Ѓоко Здравески е роден во 1985 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи како лектор за македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и редовно патува со Ниш експрес.
Пишува поезија, кратка проза и есеи, а најдолго и најпосветено го пишува својот магистерски труд. Има објавено четири книги поезија: Палиндром со две н (2010), Куќичка за птици-преселници (2013), Љубавина (2016) и Дедикар Икарал (2017). Заедно со уште неколку поети од Србија и од Македонија ја има објавено книгата Торту кроз прозор (поезија, 2010). Неговите стихови се објавени во неколку антологии на младата поезија: Ван кутије, антологија нове поезије ЈУ-простора, (2009), Нов македонски хаику-бран (2011), Ветерот носи убаво време, антологија на најмладата македонска поезија и проза (2012), Лирски додекамерон, антологија на младата македонска поезија (2012). Преведуван е на српски, хрватски, словенечки, бугарски, чешки, шпански и англиски јазик.
Стихови кои ги препрочитувам и кои никогаш нема да ми здодеат. Ѓоко со неговата видна сензибилност, ни го отсликал неговиот свет, полн со тегобноста која ја чувствува кон просторот, одмаздата кон времето. Преселник кој се уморил од патувањата, а сепак патувач кој ја искажува љубовта кон напуштените села, планинските езера каде никој не се упатува. Ги забележува најмалите моменти кои се составен дел од сечиј живот, а сепак толку луѓе ги занемаруваат. Тој го пронаоѓа мирот во медитацијата, во молкот, во бескрајната тишина која луѓето сакаат да ја нарушат со неколку зборови. Ова поетско дело за мене претставува свет на кој сакам да се навраќам.