Митот стана реалност – по стотици, ако не и илјадници години, по земјата чекори човек кој ги поседува Сончевите моќи.
Елшата крунисува, елшата гори. Елшата возвиши поранешен хилијарх, а кралот Марко наследи кралство на раб на војна. Несплотени градови, тензија и неизвесност – само со крв се решава спорот, предавници и узурпатори немаат место во Крунски. Останува на Заргла Неда да извојува победа за вистинскиот престолонаследник и да го обедини тоа што Каландар го распарчи.
Една кралска ќерка е заробена во туѓо кралство, каде владее најмоќното божество Ат-Aд, додека другата засведочува како човекот со почиста крв од самиот крал жртвува сè за да си ги исполни своите мистериозни цели. Сами, во два непознати света, и на двете не им се преживува, им се владее.
Среде политичките сплетки и крвавите пресметки, Токиј Токмакот само сака да си го спаси својот другар, да го извлече надвор од подземјето. Тој не трпи неправди, па на својата нова потрага си понесува неочекуван придружник. Пријателствата се скапоцени, а магијата добредојдена во тешките времиња кои безмилосно го поробуваат кралството, гнилејќи го од сржта. Кој кому навистина му ја плети судбината, боговите на луѓето или луѓето на боговите?
Елена Бошбож (31.10.1996) е писател, магистриран професор по англиски јазик и книжевност. Посетува фантастични светови кога ќе ѝ здодее овој вистинскиот. Кога не е дел од воспитно-образовниот процес, е пред лаптоп или пред книга, смислувајќи понекогаш волшебни, понекогаш морничави приказни. Пишува и на македонски и на англиски. Нејзиниот прв краток расказ на англиски јазик е објавен во The Dark Corner Zine во 2020 година. Гостуваше и во поткастот Sublimely Gothic. Член е на Македонското научно друштво од 2022 година.
Elena Boshbozh (October 31, 1996) is a writer, master's degree professor of English language and literature. She visits fantasy worlds when she gets bored of the real one. When she is not part of the educational process, she is in front of a laptop or in front of a book, coming up with sometimes magical, sometimes creepy stories. She writes in both, Macedonian and English. Her first short story in English was published in The Dark Corner Zine in 2020. She was also a guest on the Sublimely Gothic podcast. She is a member of the Macedonian Scientific Society since 2022.
Какво продолжение луѓе! Како да го дочекам следниот дел?
Во вториот дел од оваа епска сага, патиштата не водат уште подлабоко во светот на Елшата — каде светлината и темнината не се спротивставени, туку испретплетени како корен и гранка на истото дрво. Мистеријата се продлабочува, со стари тајни што конечно почнуваат да излегуваат на виделина, додека нови интриги никнуваат во сенките на кралството кое пропаѓа.
Пророштвото почнува да се остварува.
Речениците и зборовите во книгата сеуште пеат онака сурово, длабоко, симболичено, како да се спуштаат низ најстарите легенди и се искачуваат до највисоките митови. Ова не е само приказна ова е мит во создавање кој не ја раскажува само историјата на еден свет, туку........ Совршено!
Иако Епската фантазија ми е најомилен жанр, другите книги кои сум започнал да ги читам некако не ми одеа.
Тоа не беше случај со оваа книга. Ова е достојно и фантастично продолжение на првиот дел.
Приказната продолжува веднаш од каде застанува првиот дел. Најголемиот дел од ликовите се некако поделени во парови (не, не мислам на љубовни) кои имаат неверојатна динамика меѓусебно. Токиј/Анел ми беа некако најинтересни. Како поединечен карактер воопшто ми се допадна Вида. Има многу повеќе во неа отколку што дозволува да излезе на површина.
За самата приказна...да ми кажуваше некој дека може да се направи спој од нашиот фолклор, словенска и античка митологија, ќе помислев дека е луд. Но еве, можело и тоа е совршено. Ми се допаѓа и тоа што авторката не се „фаќа за готови, стандардни производи“ кога станува збор за митолошки суштества (на пример грифин, еднорог), туку си креирала свои кои само ми го зголемија задоволството кое треба да го донесе една епска фантазија. Барем јас за првпат ги среќавам во оваа книга.
Мислам дека за првпат ќе бидам кратка во еден осврт, бидејќи има многу шо да се кажи за оваа книга, но во исто време не би сакала да откривам премногу, бидејќи треба да се прочита. Пред да продолжите со вториот дел од приказната за Сончевото кралство, моја препорака е да се разлиста првата книга за потсетник кој е кој и што се случи во таа книга. Имаме некои ликови кои се појавија во првиот дел и ги има и тука, но има и нови ликови кои за првпат ги среќаваме во овој дел. Има многу повеќе факти отколку во првиот дел и навистина е добро скоцкана приказна. Некои работи се разјаснија, а други прашања се отворија. Доколку и вие сакате да дознаете која ќе биде судбината на Копачите (засега), како Крал Марко ја врши функцијата и како сите други ликови се вклопуваат во целата приказна, прочитајте ја Оки железо за магичното сечило. Мене ми се допадна и ја препорачувам.
