Итан се бори за нешто целиот свој живот – за успех, за докажување, за љубов. Роден со големи соништа и амбиции, а израснат со малку, се обидува да се пробие во свет кој никогаш не му дал ништо на тацна. Научен да очекува загуби. Научен секогаш да биде подготвен за падот.
Тогаш ја запознава Ирис, девојката која му покажува дека ништо во животот не е невозможно. Таа прави тој да се чувствува семоќно. Со неа, повеќе не мора да се бори сам. Па кога таа сонува, тој сонува со неа. Кога таа посакува нешто, тој ќе помести и планини за да ѝ го даде. А кога таа копнее за семејство, тој се заколнува дека ништо – дури ни невозможното – нема да им застане на патот.
Нивната љубов е неуништлива, неопислива, луда… Но што кога љубовта не е доволна?
Навидум совршен пар, тие бијат битка во тишина: битка која им ги тестира силите, надежта, телата и љубовта. И кога конечно го добиваат чудото кое го чекаат, мислат дека е готово. Но грешат. Судбината е безмилосна и ја распарчува нивната љубовна приказна. Стануваат туѓинци во сопствените животи, а нивната љубов почнува да напукнува од грешката која никој не може да ја поправи. За првпат, тие се на спротивна страна на битката.
Некои љубови преживуваат сѐ. Некои не. Но за некои вреди да се бориш… дури и кога се скршени. Можеби затоа што има некоја посебна убавина во љубењето со скршено срце.
Кога некој ти ја става својата душа на тацна, кога однапред знаеш дека ќе добиеш парче од душата на авторот, и кога однапред знаеш дека твојата душа ќе биде скршена на парчиња... ете, токму ова ми се случи со книгава.. ја прочитав за рекордно брзо време, затоа што поинаку не можев. Затоа што ме болеше душата, ми се распарчуваше срцето. Ми требаше да ја одмолчам, ми требаше да ја преспијам. Ама еве, сега сум спремна да кажам дека и се поклонувам на Спасев за истрајноста, за храброста, прво за се тоа што поминало, второ за тоа што реши да сподели со сите нас! Стилот и изразувањето нема воопшто да ги коментирам, воодушевена сум. Содржината... уште ме боли, засекогаш ќе ме боли. Ив, фала ти од име на сите мои блиски кои поминале или поминуваат низ сето ова 🤍
По читањето, ја оставив книгата врз едно купче книги, за да си ги средам мислите. Да помине време за да можам да ја пренесам нејзината големина, ама да го направам тоа без солзи. Но секогаш кога ќе ја погледнев срцето ми се стегаше. Без разлика каде ќе ја оставев, таа сè уште ќе си го најдеше патот до моите мисли, како да кажува: Еј, тука сум, нема да ме заборавиш дури и да ме пикнеш во најтемното ќоше.
Уште кога ја фатив во раце за првпат солзите сами си доаѓаа, без најава. Доколку сте тука од самиот почеток на Сакам Книги, ќе сфатите колку ми значи оваа книга. Не очекував ништо помалку од Ивана - личност која ни донесе стотици книги кои нè држеа будни до утринските часови и кои со првата страница се вгнездуваа во нашите срца. Едноставно не може да напише нешто помалку од совршенство.
Приказна која е инспирирана од вистинскиот живот, ама дополнета со фикција. Приказна која разработува една многу важна тема - неплодноста. Ова е тема која Ивана ја има прикажано брутално, болно и реално. Секоја емоција, секоја фаза. Што значи неплодноста и како влијае на парот, меѓутоа и на сите луѓе околу него. Од корен ја вади, длабоко од срцето и душата и ни дава панорамски поглед. Ова е тема на која сите треба да се едуцираат. Подеднакво оние кои не се соочени со неа и оние кои немаат друг избор освен храбро да ѝ застанат пред лице. Особено оние првите. Никогаш не знаеме каква борба водат луѓето во себе. Еден навидум невин збор може да значи нож забиен во нивното срце.
Оваа приказна ќе ги погали сите скршени срца и ќе им докаже дека не се сами во борбата. Ќе ги исполни со надеж. Ќе им подари нови сили и храброст да продолжат да го сакаат животот, бидејќи Бог никогаш не ни дава товар кој не можеме да го износиме.
