Во срцето на Јужна Австралија, во напуштен ресторан среде паркот Драј Крик, полицијата наоѓа тело – обезглавено, совршено распарчено, внимателно завиткано – спакувано како нешто што никогаш не требало да биде пронајдено. Детективката Оливија Вест е назначена да го води случајот што не ѝ дава сон – и не ѝ остава простор за грешка. Таа не знае дека тоа што го гледа е само почеток на нешто многу пострашно.
Телото не можат да го идентификуваат. Времето на смртта е нејасно. А поврзаноста со местото – непостоечка. Додека Лив се обидува да собере какви било траги, случајот неочекувано ескалира: полицијата открива уште десет тела и мрежа од настани што води далеку од границите на Аделаида. Притисната од јавноста, Лив мора да го фати серискиот убиец пред темнината да ја проголта – не само професионално, туку и неа лично.
Шокантен психолошки трилер за злосторства кои не се забораваат, за тајни кои се пренесуваат од генерација на генерација и за демоните што се кријат во секој од нас. Ова не е само приказна за убиства. Ова е приказна за спас… ако преживееш доволно долго да го пронајдеш.
Со творештвото на Оља се запознав преку историската драма "Сагата за Рајна" и ме освои и воодушиве и од приказната но и од нејзиниот стил на пишување. И многу често знам да кажам дека ова дело на Петрушевска - Томева треба да биде задолжителна лектира во нашето образование.
Нејзиното најново дело е психолошкиот роман "Сите нејзини демони", кој на некој начин е претходник на романот "Одмаздата на богомилката", но според мене може да се читаат и како засебни дела. Ќе бидам искрена и ќе кажам дека со романот "Сите нејзини демони" Оља се надминува себеси, ова е без сомнение нејзиното најдобро дело. Психолошки роман кој ќе ве остави будни, и иако ќе си речете само уште неколку страни, едноставно не можете да го оставите. Има сè што треба да има еден психолошки роман: возбуда, адреналин, мистерија, комплексност, со исклучително непредвидлив тек на раскажаните настани. Дејството е полно со пресврти а ликовите се добро структуирани. Иако можеби навестував додека читав кој може да биде негативецот, на неколку пати се посомневав во различни ликови, а тоа е поентата еден добар да биде добар, кога ти прави конфузија во главата. За крај само ќе кажам дека Оља со "Сите нејзини демони" влезе во мојот топ 5 круги на македонски автори кои пишуваат психолошки романи.
Интересна идеја, добра мистерија -тело на симетрични дела, но главата ја нема. Сѐ води кон еден настан во минатото и неколку луѓе со испреплетени судбини.
Во морето на трилери, ретко се среќава книга која не само што нè води низ крвав лавиринт на злосторства, туку нè принудува и да се соочиме со мрачните лавиринти во умот на еден човек. Ова е токму таква книга. Сместена во тивката, но темна сенка на Аделаида, приказната започнува со обезглавено тело во напуштен ресторан и експлодира во мрежа од убиствени инстинкти, трауми, лажни идентитети и распарчена психа. Главните детективи, Оливија (Лив) и Ноа, бргу се наоѓаат фрлени во најсложениот случај на нивната кариера — случај каде секоја жртва, секој траг и секој сведок крие повеќе од што се гледа. Но она што ја издвојува оваа книга не е само нејзиниот заплет — туку длабочината на нејзиниот психолошки портрет, особено на ликот Марија. Таа не е само негативец или антагонист — таа е симбол на распаднато човечко битие, создадено од болка, предавство и траума. Со дијагноза на распад на идентитетот и создавање на повеќе алтер ега, Марија станува своевиден гласноговорник на сите тие тивки страдања што општеството ги отфрла или игнорира. Низ ликот на Ана — нејзиното примарно его, преживеано од монструозно злосторство — ја чувствуваме борбата за контрола, желбата за правда, но и неизбежното лизгање кон одмазда. Сара ја претставува кревката страна на детето кое не можело да се справи со хоророт, додека „мајката“ Марија е верската слика за искупување и вина. Најстрашен од сите е Виктор — алтер егото на нејзиниот злосторник, кој не само што живее во неа, туку и ги продолжува своите злодела преку нејзината рака. Секое убиство во книгата не е само чин на насилство, туку и гласен крик против неправдата — како да е секоја жртва дел од нејзината сопствена болка, одраз на трауми што никогаш не биле излекувани. Пожарот во болницата, бегството, засолништето во округот на „спасените“, затворањето на кругот со откритието дека Марија и Ана се едната иста личност, се врв на психолошкиот интензитет на романот. Финалната пресметка со Лив и самоубиството на Марија не ја носат типичната катарза — туку оставаат трага од горчина, тага и прашање: Колку души може да се скршат пред да станат опасни? Оваа книга е повеќе од трилер — таа е психолошка диссекција на болката, на преживувањето, на лудилото и на границите помеѓу жртвата и џелатот. За љубителите на мрачни, интелигентни приказни што остануваат под кожа долго откако ќе се затвори последната страница, ова е задолжително четиво.