Поради сплет на околности, имав прилика вториот дел од „Сонцето под земја, кралството над него“ да ми падне в раце во првите денови по излегувањето од печат. Една од ретките книги кои со нетрпение ги очекував и дефинитивно, еден од ретките втори делови кои не ме разочарале. Ја „шмркнав“ во рекордно време. Накратко и без спојлери... Вториот дел продолжува онаму каде што заврши првиот, со истиот жар и интензитет. Додека Сончевото Кралство полека каска кон својата пропаст (дали?), секој од нашите јунаци се бори со своите демони на свој начин. Ликовите се перфектно разработени (од некоја причина Каландра ми стана омилена!), текот на приказната е линеарен и изобилува со добро осмислени пресврти и акција. Единствено што ми недостигаа, се другите, околните кралства, кои и во овој дел , уште се некаде далеку и се само приказни за кои се зборува... (но, ќе има и трет дел ;-) Се на се, одлично сработено епско дело, кое верувам веќе остави печат во оскудниот македонски епско-фантастичен етер.
Има книги што се читаат во еден здив – те понесуваат, не можеш да ги оставиш. А има и книги што бараат време, внимание и тишина. Тие не се читаат брзо, туку длабоко. И секој збор во нив останува подолго. Е баш такви се книгите на Елена Бошбож.
И овој пат Елена не ме разочара со нејзиниот стил, техника на пишување кој е литерарно богат, емотивен и визуелен, со јасно изразена поетичност во јазикот но и со силна симболика.
Има неколку разлики меѓу двете книги на Елена Бошбож. Еве ги најважните:
📖 Во првата книга ни даде вовед, не вплеткува магично во приказната, додека во втората оди подлабоко, не запознава со нови кралства, повеќе народи и традиции.
Ликовите во првата книга повеќе ги запознаваме, ги гледаме нивните почетоци, стравови и избори, додека во втората тие се позрели, со последици од своите постапки, некои стануваат посилни, други послаби…
Дејството во првата книга е повеќе со мистерии и загонетки додека во втората повеќе е драматично, со повеќе акција, магија и судири.
Мене посебно, и во двете книги ми се допаѓаат симболиката и митологијата. Додека првата книга ја гради основата на митологијата, во втората се откриваат корените и значењето на тие симболи – сечилото, железото, огнот, и сè што стои зад нив.
Еве неколку совети како подобро и полесно да ги разберете и уживате и во двете книги:
1. Пред да почнам да ја читам втората книга, најпрво се потсетив на првиот дел ,,Неродениот и човекот кој не умре”.
2. Во ,,Оки железо за магичното сечило“, има многу ликови, и тоа е една од карактеристиките на нејзиниот стил. Уште во првата книга си го запишував речиси секој лик со мало објаснување, па така кога ја почнав книгата ми беше многу полесно да се вклопам во приказната.
3. Мапа - за мене тоа е еден од најубавите елементи на книгата. Таа не е таму само како украс — туку како водич низ светот што Елена Бошбож го создала. Со помош на мојата внука, која ми ја нацрта, имав јасна слика за тоа каде се градовите, нивната разделеченост и владеење.
Ова е втора книга од еден свет - несвет, каде сонцето се крие под земја, кралството седи над него, магијата тлее во секое зборче и елшата светка на сите страни. Елена ни го поддава магичното сечило од оки железо и вели: читај, но и чувствувај. И така започнуваш, читаш едно зборче нанапред, па се враќаш две наназад, па уште еднаш ги препрочитуваш оти многу ти се допаѓа приказната. Почнуваат да ти светкаат очите, да ти се познава елшата во нив, да ти се топли срцето. Се топлиш и топиш, милина ти е на душата. А потоа полека, почнува да мириса на чад. Се вртиш наоколу и гледаш дека залетало некое жарче, наеднаш се вивнува оган. Па почнува да мириса на запалено месо, де човечко, де животинско, исто мириса изгореното месо, мириса на оки железо, мириса на оки крв. Жарче оган, жарче крв, се запали тишината, изгоре сегашноста. Капка вода, капка потоп, стивна пепелта, се обои иднината. Но, пролеаната крв останува по патиштата, како крвав полжав да ги полазил. Де нив, де душите на луѓето. Поминал, и откорнал некое делче од нив. Покриј ми ги очите, да ми изгасне сонцето, да ми го снема телото, што не знам дали е мое, да ми стивне душата, што не знам дали ја имам. Така, некој не може да осознае дали се чувствува како самиот себе, има заборавено што значи да си свој и само свој. Кинам тревка, кинам билка, пуштам корења низ земјата, од светот под земјата, до земјата под него. Секое семче е збор, 'рти и се раѓа тивко, расте меѓу сенки и светлина, намотани на мојава рака. Некој, па, е свој