Таа не верува дека некогаш повторно ќе љуби, бидејќи смета дека во животот, човек само еднаш може да доживее вистинска, длабока, исконска љубов. Затоа, по драмата која ѝ го менува светот од корен, Стела Еванс бега од секој маж кој сака да ѝ се доближи поблиску од она што за неа е прифатливо. Посветена на својата професија, и во постојан обид да си ја излекува расрквавената душа, ќе успее ли да го наслушне шепотот на судбината и да се соочи со сенките кои истата ќе ѝ ги врати од минатото?
Тој е силен, убиствено згоден, неприкосновен шармер, на којшто ниедна жена не може да му одолее. Но, тој нема доверба во ниту една претставничка на понежниот пол, па затоа отворено им ги кажува своите намери, а тоа подразбира само добар секс и ништо повеќе. Кога најмалку очекува, Брајан Купер ќе се соочи со животен пресврт во кој може да изгуби сé, но и многу да добие. Кога во непредвидени околности ја запознава храбрата, синоока убавица, ќе успее ли комплетно да ѝ верува или ќе продолжи тврдоглаво да се спротивставува на она што за него го има смислено судбината?
Преемотивна книга која нема да ве остави рамнодушни, со која додека ја читате ќе плачете и ќе се смеете... книга која раскажува за загуба на близок, за надежта дека повторно ќе пронајдете љубов во својот живот, но и за тоа што е вистинско пријателство!
Книгава ми дојде како шлаг на торта на мојот годишен одмор. Го одолговлекував читањето со цел да и се посветам целосно и не згрешив. Буквално ја проголтав во еден здив. Предобра!!! Приказната е неодолива и не ми дозволи да ја оставам книгата ниту за миг. Што да кажам, браво Ана, дефинитивно поседуваш писателски квалитети од светски ранг! 👏👏👏❤🥰😘
Втора книга на нашата Ана, прекрасна емотивна романса во која целосно се внесов. Ме трогна приказната за Марк, воопшто не го очекував тој крај за него, како и за нивната љубов. 💔
А начинот на кој Брајан дојде во приказната е толку уникатен и интересен што нема да сакате да ја оставите книгата пред да дознаете што ќе се случи следно.
Блискоста на Стела со нејзините пријателки е навистина круг кој секој би го посакал во својот живот, спремни на сѐ, и хумор и тага.
Немаше споменат лик кој не ми се допадна, а според развојот на приказната, има голем потенцијал за втор дел, па и серијал. 😍
Првенчето на Ана "Совршен допир" беше причина за моите високи очекувања кон оваа книга и среќна сум што се достигнати.