This entire review has been hidden because of spoilers.
Прекрасно продолжение на книгата Одмаздата на богомолката, ама и тешко. Нема да зборувам за настанатите во книгата, тоа ќе го оставам на вас да го откриете кога ќе ја прочитате. Но ќе зборувам за она на што ме натера да размислувам оваа книга. Може ли душата да се распадне од болка? Дали личноста на детето/човекот се дели за да преживее, или затоа што е скршена? Каде е одговорноста – кај општеството, семејството, молкот, срамот, пријателите, комшиите, законот? Дали механизмите на одбрана се создадени за да го заштитат човекот од болка? Дали делењето на личноста е последната нишка пред целосното душевно и психичко уништување? Дали делењето на повеќе личности се несвесно враќање кон емпатијата, саканоста, припадноста, грижата, љубовта? Дали една таква уништена душа се прашува која е таа кога е повеќе од еден?- бидејќи “јас“ на е на еден, туку на повеќе “јас“ кои не се свесни еден за друг дека постојат. Дали страдањето и болката се суштината на ваквиот човек? - бидејќи не знае која личност ќе се разбуди утре кога ќе стане од спиење? Дали оваа личност е “болна“ или е само...? Кога си ги поставив овие прашања, не знаев дали сакам “Богомолката“ да се “излечи“ или да се казни за сите злодела. Или и двете заедно. Не знаев дали сакам да ги признае или да ги сфати нејзините демони дека се дел од неа, не како казна, туку како форма на преживеана вистина. Знаев што е исправно, морално, ама потајно сакав сите да ја разберат, сакав да се чуствува како нормална, дури и вака остарена. Зошто? Затоа што според мене нејзините Демони за сите се чудовишта, ама и не се, оти тие се нејзините сведоштва за преживеаното зло. И да, почуствував и малку радост во оној дел во кој таа барем малку почуствува љубов и припаднот.
Со романот „Сите нејзини демони“, Оља го испишува најмрачниот и најкомплексен психолошки трилер во своето творештво досега. Приказната почнува со морничава сцена: обезглавено и совршено спакувано тело пронајдено во напуштен ресторан во срцето на Јужна Австралија — мистерија што детективката Оливија Вест ја втурнува во случај од кој нема враќање. Во сенката на тивката Аделаида, се открива мрежа од злосторства што се шират далеку надвор од границите на градот и ја вовлекуваат Лив во опасен лавиринт од трауми, лажни идентитети и закопани вистини. Секој лик носи нешто повеќе од тоа што се гледа на прв поглед, а секоја сцена е набиена со адреналин и психолошка тензија. Она што го издигнува овој роман е длабочината на човечките слабости и скриените стравови кои се провлекуваат низ секоја страница. Ликовите се слоевити, пресвртите — непредвидливи, а атмосферата ве влече во мракот каде никој не е целосно невин. Интересно е што „Сите нејзини демони“ е продолжение на романот „Одмаздата на богомолката“, кој сè уште не сум го прочитала — но можам да кажам дека овие две книги може сосема комотно да се читаат засебно. „Сите нејзини демони“ не е само приказна за убиства — туку и за спас, ако преживееш доволно долго за да го пронајдеш. Роман кој нема да ве остави рамнодушни и кој ќе ве натера да читате уште само една страница… па уште една. Ако сакате трилер кој ќе ве натера да се запрашате што сè се крие зад маските што секојдневно ги носиме — ова е книгата што ќе ве држи будни долго по последната реченица.