Ми се допадна поврзаноста на Ирис и Итан. Љубов која помина низ пеколот, а излезе посилна од кога било. Итан не веруваше дека заслужува да биде сакан, секогаш очекувајќи ги поразите, кои се чини како животот да му ги фрла еден по друг. Ама докажа дека и тоа како заслужува да биде сакан бидејќи неговото големо срце-карпа не престана да го извикува името на Ирис, дури и во најголемата бура. А Ирис, морам да бидам искрена, некои нејзини постапки ме изнервираа за миг. Сè додека не сфатив дека љубовта не е секогаш совршена, има грди делови и пукнатини, има сомнеж, очај. Сфатив дека она низ кое помина Ирис би го паднал на колена и најсилниот човек на Земјата. Сфатив дека нејзините постапки всушност беа мали и безначајни во споредба со болката која немилосрдно ѝ го распарчи срцето. Честопати низ книгата Ирис го споредува Итан со карпа, ама реалноста е дека таа е карпата. Таа е онаа која ја доби титулата мајка и ја носеше со празни раце и душа.
А, има ли поголема болка од мајчината? Има ли солзи кои пржат повеќе од мајчините? Има ли поголеми карпи од мајките на кои судбината им ги одзема чедата?
Книгата се чита на едно седнување. Нема паузи и одмарање. Нема момент да земеш здив. Исто како што Итан и Ирис беа приморани да се борат без ниту еден здив оддишка. Нарацијата е толку богата и лесна, што читателот се чувствува како да е дел од неа. Одлично спојување на фикцијата со инспирацијата од вистинските настани. Ивана знае прекрасно да ги пренесе емоциите. Реални, болни, пулсирачки, живи, опипливи... Особено ми се допадна крајот, кој не знам како го дочитав од реката солзи. Прекрасни пејзажи и ОДЛИЧНО оживување на ликовите. Можев да ги слушам со соодветниот глас во мојата глава.
Многу ми се мили разговорите помеѓу Ирис и свештеникот. Ми се допадна како тој беше светлото на крајот од тунелот за неа, како несебично ѝ подари надеж, верба, ама и различна перспектива на нештата. Мојот омилен дел од Библијата е Матеј 17:20:
,,А Исус им рече: ,,Поради вашето неверие: зашто, вистина ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: 'Премести се одовде таму' и таа ќе се премести, и за вас ништо нема да биде невозможно."
А ти, Ивана, немаш синапово зрно, туку имаш цела градина. Те молам никогаш не престанувај да ја полеваш бидејќи не знаеш колку залутани души наоѓаат мир под сенките на таа градина. Ти благодарам од срце што ја отвори душата и ни го подари ова дело. Судејќи според тоа како плачам секогаш кога ќе се сетам на приказната, можам да замислам колку тебе ти било тешко да ја напишеш. А го направи тоа на феноменален начин - што е уште еден доказ за твојот талент. Продолжи да пишуваш, нашите срца вечно ќе копнеат по твоите зборови.
Книгата ме уништи, но истовремено беше како топла и цврста прегратка на срцето. Онаа прегратка од голем излив на емоции што се чувствуваш како да ти се кршат коските. Како од преголемата љубов срцата да се привлекуваат како магнети, обидувајќи се да се спојат.
Што и да пишувам ќе биде малку за големината на ова дело и талентот на Ивана. Ми остави грутка во душата. Ја преплакав секоја страница, дури и оние делови кои не беа тажни. Никогаш немам толку многу плачено на книга. Па, само што ја погледнувам ми надоаѓаат солзи. Дури и сега, обидувајќи се да ја напишам оваа несовршена рецензија не можам да ги запрам солзите. Ако ова беше писмо, хартијата ќе изгледаше како дождовна мапа, спојувајќи ги зборовите во едно вирче.
Никогаш нема да престанам да зборувам за ова ремек-дело. Оваа е првата моја рецензија која не можам да ја скротам, чинам како да доаѓа од срцето. А тоа, сите знаеме дека си прави што сака. Намерно го изоставив краткото сиже, бидејќи сакам да ја почувствувате целосно. Огромна препорака од мене! Ако одбирате само една книга, нека биде оваа.
