Еднаш преживеав страшен пад во река, а веќе следниот пат доброволно влегов под пазувите на водопадот, што биде нека биде и пропаднав длабоко со лицето вперено во стравот, еве сум, реков, дојдов, ако сакаш земи ме! Ама водата одби да ме земе, всушност, водопадот, па и реката, немаа никаква намера да ме земат мене, тие ги земаа сите, немаа ништо лично против мене и за момент се почувствував глупаво што дозволив таа помисла да ме излаже дека сум нешто посебно, зашто, да си посебен на крајот не ми значеше ништо, моите проблеми и понатаму си останаа мои. Соочувањето со тој страв ми помогна полесно да го разберам, сфатив дека стравот има своја гравитација за да те држи близу, додека тој, како најсветла ѕвезда, се ширеше и се загреваше, и во еден момент гравитацијата стануваше толку силна што те вшмукуваше во себе, а оттаму никој не се вратил (ист).
Не ми се допадна книгава. Леска е таков иритантен и истовремено безбоен лик каков што одамна не сум сретнала. Општо сите ликови во книгава се некако во аут, ниеден не ми беше доволно изграден за да ми се чини бар малку ,,отелотворен’’. Стилот на раскажување е обичен, ненаметлив, тук-таму понекоја убава мисла што ми се допадна, ама ништо особено оригинално. Самата тема што ја обработува книгата, созревањето на една девојка од нашето поднебје, воопшто не ми задржа внимание. Многу други споредни теми зачнати иако никаде не водат: абортус, проблеми со однесувањето, откажување од посакуваната кариера, компликациите на модерните врски итн…
Премногу реализам за мене, нешто веќе видено и доживеано, просечна животна приказна прераскажана по милионити пат, но не на некој нов или креативен начин . Значи, не пронајдов ништо во приказната што би ја одвоило од која било друга ‘coming of age’ приказна и тоа е голема причина зошто ова не е нешто кое ќе ми остане во сеќавање со позитивен впечаток.
„Леска Брезоска“ е фантастичен книжевен подвиг на Симона, значи такво едно облекување плашт на сериозен, современ автор што ми е ќеиф што ја познавам. Школа за суптилно провлекување на важни теми, школа за сликање приказна и Фелиниевски шарм. Браво.
Леска Брезоска е една од оние книги што одново ме увери дека добро напишаните приказни се помоќни од сите апликации на телефонот.
Леска ми дојде како чист, свеж ветер после недели и недели смог. Уште додека чекав потпис од Симона на промоцијата си читкав и се смеев и знаев дека ќе ми се допадне. Ова е една нежна но необично силна, интелигентна, забавна и над сѐ оптимистична coming of age приказна за едно девојче што полека го осознава светот и животот околу себе.
Од симпатичното и наивно детство во Гостивар до преселбата во Скопје и прераснувањето во млада жена што оснажнува и сигурно чекори низ животот, преобразбата на Јане/Леска во она што треба да биде, без да се загуби себе и својата верба во животот, ја прави книгава четиво на кое пак ќе му се навратам, особено кога ќе ми треба „свеж воздух“.
Симона многу ненаметливо но умно ги става сите општествени (македонски) проблеми под рефлектор, без претенциозно да суди и да наметнува решенија за нив и како треба да биде.
Нема да споредувам со претходните книги, зашто Леска си е посебна приказна, планета во друг систем, но само ќе речам дека пишувањето на Симона што веќе е признато и наградено, отишло светлосни години подалеку.