По долго трагање Искра ја пронајде жената Еленка кај последните куќарки горе на Ридина, одвоената населба од градот. А за сето искачување по ридот не ја држеше убедителна мисла дека тој ден ќе биде поразличен од другите. Но треба да се обидам, си рече, треба да се направи нов обид. Ако сум тргната да стигнам да стигнам до целта, не треба да ме дрѓи дилема дали да го продолжам патот и да се обидувам. Решението уште тој прв ден е донесено и останува да го следам патот за разрешување на проблемот, таквата размисла Искра ја носеше натаму. Потрагата беше донесена за да се дојде до вистината. Таква каква што ја оставило времето. А времето треба да ја отвори. Само тоа. Оставена е и затворена во неговите наслаги што треба постапно и истрајно да се претражуваат до самото потврдување на резултатот, независно дали ќе се изрази како позитивен или како негативен. Искра навистина беше упорна во битката да ја совлада непредвидливата навала на спротивставени мисли. Кога се најде по скалесите улички на сниските куќарки, беше несигурна во откривањето дали ја водат да го мине текот на улицата или нејзиното искачување ќе заврши во нечиј двор, обграден со каменен ѕид во кој повеќе се вложило материјал, труд и средства отколку во самата куќарка што ја обградува. Го чувствуваше и стравот од непознатото што ќе ја пречека таму. Од некоја страна веќе допира лавеж од пци. А птиците се непредвидливи во својата постапка. Може да се наклонети кон напад. А кој би ја одбранил од див напад од нив тука ако ја пресретнат во одот?! Во сето искачување не пресретна да мине човечка лика, силно нараснувајќи сомнежот дали и населбата низ која минува е жива, или е спомен оглоден и оставен од времето, неинтересен за никого. А би прашала каде да се движи кога во одот би пресретнала намерник.