,,Убавината на скршените нешта" не е книга која се чита, туку која се доживува со сите сетила и емоции. Приказна за неплодноста и како остава трајни лузни на душата. За храброста и борбеноста на една мајка-лавица, но и за таткото-карпа кој секогаш е тука како потпора кога болката ќе ја погоди во најслабите точки. За љубовта која е како пиреј - кој секогаш си го наоѓа патот назад без оглед на сè. Приказна за верата која поместува планини и чудата кои доаѓаат со неа. Приказна која ќе ве уништи и повторно ќе ве состави во текот на страниците. Книга која ќе ја паметите цел живот и ќе се сеќавате со солзи во очите и камен на срцето. Ќе се прашувате дали е возможно толку многу да ја исплакувате. Ама, ве молам, нека не ве одвратува тоа. Ве молам да ѝ дозволите на Ивана да ви ја покаже убавината на скршените нешта.
Ова е една од најубавите книги што ги имам прочитано во мојот живот! Книга што би било неблагодарно да се оцени, затоа што оваа приказна е неверојатна! Срцево и душава ми плачеа заедно со Ирис, нејзината болка ја почувствував како своја. Оваа книга е книга што ќе те погоди длабоко во душата, до срж, книга што ќе те рани но истовремено и ќе ти ја зацели душата. Вчера почнав да ја читам, заспав плачејќи, денес ја дочитав со солзи во очите... Книга што треба секој еден човек да ја прочита, приказна што заслужува да се чуе надалеку! Книга што нѐ учи дека навистина постои убавина во скршените нешта.🥹 Ивана, ти се восхитувам на храброста и силата и бескрајно ти благодарам што го сподели со нас ова парче од твојата душа.💗
Јас дефинитивно никогаш нема да ја заборавам оваа книга и секогаш кога ќе зборувам за неа, ќе зборувам со грутка во грлото.
„Убавината на скршените нешта“ од Ивана Спасев е роман во кој храбро се нурнува во една тешка, чест�� табу тема – неплодноста. Станува збор не само за книга што отвора врати кон болка која тивко постои во многу животи, туку дава и светлина. Надеж. Верба. Инспирација. Храброст. Разбирање.
Кога ја читав книгава, вистински ја почувствував таа борба. Секоја реченица допре длабоко до мојата душа, не само заради темата, туку поради начинот на кој Ивана ја раскажува. Стилот на пишување е лесен и јасен, но токму во таа едноставност, нејзините зборови погодуваат како стрела право во срцето.
Фасцинантно е како читајќи ја книгава, БУКВАЛНО ја чувствуваш. Секој збор е искрен. Секоја мисла е жива. Секоја емоција е вистинита.
Во време кога многу луѓе сè уште се срамат да зборуваат за болките што не се видливи, Ивана направи нешто храбро. И не можеше да го стори на подобар начин. Го направи со почит, со нежност и со длабочина. И затоа оваа книга не е само за оние кои се препознаваат во приказната – туку за сите нас. Затоа што сите сме скршени на некој начин. Сите водиме по некоја борба.
Ивана нè научи дека има убавина и во скршените нешта. Дека не мора да ги имаш сите нешта за да имаш сè во животот. Дека Бог, како што таа вели, ги избира токму оние кои верува дека можат да се носат со товарот, и им дава не само предизвици – туку и сила. Со Неговата помош, тие луѓе, и покрај болката, ќе го изодат својот пат на најдобриот можен начин.
Ова е книга што ме натера да плачам без престан додека ја читав. Воопшто не е лесна приказна, но е потсетник дека постои убавина и во несигурното, во кршливото, во она што го градиме одново, чекор по чекор.
Авторката оставила парче од својата душа на секоја страница. И токму затоа, оваа книга допира – без разлика дали минувате низ сличен период или познавате некого што го носи тој товар, ќе сочувствувате со ликовите. Болката тука не е само наративна – таа е човечка, вистинска.
Несомнено во нашата литература недостигаше роман кој ќе зборува на темата неплодност, а „Убавината на скршените нешта“ се задржува на сите аспекти, почнувајќи како романса и заљубување, желбата да се биде родител и истрајноста во борбата со неплодност, затоа што токму така се чувствува -како борба, но најважно од сѐ за меѓу брачните односи и како сето тоа влијае врз парот.
