Млад и непознат писател со афинитет да напише значајно дело, еден ден случајно налетува на веќе објавен роман со наслов „Ненасловена месечева соната“. На негово големо изненадување, како автор на романот е наведено токму неговото име; а како уште поголемо изненадување – романот дури и разработува една тема што тој долго време ја чувал во себе и планирал да ја напише, иако никогаш вистински не го сторил тоа.
Писателот го разлистува романот и увидува дека е составен од два кратки раскази наречени „Сонување“ – едниот на почетокот, другиот на крајот – кои претставуваат рамка во која се сместени уште и: роман-пролог, два поголеми романи и една белешка од приредувачот.
Првата романескна приказна ја раскажува несреќната судбина на Даниел и Матилда, кои по еден трагичен настан остануваат без своите ќерки. Еден ден, Даниел наоѓа бебе напуштено покрај депонија и се одлучува да го земе со себе. Тој го вдомува бебето и покрај негодувањето на својата сопруга, без да го пријави во надлежните институции, сметајќи го како свое изгубено дете.
Втората романескна приказна ја следи судбината на начитаниот и повлечен Јон, кој е израснат во јавна куќа. Јон среќава девојка, Сандра, која го запрепастува поради речиси идентичниот изглед со учителката по пијано од неговото детство – неговата прва телесна и духовна привлечност. Набргу, Јон се опседнува со Сандра и почнува да ја следи.
Давор Стојановски е роден во Скопје во 1987 година. Магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Застапен е во домашни и странски поетски и прозни антологии и списанија.
Добитник на наградата „Ана Франк“, како и на откупната награда за расказ на дневникот „Нова Македонија“, за расказот „Соба со тенки ѕидови – сонувајќи го Цејлон“ (2011). Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (ИЛИ-ИЛИ, 2013) влезе во потесниот круг за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“. Неговиот втор роман, „Собирачи на пепел“ (ИЛИ-ИЛИ, 2016) ја освои наградата Роман на годината на „Утрински Весник“.
Ми се допадна суптилноста со којашто авторот ја придвижува приказната и открива нови работи во неа. Целото дело има егзистенцијална нишка која му дава тежина на текстот и не беше многу лесна за читање, но тоа не е негативна карактеристика, туку само кажува повеќе за тоа колку детално е развиена содржината на делото. Проблемот што го имав со книгава е што ми требаше доста време да навлезам во приказната, па затоа имав периоди на мрза каде што губев волја за да ја земам во раце и да продолжам. Имено, тоа ми беше проблем на почетокот на вториот дел од романот - „Месечева соната“. Секое оставање на книгата и нејзино повторно подигање беше мала борба за мене за дали да се откажам или не. Најмногу што ме натера да продолжам беше љубопитноста за да дознам повеќе за ликовите што беа споредни во првиот дел, и мило ми е што продолжив затоа што градбата на ликовите, иако напати бавна, е восхитувачка. Најмногу ми се допадна приказната на Анастасија Т., затоа што многу лесно ме влечеше и ме впиваше во нејзиниот свет. Сѐ на сѐ, вреди да се прочита.
Првенчето на Давор го прочитав во еден миг. Ме фасцинираше приказната, неговиот убав македонски јазик, тоа што Јан Лудвик од Папокот на светот како да оживеа повторно и ја продолжи својата приказна преку Јон од овој роман, а најмногу ме восхити фактот што му се посветил на романот со години. Малку се разочарав поради тоа што повторувањето на имињата на сестрите е чиста случајност, но и покрај тоа - на романов му давам овации и аплауз! Одвај го чекам второто дете што ќе се роди од перото на Давор! Во исто време, без трошка срам ќе признаам, ептен сум горда што живеам во исто време како него :)