Стара семејна тајна носи голема опасност, дури и по неколку декади…
Пред стотици години, трговецот Вилфрид Војнич открил ракопис кој до ден денес се смета за најтаинствениот и најмистериозниот ракопис на светот. Напишан е на чудно и непознато писмо во комбинација со необични илустрации и дијаграми. Многу светски научници и стручњаци за шифри се обиделе да го дешифрираат, но досега ниту еден нивни труд не вродил со плод.
Хана Дејвис пишува статии за весник во Њујорк. Иако нејзиниот живот не бил лесен, ниту просечен, сепак таа се изборила да заврши факултет и да си најде работа во еден од најголемите градови во Америка. Текот на нејзиниот живот наеднаш се менува кога добива повик од полицијата во Кејп Меј. Единствениот човек со кого е во крвно сродство и единствен нејзин близок роднина – нејзиниот дедо – е убиен во неговиот стан. Таа стои пред една од најважните одлуки кои мора да ги донесе – дали да продолжи со животот во Њујорк или да се врати во нејзиното родно место и да ја продолжи работата на дедо ѝ во семејната антикварница.
Така одлучува да се врати во Кејп Меј. Кога се сретнува со адвокатот за тестаментот, сфаќа дека дедо ѝ ѝ оставил скриена порака. Ни самата не знае што значи пораката, ниту како ќе ја дешифрира. Сепак, со малку помош од старите пријатели и малку среќни околности, успева во тоа. Но една порака ја носи кон друга па кон трета. Откривајќи ги сите три, таа се става во огромна опасност. Пораките ја водат до тајно откритие, поради кое и дедо ѝ го загубил животот.
A very interesting idea for a storytelling. Nicely written, with a lot of imagination, very easy to read - it reminded me a little of Dan Brown's style. But the end... weeeeell the end shocked me. Time well spent. My recommendation.
Рецензија за романот „Италијанскиот ракопис“ – Маестрална мистерија што ќе ве остави без здив
Искрена, првична реакција штом ја завршив книгава беше „WOAH”, не се сеќавам на книга што во скоро ме влечеше олку да знам што следно ќе се случи. Денеска бевме, фамилијарно на манастир за душевна релаксација, недела ден за црква, а после седнавме да се релаксираме со кафе и да уживаме на сонце, но толку што ме интересираше ја земав книгата и прочитав, замислете две глави, повеќе него доволно, а сега да преминеме на рецензијата.
Некои книги ве привлекуваат со својата корица, други со синопсисот, но вистинските ремек-дела ве освојуваат со својата длабочина, атмосфера и неизвесност. „Италијанскиот ракопис“ од Лепа Гештаковска Христовска е токму такво дело – комбинација на мистерија, трилер и драма, со богата емоционална подлога и впечатливи ликови. Овој роман не е само уште една обична приказна за заговори и тајни, туку интелигентно напишано дело што успева да ве држи во неизвесност до самиот крај.
Главниот лик, Хана Дејвис, е млада новинарка која со многу труд и саможртвување успеала да се издигне над животните препреки. Родена во нефункционално семејство со родители зависници од коцка и дрога, таа научила дека единствениот начин да успее е да се потпре само на себе. Иако најголемиот нејзин срам се нејзините родители, па и не би се согласил со нејзиното мислење. Како некој што имал татко коцкар, можам да кажам дека немам потреба да се срамам за него, тој треба самиот да се срами за себе, anyway. Нејзиниот живот во Њујорк, еден од најгламурозните и најпредизвикувачките градови во светот, ѝ носи чувство на исполнетост – сè додека два шокантни настани не ја фрлат во најмрачната животна криза.
Првиот удар е предавството на нејзиниот долгогодишен партнер Бен. Таа дознава дека тој водел двоен живот, криејќи тајни кои целосно ја рушат нејзината доверба во него. Долгогодишната врска, во која верувала и ја градела со љубов, се уништува до корен за само неколку секунди. Ова предавство ја остава скршена, изгубена и збунета.
Но, како болката да не беше доволна, пристигнува и вториот удар: добива телефонски повик со вест што ѝ го леди срцето. Нејзиниот дедо – единствениот човек кој некогаш ѝ бил потпора, кој ја сакаше безусловно и ѝ беше единственото вистинско семејство – не само што починал, туку бил убиен.