Знаев која тема се обработува во книгата уште пред да почнам да ја читам. Неплодност… Знаев дека ќе има тешки делови. Знаев дека е автобиографска (не знаев колку и што кога ја почнав). И читам, липам, плачам, се тресам, јас како една од 5/6 парови, една од другата страна, свесна дека луѓе имаат проблеми, но никогаш толку интимно немам прочитано или слушнато детали, дијагнози, емоции, препреки, загуби, болки и што се’ не… Бев ептен неподготвена за сите детали и неспремна за канализирање на толку многу болка и емоции. Ова е тема на која се говори многу малку, табу тема, ние незасегнатите и не знаеме скоро ништо. Не знаеме колку некои прашања, коментари, ненамерно или намерно кажани можат да бидат како сол на рана… Ивана, секоја чест на храброста да споделиш нешто толку интимно, да си ја соголиш душата пред нас, читателите, но мислам дека вреди. Знам дека книгава ќе има многу изданија и дека ќе се чита, некој помалку, некој повеќе ќе плаче, но никој нема да остане рамнодушен и ист после неа. П.С. А морам да споменам дека и фикцијата така добро е вметната, да емотивниот набој и напнатоста само кулминираат уште повеќе. П.П.С. Посакувам 1/6 да стане 1/7, па 1/8, па 1/9…Посакувам секој да си ја најде среќата, да не губи надеж и верба никогаш.
Книга и приказна која останува долго во сеќавање после читањето. Книга која дава надеж за сите тешки денови и борби кој секој ги води во својот живот. Силата, храброста и издржливоста на Ирис и Итан се доказ дека нема нешто што не може да се преброди. "Бидете силни. Имајте душа. Имајте верба. Ќе биде се во ред."
„Убавината на скршените нешта” е од оние приказни кои ве зграпчуваат уште на првата страница. Почнувате со читање, зборовите стануваат реченици, речениците - сценарија и во следниот момент вие веќе не читате, туку чувствувате. На почетокот се прашував како е можно сè да е толку реално, но брзо сфатив - приказната е напишана на јазикот на срцето, па секој што ќе си дозволи да чувствува, ќе ја разбере.
Ивана раскажува толку едноставно: убаво, богато, лесно, што несвесно ќе вртите страници и ќе ја голтате приказната. Ќе се чувствувате како да сте таму со ликовите, како да ги гледате - толку е детално и длабоко, па ќе читате со невидена леснотија и восхит.
Ова е приказна за храброста, за надежта, за борбата. Ова е приказната за Ирис и Итан. Ирис е брза, цврста, упорна, непоколеблива и многу храбра. Таа не се откажува, за неа ништо не е невозможно, ништо не ѝ е тешко. Ирис ќе ви покаже како да си ја најдете силата, дури и тогаш кога мислите дека сте ја потрошиле сета, ќе ви ја покаже надежта - таму каде што мислите дека не постои и ќе ве научи за она најважното - за вербата. Итан е роден да се бори, да паѓа, сам да создава, сам да станува. Тој поминал низ сито и решето, за сè што има се борел самиот, ништо во животот не добил на тацна. Затоа, тој може да преживее сè и не му е потребно ништо - се додека ја има Ирис крај себе.
Нивната љубов е силна и луда. Љубов што не познава граници, препреки, љубов каква што секој би сакал да доживее. Почнува лесно, искрено и речиси детски, но со секоја страница расте и созрева, а со неа ќе расте и вашето срце. Ликовите се толку живи, реални, ќе ги чувствувате сите нивни емоции и нема шанси да не се пронајдете во нивните стравови, борби, подеми и падови, затоа што во секој од нас има дел од Ирис и Итан. Има лик што ќе ви донесе особен душевен мир, секој негов збор ќе го препрочитате по стопати - препрочитајте, почувствувајте, запомнете. Ќе оставам сами да откриете кој е тој, сами да го најдете него, сами да го најдете она што ви е потребно - без разлика дали тоа е храброст, сила, верба, утеха, рамо за плачење - секоја страница на оваа книга изобилува со сето ова. Барајте, пронајдете и земете си со себе.
Во секој опис и дијалог се гледа дарбата за пишување на Ивана, нејзината несебичност и храброст. Храброст да ја излееш својата душа, за да помогнеш на друг, да дадеш надеж, утеха и верба. Само човек со толкаво срце умее да ја сподели сета своја добрина со светот, толку несебично и храбро.
Постои една особина што ја имаат само луѓето со големи срца - можат да ве гушнат со зборови. Ти благодарам за оваа прегратка Ивана, на сите ни беше потребна.
