Во стихозбирката „Ехо на лубовта" - стиховите силно одѕвонуваат, нежно ве милуваат со својата искреност и невиност, чисти како бистра солза, опишани преку сјајот на нејзините очи, првата прегратка, чувства неизговорени, но со поглед искажани, копнежи, горчливи ветувања, разочаруваньа и заминувања, надеж и среќа за двајца... едноставно допираат до вашата душа и го освојуваат срцето на секој читател. Стихозбирката „Ехо на лубовта" од авторот Никола Митовски е вистинско освежување и подмладување за литературното поетско ѕвездено небо, со современа македонска лирска поезија за неисцрпната муза и вечна инспирација - љубовта, возбудливото емотивно патување, кое го заслужува вашето внимание и љубопитност, ве повикува да го искусите и споделите.
Никола Митовски е роден на 15 декември 2007 година во Скопје, а своето детство, образование и творештво ги поврзува со Крива Паланка. Тој е ученик во СОУ „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка. Стихозбирката „Ехо на љубовта“ е негово прво авторско дело, кое ја обединува неговата љубов кон поезијата и размислите за љубовта, животот и убавината на секојдневието. Неговата прва песна, со истоимениот наслов како победничкиот конкурс „Животот е љубов, а љубовта е сѐ“, го означува почетокот на неговото литературно патување и му носи прва награда на натпреварот организиран од неговото училиште. Дополнителен поттик за неговиот поетски развој доаѓа со освоеното трето место на меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер“.
Инспирацијата на Никола извира од музиката, древните романтични приказни и миговите од секојдневниот живот — радостите, тагите, среќата и болката што ги исполнуваат нашите денови. Покрај поезија, тој пишува и проза, а неговите дела се објавени и во алманахот „Македонија — Рациновата болка и надеж“, каде преку инспирација од делото на Рацин ги споделува своите размисли за љубовта кон татковината, болката и надежта.
Неговата книжевна активност се надополнува со учество на поетски манифестации, како „Велешка поетска вечер“, организирана од клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ – Велес, и „Лирски треперења“, во организација на НУ Центар за култура Крива Паланка, каде што тој е активен член на ЛК „Калин“.
Во 2025 година, Никола учествуваше на Меѓународниот литературен фестивал „Фестивал на поезија, култура и уметност за деца, млади и возрасни“ во Букурешт, каде со огромна радост освои две Први награди — првата во категоријата „Возрасни“, а втората во категоријата „Деца и млади“, на фестивал организиран од Милица Паулус и Светската поетска асоцијација.
Покрај литературата, Никола е активен и во новинарските активности. Тој е не само член, туку и уредник на новинарскиот клуб „Теентим“ при СОУ „Ѓорче Петров“. Своите практични новинарски искуства ги надополнува како месечен практикант во редакцијата „Куманово Њус“ и преку учество на летни кампови за млади новинари, организирани од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во соработка со ОБСЕ, како и преку Младинскиот образовен форум (МОФ).
Како заменик-претседател на Училишната заедница и член на Локалниот младински совет од Крива Паланка, Никола активно придонесува за развојот на младинските иницијативи во својата заедница.
Со „Ехо на љубовта“, Никола ги повикува читателите на патување низ емоциите и размислите што ги исполнуваат неговите стихови, отворајќи нови хоризонти за разбирање на љубовта, животот и убавината.
Не сум личност што чита поезија, но Ехо на љубовта ме фасцинира. Стиховите се искрени, нежни и полни со емоции кои допираат до срцето. Секоја песна е мало патување низ љубовта - со сите нејзини убавини и болки. Топло ја препорачувам!
Има посебност во стиховите на Никола кои посакувам да цутат во уште поголеми совршености. Стихозбирката е прекрасна, искрена, силна. Посебно уживав на поемите посвети кон големите љубови во и од класиците. А стихот каде авторот вели дека секоја љубов изнедрува од онаа првата, на мајката, навистина ме освои. Посакувам да се надградува, да твори, да издава.
Браво Никола! Толку млад, а со толку жар во себе по пишаниот збор. Омилени ми беа песните посветени на големите љубови од класиците, особено за Отело и Дездемона (многу јасно!) и онаа за Ленора и Едгар Алан По. Кирил гледам дека го спомена моќниот цитат за мајката во книгата - Никола ни вели дека токму таа е првата љубов, со што јас се согласувам. Нежни песни и искрени. Мене особено ми се допадна “Стрмни патишта“... дечкото е млад а гледа толку јасно во животот. Му посакувам уште многу напишани песни и дела и да се пронаоѓа себеси се' повеќе и повеќе.
