„Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него... Поднасловот роман-басма во извесна смисла го „оправдува“ присуството на многу фолклористички обичаи, верувања и суеверија, црни судбини, фатуми и карасевди во романот. Иако станува збор за современ роман од нашево време и од нашиов микропростор (Скопје), во него има етнообичаи од североисточна Македонија: китење младоженец со пари, погребување мртовец со кукла... како и свадбарско „мавиле“ од велешкиот крај.
Ул. ,, Народен фронт " бр.28, стан бр.17, населба Капиштец, блиску до Рузвелтова ... За Вас скопјаните и Вие другите што живеете во Скопје е доволен овај опис, а ние другите ќе се препуштиме на имагинацијата и ќе го замислиме станот кој е од пресудно значење за трите Марии. Тој е местото на ,, злосторството " ! Можеби е и прибежиште од злосторството кое веќе сме го направиле во претходните години од животот, па конечно е време да се притаиме. Дали е возможно сиот наш живот да биде собран само во 40 картонски кутии ? Дефинитивно не ! Кога подобро ќе размислиме, па нели заминуваме во еден дел од новиот живот кој ни претстои, па тогаш зошто ни е потребно да понесуваме нешто од претходните години. На сите ,, Три Марии " заеднички им е станот, кој не случајно е во сопственост на Славко Јаневски и неговите ,, Две Марии ", љубовта која толку силно трепери во нас, а мораме да ја напуштиме, претходно затоа што сме биле спречении, но сега е вистинското време за тоа.
Марија Пребирлиева која тагува по љубовта на својот живот, Љупчо. Вонбрачна врска во која Марија е таа која е 100 % посветена, но на самиот крај, се се враќа, се се плаќа. Во своите 40 кутии го понесува само едно значајно веленце, се случува сообрачајка додека патуваат со службата за вселување и токму од таа кутија излегуваат некои чудни, мали суштества.
Марија Зара, која е со желба да си го пресече својот палец само повеќе да не му пишува на љубениот Марио, барем така мисли таа дека тој е љубовта која заслужено треба да ја доживее. А таа мажена и дури и со чедо, но никој друг не е важен, само љубовта.
Или Марија Деспотовска Солев која на денот на сопствената свадба ќе излезе потполно од контрола и ќе настане зашеметување кој ќе ги зафати и невестата, зетот, а и останатите гости. Но, за се е крива вештерката која ја пресретнува во модното ателје каде е во потрага по својата совршена венчаница, а токму таа вештерката ја има кај себе префрлена преку рака и се движи пополека со таква леснотија и знаеш и илјадници други да ти бидат понудени, никоја нема да ја замени.
Авторката Оливера со крајниот момент од животот на Марија Пребирлиева, Ве навлекува исполнително да бидете дел од приказните на нејзините Марии. Одлична, искрено не ни очекував дека ќе ја доживеам токму како и што Ви опишав, заслужени сите три признанија ,, Роман на годината 2025 г. ", наградата ,, Стале Попов " на ДПМ за 2025 г. и ,, Рациново признание за 2025 г.", нормално тоа си е мое мислење кое го споделувам со Вас. ❤️
На половина книга, иако многу мала, во главата напишав еден осврт. Сега, откако ја завршив, ги немам повеќе тие зборови. Мислата ми беше: овие три Марии, како да оджевеаја еден живот по правила на другите. Не нивни избор, иако така се претставуваа, напротив. Мислата ми е , како што се очекува од нив живееја, а тие мали излети кои си ги дозволија, ги оддалечија од нивните најблиски, оние со кои требаше да го ткаат животот. Заедничко им е селењето бо еден стан од 80-тина квардати на улицата „Народен фронт“ во Скопје, Капиштец, но ни една не успеа да се всели во него... Тој беше бегството од сопствениот живот, од она што го избраа, а не го бендисаа... Но, не стигнаа ни да избегаат, од сите, од избраниците, но најмногу од себе. Не, не се бега од себе! А себе, многу често го градиме по мерка на другите. Иако, првата Марија им сврте грб на желбите на родителите, таа не избега од себе... Втората, избега од сопругот, во зборовите посветени на друг, а третата, избега од свадбата, по претпоставка и одмазда, на врвот од хотелот, во прегратките на првиот готвач на кој што наиде. Не се овие жени да ги осудиш, туку да ги пожалиш, што исполнувајќи ги очекувањата на другите, на општеството, на нормите, не се изживеаја себеси!
Оваа книга случајно ми го фати погледот на рафтовите во литература. Не бев ни свесна за наградите, ниту пак за претходните дела на авторката. Набрзина читајќи дел од средината решив да ја купам. И тоа беше добра одлука.
Фасцинирана сум од умешноста на Ќорвезирска со начинот на кој раскажува и ја опишува емоционалната разбрануваност на секоја Марија.
Интересно е како трите се водени од некој предзнак од детството. Сите го делат станот како знак за нов почеток, но и општеството кое ги обликува. Борбата помеѓу она што им треба и она што другите го очекуваат од нив.