Ако ја купите книгата „Убавината на скршените нешта” од Ивана Спасев, ќе си купите надеж, трошка мир, утеха за каква мака и да имате. Ќе си купите толку топла прегратка, што ќе ја чувствувате долго откако ќе ја прочитате последна страница.
Чинам дека ова ќе ми е прва рецензија. А драми воопшто и не читам. И многу ретко плачам на книги: првиот пат беше на крајот од Евангелието според Јован (Свето Писмо), Лавр, Сагата за Рајна, и сега Убавината на Скршените Нешта.
Многу први емоции, и многу први нешта, сега во овие часови каде бие сѐ погласно.
Ивана, сѐ што си преточила е толку сирово, сурово, љубовно, болно, вистинито, единствено, познато, непознато. Разгневува, разнежнува, раскажува за нешта за кои треба храброст да се раскажат. И ти благодара�� за тоа.
Приказна за кршливоста, крвавењето, крајноста. Приказна за жената која е извор на сѐ, нејзината сила, тврдина, нејзините темели, нејзините возвишувања и падови. Приказна за домот, за празнината и полнотата, за вербата во Бог, за судбината, за толку многу, за сѐ. Приказна за тивките борби, скриенити болови, замолчените вистини.
Посебно ме допре сето ова; цела приказна. Преку делово учиме за хероините и хероите, за стравовите и љубовите, за животот. Каков што знае да биде. Каков што е. Мачката Лиска која е огледало на едно дејство кое се отплеткува толку срцепарателно, целосно ме уништи. И кога напиша дека „од своја кожа не можеш да побегнеш“ - ме помести со едноставноста на искрените зборови. Јорвика нека тече во сите нас, за да можеме сите да си ги признаеме нашите борби, бидејќи само преку измивање на ова внатре, ќе можеме да се вознесеме. А „Вознесение Господово“ ни е на прагот.
Аман Ивана, како да си знаела дека сакурата ми е едно од омилените, како да си знаела дека омилен дел од Библијата ми е „За Љубовта“, како Јорвика да има толку значење и за мене, како и тоа името што за мене име не е, но дел од мене. И сите оние нешта кои ти ги напишав посебно.
Ти благодарам Ивана за ова сведоштво: нежно, искрено и интрикантно испишано со толку сила, љубов, кревкост, борба. Треба посебна храброст да се расече душата и да дозволиш сама да испишува додека се излива надвор од тебе. Ти благодарам. Благодарам на Сакам Книги што ни ја овозможија оваа прекраснотија. А сите вие, трк до книжарница. Ова ремек-дело мора да се поседува и препрочитува.
П.С. Ивана, не престанувај да твориш.
П.П.С. Те молам, второто издание да ја има и третата корица, мојата омилена.
Книгата ја прочитав за 2 дена и морам да кажам дека сум воодушевена.🥰Обично сум бавен читател и читам полека, се соживувам со приказната и ликовите, но книгата на Ивана не може да се чита бавно, туку експресно брзо за да дознаеш и почувствуваш со нетрпение на што сé е спремна една мајка за своето чедо, една жена борец за својата безрезервна љубов. Колку треба срцето да е џиновско, храброста безрезервна да се соголиш и да ја сервираш душата на читателите, своето срце, емоции кои се нешто свето и најчисто? 😊
Повеќето од вас би се пронашле во ликот на Ирис, барем јас се пронајдов. Тврдоглавна, амбициозна, секогаш спремна да помогне и да подаде рака, истрајна до крај и спремна да го реализира замисленото иако сé е против нејзе и делува невозможно. Невозможно – баш тој збор ретко се наоѓа во речникот на Ирис. Зошто и таа како мене е сонувач, оптимист, верува и кога другите не веруваат, гледа решение таму каде што никој не гледа, чувствува и кога другите не чувствуваат.
Не сум мајка ама премногу ме трогна приказната за Софи, особено вториот дел и се почувствував како јас да сум мајка на Софи, која би направила сé за своето дете.
Надежта последна умира, тоа го докажа Ивана со вербата и пишувањето на оваа книга и дека болката не значи да се предадеш.
