Катерина и Давид отсекогаш сонувале да ја истражат вселената, посакувале да ги допрат ѕвездите што се високо на небото. Една вечер тие случајно откриваат портал што може да ги пренесе до други таинствени планети. Заедно со Моњо, децата се качуваат во вселенскиот брод што ги води на незаборавно патување низ вселената и во мисија да ја спасат планетата Лура од темнината.
Авторка и вљубеничка во пишаниот збор. Твори во рамките на фантазијата во книгите за деца и млади и вешто ги внесува знаењата од студиите по криминалистика во своите трилери. Досега има осум објавени книги и неколку раскази во списанија, вклучително и „Волкот Пуи“, како дел од сликовницата „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и движењето „Браво Сине“. Добитничка е на плакетата за најдобар есеј што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, за 2018 година, за есејот „Под липата“. Со кримитрилерот „Сенки во подземјето“ во 2022 година ја освои наградата „Македонска книжевна авангарда“ доделена од страна на Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“. Се надева дека еден ден нејзините книги ќе бидат преведувани и на други јазици за да допрат до читателите од целиот свет.