За колкумина од оние што ги познавате можете да сте сигурни дека љубовта или болката не го бојадисале нивниот живот, во бои зависно од чувствата што ги одбележале. Во „Одмаздата на богомолката“, Оља Петрушевска-Томева нѐ води низ мрачен и сензуален лавиринт од емоции, каде љубовта и болката се вечни сопатници. Сара е силна, но длабоко повредена жена, чие детство е обележано со загуба, насилство и молк. Нејзината глад за правда и одмазда ја турка низ светот, од темните тајни на родниот град до блескавите фасади на меѓународниот бизнис. Кога се враќа дома, минатото ја пречекува со отворени раце-старата болка, заборавените пријателства, нераскажани вистини. Повторната средба со самата себе, средбата со сестра ѝ Ева, нерешените убиства, мистериозниот инспектор и незаменливиот пријател Филип, единствениот маж нејзиниот живот – сите се дел од мозаикот што полека се составува. Или можеби само така изгледа..
Дали крајот е навистина крај? Или е само уште еден почеток?
Овој психолошки роман со елементи на трилер и длабоки емотивни слоеви ќе ве натера да се прашате колку навистина познавате некого-па дурии самите себе.
“Љубовта и болката – двата најголеми човекови сопатници во животот.“
Ова е една прекрасна психолошка книга каде љубовта и болката се како две сенки што постојано го следат човекот низ животот. Сенки кои понекогаш се прегрнуваат, понекогаш се борат меѓу себе, но никогаш не исчезнуваат. Љубовта понекогаш дава смисла, пушта трошка светлина во душата затворена и црна, но болката е посилна, посебно ако доаѓа од оние што требало да те заштитат, а не успеале во тоа. Ова е книга и за семејното насилство и неговите последици кои одекнуваат низ целиот живот на оној што ги претрпел. Ова е книга за деца кои растат со страв наместо со љубов, со плач наместо со смеа и за тоа како болката станува нивни идентитет, за тоа дека телото на таквите деца, и како деца и ако возрасни станува затвор, и секое чувство на доверба им е уништено. Ова книга за тоа дека штом една мајка не знае како да се грижи за децата и е слепа и глува за се што се случува околу неа, тогаш таквите деца растат и живеат со чувство дека не се вредни за љубов, и дека болката кои ја чувствуваат е нормална. И подоцна се раѓа одмаздата во било каква форма, не затоа што носи мир, туку затоа што дава илузија на контрола каде што некогаш владееле немоќ и болка. Ова е книга за одмаздата како крик, како вресок кој вика и се дере: Видете ме!, Слушнете ме! Сфатете колку боли! Ова е книга која ве тера да размислите дека одмаздата е патот кон огнот, опростувањето е патот кон тишината, а исцелувањето е патот на силните. Ова книга која ќе ви каже дека Да, понекогаш, кога болката е преголема, а загубата е длабока, човекот не бара одмазда, ниту прошка. Наместо тоа, почнува да се преправа — дека е личноста што некогаш била, или уште потрагично, дека е личноста што ја изгубилa. И на крај ова книга која ќе ве остави будни за да ја дочитате во еден здив, книга која ќе ве натера да размислувате, книга која ќе ви ја протресе душата.