повеќе од било кога, сака да си служи себеси и само себеси наместо на боговите. Сака да се противи и на Првите и на Избраните; и на зборот од кој сѐ почна и зборот кој беше на почетокот; и на јаболкото кое чека да не биде скинато. Ама не се противи на сестринската љубов. Оти тоа е онаа љубов која нема граници, онаа љубов која почнува со долгите разговори навечер, онаа која започнува со измислените суштества, чудовишта и жртви, а не завршува никогаш, онаа љубов која ги има сите можни облици и ги знае сите патишта и правила. И не ја испиша Елена тука само нејзината судбина, туку сите судбини. И сите мината и сите иднини. Мојата со сестра ми, мојата со братучетка ми, твојата со сестра ти, или пак брат ти... Нѐ испиша сите по малку, оти сите сме малку пиреј и како Пиреј. Иако има тенки рачиња - гранчиња, полни се со жар и надеж, полни се со живот. Нѐ испиша оти сите сакаме и да засведочиме историја, наместо само да ја читаме. Нѐ потсети на живот, на рожба, на родено и неродено. Нѐ потсети да живееме и да се споиме со природата, да одиме по земјата, еден чекор нанапред, па два наназад, боси, да се преродиме. Да излезе она што е затрупано во нас, она нероденото, да се пронајдеме себеси, или барем да почнеме да се бараме себеси. Ама нѐ потсети и дека сѐ има цена. И дека можеби допрва ќе ги направиме грешките за кои тргаме маки сега. Можеби така работат судбините, нелинеарно, не како река, туку наизменично - минато, сегашност, иднина - можеби сѐ што добиваме, сме добивале и ќе добиеме ни е заслужено, или допрва ќе го заслужиме. Не ја гаси светлината во душата, нека светка елшата во тебе, нека трепери секој спомен, и поминат и допрва што ќе дојде. Многу, многу богата и стабилна, малку филозофска, прекрасна во секој случај, пофантастична од претходната и елшино инспиративна. Елена, ти симнувам елшина маска.
Одлична книга, со неочекувани пресврти, фасцинантни ликови, и навистина магичен и интересен свет. Многу ми се допаѓаа различните спарувања и комбинации на ликови, како и дополнителното продлабочување на светот, неговата историја, и различните култури и обичаи кои постојат.
Го завршив овој роман вчера вечер и размислував како да ја започнам оваа рецензија. Прво, приказната за Ѕвездан и Каландра е една од најоргиналните и најинтересните приказни што ги имам прочитано: градењето на светот, описот на подземјето, суштествата, моќите на Ат-Ад, едноставно уживав во учитањето на овие глави: беа волшебни и мистериозни. Највозбудена бев кога ќе видов дека следната глава е на еден од овие два лика. Второ, навлегуваме многу подлабоко во главните и споредните ликови добиваат поголемо значење. Ликовите на Марко и Токиј доживуваат промена и нивниот понатамошен развој ќе се види почисто во следните делови, а некои други како Аминта, Илина, Трајан, Ат-Ад се извлекоа од позадината која ја окупираа во претходната книга и станаа позначајни. Драгор останува мистериозен и интригантен лик, чиј цели се непознати. Неговите следбеници (Давид и Дафина), па дури и Илина остануваат сепак малку таинствени, дури и Илина која често ја има улогата на раскажувач. Покрај нив, се запознаваме со Вида и Зафира. Преку ликот на Вида ја гледаме кралицата (мајката на Марко) и дворските интриги, лицемерието на благородниците и стабилноста/нестабилноста на кралството кое се распаѓа. Од друга страна, Зафира е непријател на демонот Ат-Ад, но истовремено и е лојална на Марко. SPOILERS AHEAD! Сепак морам да ја споменам и Неда. Нејзината храброст и верност на крајот беа тие што ја уништија. Без разлика, останува впечатлив лик, главен, моќен но победен штит на Марко, кој сега е принуден самиот да војува со Драгор. Одлично продолжение на серијалот, со нетрпение го чекам третиот дел.
Премногу ми се допадна. Си го сакам начинот на раскажување на Елена – тече лесно, а во исто време е богат, сликовит и полн со длабочина. Ми се допадна и како го продолжи дејството, како ги разви ликовите, колку многу работи отвори за приказната да може да продолжи во различни насоки.
Илина ми стана омилен лик. После неа – Вида.
Можеби лично ми фалеше малку подобро потсетување на настаните од првата книга, вткаено низ приказната, оти помина многу време. И делуваше како дејството да се одвива пребрзо – ми фалеа барем уште 200 страници, да се успори темпото и сè да се развие полека, детално. (Мислам дека сум единствениот што мисли вака, јас сум секогаш за побрзо, ама сега се споија месечините и се случи чудо)
Но, целокупно – презадоволен сум. Едвај чекам трет дел. :D