Како што се плашев, книгата дефинитивно е најемотивната книга за мене до сега за 2025 и долго ќе остане во моето сеќавање. ❤️
Се надевам дека Ивана нема да застане да пишува тука, дека ќе продолжи да пишува, бидејќи јас, таа, читателите заслужуваат да доживеат и прочитаат уште многу нејзини незаборавни приказни и книги. Уште едно големо БРАВО од мене. 👏👏👏
Оваа книга… оваа приказна… не е само роман. Таа е болка. Таа е надеж. Таа е љубов што гори и преживува сè. Како мајка, како жена, како човек што знае што значи да посакуваш нешто толку силно што болката станува дел од секој здив — приказната за Ирис и Итан ме разнежи, ме скрши и на крајот ме состави повторно. Ирис и Итан се двајца борци. Нивната љубов се роди на вода, меѓу кајаци и тишина, но животот одлучи да ги тестира најжестоко. Го следев нивниот пат со стегнато срце — од првата искра, преку неуспесите, изградбата на домот, надежта за родителство, до најдлабоката и најтешка загуба што може да ја доживее еден родител: да ти го земат она што си го љубел со целото срце. Секој пат кога Ирис падна — во болницата, во тишината по абортусот, во ноќите кога стравот ѝ го голташе срцето — и јас плачев со неа. Секојпат кога Итан се чувствуваше недоволен, безвреден, но сепак стоеше покрај неа — и јас го чувствував тоа. Бев таму. Живеев со нив. Плачев заедно со нив кога ја изгубија Софи. Скршена сум. Но и полна со благодарност што не се откажаа. Ова не е само книга. Ова е повик кон сите што чекале, што страдале, што љубеле и не се предале. Љубовта на Ирис и Итан ми покажа дека понекогаш, дури и кога мислиш дека животот ти одзел сè, таму некаде постои ново утро. Ново “да”. Ново срце кое чука. Читајте ја оваа книга со отворено срце — и марамче покрај вас. Ќе ве сотре, но и ќе ве излечи.
Постојат книги кои не се читаат само со очи — туку со срце, со душа, со треперливи прсти. „Убавината на скршените нешта“ е токму таква книга. Болна и убава. Искрена и сурова. Исповед и љубовно писмо. Плач и надеж.
Ова не е фикција што лесно се голта — ова е живот на страници. Живот што пулсира помеѓу редовите, што те разнишува, те распарчува и полека — те собира назад. Со зборови што не се цензурирани, не се изгланцани за да бидат удобни. Туку вистински. Телесни. Крвави. Човечки.
Преку неа ќе почувствувате како изгледа надежта кога се троши. Како звучи тишината во две очи што не добиваат одговор. Како мириса стравот што се вселува меѓу двајца што се сакаат, ама животот постојано ги тестира. И како изгледа љубовта — не онаа од бајките, туку онаа што преживува. Онаа што не секогаш победува, ама не се предава.
Ивана Спасев не ја напишала оваа книга само како авторка — туку како жена, како сопруга, како мајка, како борец. И тоа се чувствува. Секоја страница е како отворена рана што зборува, но и како прегратка за секој што некогаш се почувствувал скршено. Ова е роман за сите чии соништа некогаш биле убиени на тивко. И за сите што, без оглед на тоа, пак станале.
„Убавината на скршените нешта“ не ве поучува, не ве убедува, не ве води. Таа седи покрај вас, ве гледа в очи и ви вели: „Не си сам.“
И во тоа има една тивка, потресна, вистинска убавина.
Седам на убава плажа и липам и шмркам како што веројатно ќе липа и шмрка и секоја друга мајка.
На моменти наликува на чик-лит книга (кхм едно незгодно) или драма, на моменти и како психо-трилер, на моменти ми доаѓаше да ја излекторирам како други книги порано, на моменти да не се согласувам со постапките на ликовите, но кога ја завршив сфатив дека не би променила ништо. Она што ја прави оваа книга посебна е најголемиот дел од неа кој вриска со искреност и сировост прелеани од две скршени и зацелени души.
Оваа книга не е напишана за да ги задоволи високите книжевни кругови, туку да допре и да ги разоткрие сите најдлабоки мисли и емоции во патешествието низ неплодноста, љубовта и загубата, патем додавајќи и фиктивна приказна која толку вовлекува во себе што нема да ве остави да ја спуштите.
Ивана со децении впивала разни книги за сета инспирација и страст за приказни да се истурат на овие страници, а тоа го прави вешто во ранг на светски бестселери. Се надевам дека следен чекор е превод и продажба во милионски примероци. ❤️