Што ако, преку ноќ исчезне причината за милениумската борба помеѓу христијанството и исламот?
Асли е сопруга на Иштар Азим, очајна да се оствари во улога на мајка. Иштар сè уште не може да ја преболи смртта на сестра му, така што нејзиниот дух е причината за нивниот нарушен брак. Тој е сега препознаен од цела земја и пошироко. Неговата единствена издадена книга, ги руши рекордите на читаност.
Неочекувано, пред да настапи зимата, во седум часот и педесет минути, Истанбул го засенува најголемата трагедија во историјата. Додека владата се обидува да го спаси градот од пепелта, почнуваат да се навраќаат прашања од минатото. Вистината за мртвиот Осман Џалал, деталите во објавениот роман, исчезнувањето на девојките од брегот и една од најдлабоко закопаните тајни во подземјето на Византион.
Седум часот и педесет минути е продолжение, со испреплетени два поларитети на градот – истанбулската елита и дупката на Мраморното море од каде што се раѓа трговијата со органи. Како и тајната реликвија на Ватикан, стара илјадници години, покриена со брановите на Босфорот.
Богато разјаснувачко завршување на митот за Камила Џалал, кое само по себе отвора историски прашања на кои овој роман има деликатен одговор.
Што останува кога ќе се урне нешто што ги поврзувало генерациите, духовноста и смислата на опстанокот? Останува ли само празнина која може да биде исполнета со вистина – ако преживеаните имаат храброст да ја побараат?
Додека ја читав оваа книга доживеав повеќе чувства, проживеав повеќе животи, поминав низ многу фази од животот. Ја доживеав мистичноста на внатрешното будење и борбата помеѓу доброто и злото, го доживеав духовниот хаос и на човекот и на општеството, ја помирисав и тежината, болката, надежта, ја вкусив и духовноста, но не како доктрина туку како болен процес на прочистување и препознавање на човечноста. Па затоа ќе кажам дека оваа книга е книга каде мистичноста создава духовна магла, епитетите ја обојуваат психата на ликовите, духовноста е патот кон вистината, а катарзата – единствениот начин човекот да се врати себе си.
Седум часот и педесет минути не е само наслов, туку аларм што ѕвони во срцето на човештвото. Овој роман е духовен сеизмограф – го мери потресот меѓу верата и сомнежот, минатото и иднината, светлината и сенките во човекот.
Седум часот и педесет минути е момент што не е „цел час“ — тоа е како прекин, како точка на преодност , како границата меѓу старата и новата реалност, миг кога се случува промена, прекратко време кое носи големо значење. Човекот никогаш не е целосно спремен , комплетен, исто како и времето што никогаш не е точно и целосно. Секогаш има нешто што останува недовршено, неизговорено, како тие десет минути до осум часот. Ова време е како повик дека треба да сме присутни во моментот, да го цениме времето, иако не е совршено, ама едноставно го имаме.
Поставувањето на временската рамка на дејството во книгата е како предупредување дека ако не се соочиме со себе си сега, иднината нема да ни биде далечна ,туку ќе биде веќе изгубена. Таа е само предупредување, а не предвидување на “Ова ќе се случи, ако продолжиме вака“, не затоа што времето носи зло, туку затоа што човекот не учи од минатото. Затоа и судбината на Аја Софија ни го посочува падот на совеста.
Чувствата во книгата не се на површинта , тие се неговата архитектура. Болката, стравот, гневот и жедта за вистина се ткаенината од кои е создадена истата.
Љубовта во книгата е огледало на човечката состојба – половично кажана, често тешка, но секогаш присутна. Таа е и болка, и надеж. И молк, и вресок. Таа не спасува, не води кон вистинската катарза. Иако е далеку од класичниот романтизам, таа е тежок товар, тивка борба и жед за вистина и спокојство. Таа е и бунт и жртва,, и гнев и прошка, постојано на работ на тичината и зборот.
„Сакав на тој начин да те сакам. Да си до мене. Да си спокојна.“
Ова е љубов што сака мир и близина, но не по цена на губење на себе си . Тоа е љубов што боли, што дава надеж, што чува и што те ослободува. Тоа е љубов што не се наметнува. Љубов што не сака сè – туку само едно нешто: да биде тивка сигурност за другиот. Да си до мене, не значи „да бидеш од некого“, туку да бидеш блиску, дури и ако не си целосно од некого. Да си спокојна – одраз на крајот кој ја носи целата тежина. Тоа е љубов што го поставува мирот на саканата личност над сопствените желби. “Сакав на тој начин да те сакам…“ е реченица што ја зборуваат само оние што љубеле длабоко и тивко. Љубов која не гори, туку свети. Љубов како молитва, а не како сопственост.
