Темата на драмата „Црнила“ од Коле Чашуле е убиството, атентатот врз Ѓорче Петров од неговите сонародници, Македонци. . Чашуле е нашиот прв автор кој собра храброст на ваков начин да проговори за македонските црнила. Самиот тој вели дека инспирација добил од убиството на Ѓорче Петров во кое „видов кревање рака на својот идеал. Усмртувањето на Ѓорчета од македонска рака, а во служба на антимакедонски однародени интереси, за мене станаа симбол на македонските црнила воопшто“. „Црнила“ е драма на идеја, односно драма со теза, која се остварува преку апсурдот на еден лик дојден во непознат свет, но овде остварена и со политички задни намери. Идејата во драмата е осуда на човековиот морален пад, на братоубиството, на забивањето нож в грб – честа појава во нашата мрачна историја. . Дејството се случува 1921 година во Софија, а како мото се дадени стихови на Анте Поповски: . „Долу по полено, по врбацине, до срцево Сè е така и ноќ и нож в плеќи забиен Не ме уплашија векови со нож од туѓа рака Ме плаши час од рака своја в плеќи.“ . Композицијата на драмата е во четири дејства, а драмскиот простор е домот на Христови каде се подготвува заговорничкиот предавнички чин.
“Денес, мила моја, може да се остане жив единствено ако не се праша, ако не се знае ништо, ако не се има очи и мисла за ништо од сево ова што станува околу нас. Обиди се да ми поверуваш…”
“... Можам ли јас да не ти поверувам? Та ти си единственото нешто што ме држи уште во животот. Понекогаш ми се чини дека живеам само за твоите доаѓања.” ❤️
“Понекогаш ми се чини дека сиот живот сум го поминал во чекање на луѓе што задоцнувале со своите пристигања.”
Книга што ни порачува дека денес може да се остане жив единствено ако не се прашува, ако не се знае ништо, ако не се има очи и мисла за ништо од сево ова што станува околу нас. Познат призвук на едно современо секојдневие, сепак не толку далечно и за нашите претци. Се чини менталитет тешко се искоренува, а навиките на Македонецот ја надживеала дури и традицијата, обичаите, простото македонско што требаше да тлее во секој од нас - а сега е засенето од западните култури. Жално. Па останува да виси во просторот прашањето: Има ли поголем непријател на Македонецот, од самиот Македонец? ,,Црнила'' ни зборува за предателите на Ѓорче Петров обопштувајќи го светот на предателите на Историјата.
Повторно ја читам оваа драма, по веќе четврти пат. Досега, во сите 18 години што ги имам изживеано, немам прочитано подобро македонско дело од ова, и никое друго дело ме нема толку погодено и трогнато како оваа драма. Начинот на која е пишувана, ликовите, самите случувања... неможе да се опише со зборови чуството кое ми го носи, особено последната реченица на Фезлиев (како и повеќето работи што тој ги има кажано... го обожавам) "Господи, белки не умрел Македонецот во мене."
Драма со неизмерна важност за просечниот Македонец па можеби и за просечниот човек воопшто. Драма којашто ни го покажува исконскиот нагон на себичност и трулост и ни ја открива сеприсутната иронија и парадоксалност на човековата егзистенција.
Немам вокабулар доволно раскошен да ја опишам извонредността на оваа книга. Спектакуларна е и штета е што ќе биде тргната од дела за обработка од образовниот систем.