тоа е стилот.Стилот кој што го има еден автор, го разликува, или издвојува од другите, а кај тебе стилот е одличен и отскокнуваш од многу македонски автори, кои што имаат зад себе и по неколку романи.Тоа е нешто што никој не може да ти го одземе, па макар да заврши и три факултети за книжевност.Си напишала одличен крими-трилер и само продолжи во тој правец, дефинитивно ти лежи овој начин на пишување и се надевам дека еден ден "Коски, пепел, чад" ќе се преведе вон нашите граници. Читајте македонски автори! Браво ! 👏👏👏
Да ми кажеше некој дека Мери Арсова е германски трилер мајстор, познат насекаде во светот, ќе му поверував. Ова е најдоброто нешто што сум го прочитал од македонски автор, а мислам и дека е подобра од половина од трилерите што се издадени во последните неколку години (не зборувам само за македонски автори туку и преводи).
Имаме приказна за еден специфичен сериски убиец којшто не само што убива немилосрдно, туку е од видот кој се уште се истражува и е тешко да се фати. Приказната ни е раскажана од три перспективи, од ликови кои се вклучени во истрагата, од ликови кои се надвор од истрагата и еден дневник.
Она што најмногу ме изненади колку има разлика во стилот и пишувањето на Мери од првата книга. „Опасна игра“ мене многу ми се допадна, ама ова е mind-blowing. Самото раскажување е лесно, не „тапи“, туку дејството се одвива брзо и нешто што ми е многу битно - нема „дупки“ во приказната, на крајот се си дојде на свое место, секоја најмала ситница. Исто така, ликовите се многу добро изградени.
По моите остри критериуми за трилери ова е јака тројка, меѓутоа фасцинантно е колку авторката има напредувано за разлика од првата книга. Исто така ова е нешто што е најблиску до она што сакам да го прочитам, а воедно се гледа и дека Мери вложила голем труд за книгава. Па, од овие причини ја „наградувам" со стаклена четворка, со ветер во грб за третата книга да биде уште подобра. :)