Осврт кон стихозбирката ,,Ехо на љубовта” – Никола Митовски
Во денешно време кога се извитоперува здравата идеја за љубовта, како освежувачка и делотворна инјекција на македонската книжевна сцена истапи и книгата ,,Ехо на љубовта” од Никола Митовски, која вбризга верба дека се’ уште постои ендемичен вид луѓе кои љубовта ја доживуваат темелно и сеопфатно, со сите наливи на радост и разочарувања кои таа ги носи. Оваа книга беше мал процеп и клучалка низ која можеме да завириме во срцето на авторот. Двете корици на книгата се ѕидови од соба во која се сместувате при самото отворање на книгата. Собата е пространа, нуди директен поглед кон светол зенит, нема завези кои истиот го препокриваат. Воздухот е полн лебдечки воздишки, надежи, пориви и зовриени емоции, кои кондензираат во капки стихови испишани на внатрешната страна на белите ѕидови, правејќи ги влажни и лесно прилагодливи на релјефниот облик на вашата душа. Секој кој ќе се препушти и ќе се потпре на ѕидовите, ќе може да ги види стиховите изрежисирани во својата приказна. Толку авторски и лични, а толку сечии и општи. Високо на плафонот има сталагмити од наталожени бигори, од сите животни предизвици, избрусени во раскошен светилник кој полева фотони во секое затскриено ќоше. На самите врати, влезот евтино се плаќа, но од него тешко се излегува, затоа што опивката која ја нуди оваа книга, те задржува долго во неа и те тера постојано да се навраќаш. Во центарот на собата има поставена трпеза и три столчиња. Едното за тебе, другото за тебе од минатото, и третото за тебе од иднината. Можеш да разговараш со нив, да се видиш себе во ,,Различни улоги”, да разменувате перспективи и совети и да уживате во оброк од лекции сервирани во гарнир од искуства, послужени со продорно вино. На тоалетната масичка има фиксен телефон и тефтер со броевите на Данте, Петрарка, Алан По... Ги има и броевите на саканите личности од твоето семејство, детските симпатии и твоите посериозните вљубувања. Некои се потпишани како ,,Пустинска светлина” и ,,Илузија на љубовта”, други како ,,Првата прегратка” и ,,Нејзините очи”. Кредитот е неограничен и затоа можеме без временско ограничување да разговараме со нив и да им кажеме ,,Незапишани зборови”. На северниот ѕид има плакар во кој можеш да ги сместиш и затвориш сите немили настани, затоа што оваа книга ти го нуди токму тоа – мелем за лузните. Кога ќе згазнеш на тепихот, се сопнуваш од точките и запирките, те бодликаат острите врвови од буквите кои не можеш да ги поминеш без да ги размислиш. Тука ниту една точка и запирка не се случајни. Тука, провлекувајќи ги прстите низ редовите чувствуваш текстури, гестури и вибрации емитирани од секој интерпункциски знак. Тука, наместо тонер од принтерот, чувствуваш крвопис испишан со кристална перодршка потопена во крв чии еритроцити се трошки од детството, мајчинството, честа, и надежта. Тука можеш да го размонтираш и распакуваш секое почувствувано ,,те сакам”, изговорено ,,сеедно”, прошепкано ,,камо среќа” и премолчено ,,дојди”. Тука, можеш да најдеш НЗС на сите прегризени усни, стиснати песници, чемерни подголтнувања, изгрицкани нокти и исчкртани почетни страни од тетратките на досадните часови во животот на еден тинејџер. Тука, белината меѓу стиховите кажува повеќе отколку самите стихови. Таа е живеалиште на авторот, но и на секој кој ќе се нурне во оваа книга. Во оваа дело младешката љубов е опишана во сите бои и нијанси, почнувајќи од неиспоганета невиност која гравитира во средување на изместен прамен коса и подарен пресуван цвет, па се до ,,Горчливи ветувања” кои го поплочуваат ,,Патот на болката”. Ова дело е капсула која содржи намотана филмска лента, која доколку ја одмотаме, најпрво не’ води во време кога фотографиите имале црно-бел колорит и мала резолуција, а љубовта постоела во најјарките, незаматени бои. Тоа е времето кога за љубовта се војувало и освојувало, градело и уривало... Понатаму, наидуваме на денешното време кога кинематографијата предничи и сликите се професионални, но љубовта бледнее и станува само сенка на некогашната. И завршуваме со идејата за љубовта која многу наскоро ни се клешти – љубов за скапи брендови и социјални мрежи, кога улогите се сменети - камерите усовршени до максимум, а љубовта црно-бела. ,,Ехо на љубовта” е мегафон на широкиот дијапазон чувства карактеристични за младите, кои во ова дело се опишани. Тие се неисфилтрирани исцедоци од душата, непроветрени катчиња на срцето. Се’ e тука и се’ е искрено. Ова дело остава простор да се моделира цитати, слогани, стрипови и ораторски говори, и претставува ветувачки почеток во кариерата на авторот!
Прво треба „авторот” да е читател на поезија за да пишува поезија. Референцијалноста, низ почетокот на песните, не нагласува, ниту, пак, го зајакнува чувството на „солидна”/„добра" поезија. Ова е повеќе некое прераскажување на „прочитаните” книги од авторите на кои реферираат песните, него поезија за нешто/од нешто.
Од срце напишани и искрено изречени, песните на Митовски допираат длабоко во душата. Нивната исконска емоција ја наежува кожата, буди сеќавања и остава солзи во очите. Со едноставен, но прониклив јазик, авторот умешно ја доловува љубовта во нејзините најчисти, но и помалку болни облици – како копнеж, нежност и надеж.
Секоја строфа е како ехо од срцето – искрено, болно, но и убаво. Ехо на љубовта е збирка што се чита со тишина, со срцето отворено и со мислите вперени во спомените.