Необичен живот. Претерана совршеност. Неслучајна средба. Многу тајни. Закани. Нов свет. Стари пријатели. Зло. Една авантура. Шест надежи. Моќи. Животот на Лиетус Кетрин ќе се сврти наопаку кога ќе го сретне Дезмонд, кој ја запознава со еден нов свет. Лиетус открива дека има моќ и дека е новиот водач на Фрагарија. Заедно со Дезмонд заминуваат во Фрагарија каде што од златната карпа недостигаат пет парчиња кои мораат да се пронајдат. Шестмина пријатели тргнуваат во авантура за да ја спасат Фрагарија. Авантура во која само еден од нив може да стигне до целта.
Авторка и вљубеничка во пишаниот збор. Твори во рамките на фантазијата во книгите за деца и млади и вешто ги внесува знаењата од студиите по криминалистика во своите трилери. Досега има осум објавени книги и неколку раскази во списанија, вклучително и „Волкот Пуи“, како дел од сликовницата „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и движењето „Браво Сине“. Добитничка е на плакетата за најдобар есеј што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, за 2018 година, за есејот „Под липата“. Со кримитрилерот „Сенки во подземјето“ во 2022 година ја освои наградата „Македонска книжевна авангарда“ доделена од страна на Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“. Се надева дека еден ден нејзините книги ќе бидат преведувани и на други јазици за да допрат до читателите од целиот свет.