„Можеш да им се мешаш на другите во нивните зборови, но, никогаш, немој да се осмелиш да ја прекинеш нивната тишина.“
Зборовите се зборови, слушнати. Тие се како светлина што можеш да ј видиш, да ги допреш, да те предизвикаат, можат да се прекинат, да се изменат, да се избришат, да се додадат, ама тишината е нешто свето, сопствено, неприкосновено. Таа е внатрешниот свет, тајната градина на душата, местото каде се раѓаат сите вистински чувства, мисли и болки. Тишината е човечко прибежиште, основен мотив за почитта кон внатрешниот свет, кон неизречените болки и чувства и никој и никако не треба да се наруши, оти во неа се крие надежта.
Затоа и ќе кажам дека оваа книга не е само обична книга, туку и повик да си ја слушнеме сопствената тишина и тишината околу нас, да ја почитуваме и тежината на љубовта, таа за секој еден е различна, да ги почитуваме чувствата на другите и да се соочиме со времето што доаѓа и со сите негови неизбежни прашања.
И овој пат, Јоване, си создал дело исткаено и сплетено од нишки на време и тишина, од сенки и светлина, од љубов што тивко гори и болка што лечи. Секоја страница дише, шепоти, повикува – како молитва што ја допира душата и отвора прозорец кон невидливото, кон непознатото.
Твоето ремек-дело е како таен храм, каде што зборовите се свети огнови што топлат, и тишината е најсветото прибежиште на човечкото срце. Со нежност и сила си исплетел приказна што не се раскажува, туку се доживува – длабоко, смирено и бескрајно. Во ова дело има катарза што се раѓа од страдањето и прошката, од љубовта што сака да биде мир, не поседување. Тоа е подарок за оние што сакаат да го слушнат гласот на душата, да се изгубат и пронајдат во сплетот на зборови и тишина.
Си создал повеќе од книга – си создал свет што живее, дише и лечи.
Оваа книга за мене беше прекрасно изненадување, почнувајќи од приказната, па ликовите и стилот.
Приказната е повеќеслојна и испреплетена со судбините на ликовите, добро сработена и со одлично финале. Тоа што е интересно како низ една трагедија се протолкува друга, како функционираат ликовите при тоа и како се менуваат нивните односи, а во срцето на сето тоа е религијата и организираниот криминал.
Интересно ми беше што книгата во суштина нема главен лик, и како читател сите ги доживеав подеднакво важни. Секој лик си има сопствен глас, а резултат на тоа се и добро напишаните дијалози. Тука е и фокусот на нивната внатрешна борба, наспроти надворешното дејство, уништувањето на храмот над храмовите Св.Софија и истовремено то киднапирање на пет девојки.
Стилот на Јован Илиески ме изненади, посебно неговиот вокабулар и изразување, ткаењето на емоциите со ситуациите и гледам огромен потенцијал во него како автор, затоа што има простор за подобрување.
„Татко ми, Босфор“ и продолжението „Седум часот и педесет минути“ се книги што се читаат со леснотија – не само затоа што приказната те влече, туку и затоа што носи вистинска емоција.
Во првата книга, „Татко ми, Босфор“, ја запознаваме Камила Џалал – еднаш како детективка која ја бара вистината за смртта на својот сопруг, другпат како девојка која, преку низа необични пресврти, се наоѓа во срцето на сарајот Јилдиз. Оваа двојна перспектива ѝ дава посебен шарм на приказната и создава чувство дека Босфорот не е само географија – туку и душевен мост меѓу времиња и идентитети.
Продолжението, „Седум часот и педесет минути“, носи нова зрелост – како приказната да пораснала заедно со ликовите. Ликовите тука се длабоко обликувани, нивната психологија е внимателно разградена, а приказната добива на комплексност и емоционална тежина. Се чувствува значаен напредок на авторот – стилот е далеку подобар, нарацијата поискусна, а ликовите го добија токму она кое што ми фалеше во првата.
Му кажав и на Јован, во првата книга имал простор да пишува уште повеќе, приказната ми беше доста интересна, што ми беше малку, посакував да имаше уште. И крајот на првата, дојде сосема неочекувано и едвај чекав да продолжам со втората. А во втората, приказната зазема друга перспектива, токму како што требаше.
За љубителите на Босфор, на историски мистерии, и на приказни што го спојуваат минатото и сегашноста – ова се книги кои топло ги препорачувам. Уникатна приказна, раскажана со љубов и душа. ❤️