Одеднаш, Хана се наоѓа на крстопат. Дали да остане во Њујорк и да се гуши во спомените од пропаднатата врска со Бен, или да замине во тивкото гратче Кејп Меј и да ја истражи мистеријата зад смртта на дедо ѝ? Дилемата ја прогонува, но на крајот одлучува да се врати во местото каде што некогаш била среќна – кај дедо ѝ, барем во мислите и сеќавањата.
Авторката извонредно го доловува топлиот, но истовремено мистериозен Кејп Меј. Кејп Меј е место со душа, но и со темни тајни. Иако не си таму, додека читаш се чувствуваш дека си таму. Сѐ е толку детално објаснето, што е за пофална.
По пристигнувањето во Кејп Меј, Хана не само што се соочува со сопствената болка, туку почнува да открива загрижувачки детали за убиството на дедо ѝ. Како што истрагата се продлабочува, така се појавуваат нови, непредвидливи пресврти.
И тогаш во приказната се појавува Тајлер. Првично, нивната средба изгледа случајна, но како што напредува приказната, читателот почнува да се прашува – дали навистина е случајна?
Тајлер е интригантен лик. Тој има харизма, но и сенка што го следи. Неговиот став, познавањето на некои детали и начинот на кој ја гледа Хана будат сомнеж – дали е тој вистински сојузник, или можеби има свои скриени намери?
Она што е фасцинантно е хемијата меѓу нив. Дијалозите се динамични, а тензијата – и романтична и психолошка – се гради маестрално. Оваа динамика додава дополнителен слој на возбудливост во приказната.
Една од најголемите доблести на романот е неговата непредвидливост. Само кога ќе помислите дека знаете каде води приказната, авторката прави остар пресврт што ве остава без здив. Секој лик, секој детал, секој разговор има своја улога во сложувалката, и сè се открива со перфектна динамика.
Убиецот? Апсолутно непредвидлив. Додека многу мистериозни романи ги следат истите шаблони, овој роман успева да изненади дури и најискусните љубители на трилери.
Лепа Гештаковска Христовска пишува со леснотија, но со длабочина. Нејзините реченици се течни, природни, а опишувањата создаваат слики во главата на читателот. Не се задржува премногу на непотребни детали, но сепак успева да ја изгради атмосферата совршено.
Дијалозите се реални, а емоциите вистински. Книгата се чита брзо, бидејќи секоја страница носи нешто ново, нешто што ве тера да продолжите понатаму.
Иако во суштина ова е мистериозен роман, тој содржи и силна психолошка нишка. Темите на загубата, предавството, потрагата по вистината и самоспознавањето се вешто обработени. Хана не е совршен херој, туку човек со вистински емоции, кој низ истрагата за смртта на дедо ѝ всушност ја открива сопствената внатрешна сила.
„Италијанскиот ракопис“ е книга што ги надминува очекувањата. Таа не е само мистерија, туку и психолошки портрет на жена која се соочува со најголемите предизвици во животот.
Со совршена комбинација на напнатост, емотивност, интелигентен заплет и неочекувани пресврти, овој роман заслужено може да се вброи меѓу најдобрите мистериозни книги во последните години.
Ако барате приказна што ќе ве изненади, ќе ве натера да размислувате и ќе ве држи во неизвесност до самиот крај – оваа книга е вистинскиот избор.
Хана ќе ја израсна дедо и Кенет. Но, до каков пресврт ќе дојде во животот на Хана, по смртта на дедо и? Дали таа ќе ја откри енигма за италијанскиот ракопис? Зошто не ги сфаќаме доволно сериозно нашите пријателства, а богами дури понекогаш и добро да се запрашаме, размислиме? Пред се тука мислам на вистински пријателства. Бидејќи само тогаш ќе се покажат вистински лица на нашите пријатели, многу недоумици од минатото за нив ќе излезат на површина преку нивните постапки. Дали Хана конечно ќе пронајде човек што ќе го сака засекогаш?
Ова е прекрасна книга, која се чита во еден здив и одвај чекате да ја свртите следната страница за да дознате што ќе случи. Лесно напишана, убава приказна и во ниту еден момент не се посомневав во тоа кој е негативецот.