Јас не бев момче што во вечерните часови седеше со книга в рака. Јас живеев ноќен живот. Не бев мирен и повлечен. Животот ме натера да станам бунтовник. И почувствував тапо горење на кожата, пробивање на куршумот. Дишев забавено и со прекини. Неговото лице беше испаничено, а моето насмеано. Се прашував, каде ли ќе одам? Рајот или пеколот? Но веќе претпоставував. И ја сретнав неа. Колку е чудна и мистериозна. Баш како мојот нов живот. Ми се допаѓа. Нема да се откажам од неа. Ќе ја пронајдам и ќе дознаам која е. И тогаш кога сѐ се среди и кога конечно заборавив на целиот пекол од последните неколку години и кога можев да помислам дека конечно сум среќен, мораше да се случи нешто...
Авторка и вљубеничка во пишаниот збор. Твори во рамките на фантазијата во книгите за деца и млади и вешто ги внесува знаењата од студиите по криминалистика во своите трилери. Досега има осум објавени книги и неколку раскази во списанија, вклучително и „Волкот Пуи“, како дел од сликовницата „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и движењето „Браво Сине“. Добитничка е на плакетата за најдобар есеј што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, за 2018 година, за есејот „Под липата“. Со кримитрилерот „Сенки во подземјето“ во 2022 година ја освои наградата „Македонска книжевна авангарда“ доделена од страна на Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“. Се надева дека еден ден нејзините книги ќе бидат преведувани и на други јазици за да допрат до читателите од целиот свет.