Сите три во различен период од својот живот.
Прониклиева во шестата деценија од животот сака нов почеток. Празните кутии како симбол за се што сака да остави и се што нема изживеано, се во контрадикција со ткаеното веленце кое го пакува. Прељубата на нејзиниот татко ја запечатува сликата за тоа какви навистина се односите меѓу возрасните. Таа тајна која останува премолчена помеѓу неа, родителите и Трајан ја дефинира до самиот крај. И Љупчо кој што се вклопува во таа извртена детска слика за љубовта. Кој го добива на миг, на неговата смртна постела, откако сите ќе го напуштат.
Зара во брак со две деца. Која светот го осознава во релација со ампутираната рака на нејзината баба. Во потрага по сопствениот идентитет, по смртта на баба ѝ, влегува во платонска онлајн врска со Марио. Преку приказната за слична судбина како таа на баба ѝ Алинка, осознава за минатото на мајка ѝ и Фјорор. Марио е единствената конекција со нејзиното минато и семејство, единствениот кој ги разбира нејзините потреби и чувства. Очајна, барајќи слобода, договара закуп на станот. Но, назад кон празниот брак со Горјан ја враќа вината поради срцевиот удар. Во обид да се воздржи од повторно предавање кон сопствените потреби таа го сече палецот. Со тоа делумно повторувајќи ја судбината на баба ѝ.
Деспотовска Солев е последната и најразлична Марија. Дејството е за време на нејзината свадба и кратко и брзо кулминира. Нејзиниот предзнак е невестинскиот фустан од сонот кој брзо сам се расшива и го снемува. Чувството на срам од сонот се пресликува во реалноста во нејзината бурна реакција на неверстовото на Влатко. По што таа се колеба дали да остане, но решава да ја напушти врската и да почне одново.
Интересно е како гледаме градација во напуштањето на сопствените потреби во врските кај сите три. Прониклиева дава сѐ што Љупчо бара од неа, дури и своеволно ги абортира нивните деца. Зара сепак на крајот одлучува да остане со Горјан и да го ампутира од себе делот кој бара поврзаност и љубов од Марио. Но Деспотовска е првата која се избира себе и да стави крај на врската.
This entire review has been hidden because of spoilers.
Ова е првиот роман на Оливера Ќорвезироска кој сум го прочитал, иако не ми е првото нејзино дело - навистина уживав во прекрасната збирка раскази „Улиците што ги нема“. Не можам да речам дека не уживав подеднакво и во „Три Марии“, зашто го има се она што ми е потребно во едно дело за да ме закова за него и да го прочитам скоро во еден здив: интересна приказна, уверливи и реалистични ликови и добар стил. Кај Оливера има плус уште нешто што ретко се среќава кај нас - убавиот јазик. Навистина уживав во секој збор, во секоја игра со зборови, во надреализмот или магичниот реализам кој напати го применува... Ваков течен јазик, во кој се чини ко да е се таман и нема ништо од вишок, ваква речитост, прв на кој ми текнува дека употребува кај нас, а кој секогаш ме маѓепсува со зборовите е Давор Стојановски, и еве, Оливера Ќорвезироска е втора.
Но, не можам да не споменам две работи кои навистина ми засметаа. Прво - во денешно време сешто се протнува во доменот „роман“, под превезот на пост-модерната. Не дека немало и други наши, дури и добитници на „Роман на годината“ кои се всушност збирки раскази, зашто според мене романот е ЕДНА заокружена приказна, а не ТРИ поврзани со навидум неважна врска, во случајов еден стан во Капиштец, само некако ми здодеа таа постапка и сметам дека е веќе изнасилена. (По оваа логика и „Зоки Поки“ од Оливера Николова ли е роман?) И второ - веќе се навикнавме скоро се кај нас да се печати на ваква, нискоквалитетна рециклирана, скоро жолта хартија, веројатно поевтина и со тоа да се пропагира некакво помодарство дека се грижиме за животната средина, рециклираме и не сечеме дрвја, но дополнително да направиш и печатените букви да не се црни, туку во нијанси од светло до темно сива, е веќе претерано! Ослепев дур читав (или се обидував да читам)! Заради овие две замерки, сакав да го оценам ова со некоја 4/5, но видов дека некои претходни добитници на наградата кои помалку ми се допаднале сум ги оценил со 5, сметав дека би било нереално. А и впрочем, си кажав што ми сметаше, па така...
P.S. Ни една мајка нема да се радува со солзи во очите зошто ќерка и го задржала презимето кое претходно таа го зела од сопругот! ;)
Верувам дека добрата литература буди бура од чувства за на крајот да ве остави стаписани, зашеметени, запрепастени, но никогаш рамнодушни. Трите Марии се толку далечни, а сепак блиски, со нивните секојдневни, но сепак надреалистички приказни и сништа. Одлично четиво, го препорачувам!