Древни скапоцености. Писма со порака за смрт. И Исак, кој со своите тајни се наоѓа во средина, во окото на бурата.
Оксфорд, 1884 година. Во една мирна пред-Велигденска ноќ во месец април, се појавуваат 141 коверт на исто толку куќни прагови, кои во себе содржат загатка со порака за смрт и рок од три дена, како и една нишка црвен конец. Оксфорд се крева на нозе; потрагата почнува. Што се бара? Кој треба да биде најден? И зошто треба сите да умрат? Разбирајќи ја итноста на пораката, младиот професор Вилијам Еванс и неговата сестра близначка Изобел почнуваат трка со времето. Им се придружуваат детективот Грин и вдовицата Камингс која со себе ја носи тајната за Аластер Ворен, единствениот преживеан од големата трагедија пред седум години.
Охрид, 2025 година. Во една мирна пред-Велигденска ноќ во месец април, се појавува едно писмо на само еден куќен праг, кое ја содржи истата порака и нишка црвен конец како пред 141 година. Прагот на Исак Илиев. Зошто исто писмо? Што треба да биде најдено? И зошто повторно сите треба да умрат? Заедно со неговиот најдобар пријател Крсте и Британката Агата која мистериозно се појавува, почнуваат трка со времето и бегаат. Бегаат од ловци на глави, ловци на духови, ловци на богатства, ловци убијци. Од северот на Македонија до пазувите на Егејското море, пред нив се распослани загатки, мапи, писма, нови вистини и стари тајни. Сѐ во рок од три дена.
Што се случува со загатките кои завршуваат со закана за смрт во Охрид и Оксфорд? Како се овие два града поврзани преку една голема лична трагедија и загуба која ќе го растрепери целиот свет? И зошто Исак станува Исаак?
Ќе бидам искрена – ваков тип книги обично не ме привлекува, но оваа ме изненади повеќе одошто очекував. „Исаак“ е возбудлива, мистериозна и топло напишана приказна што спојува две епохи – Оксфорд во 1884 година и Охрид во 2025. На прв поглед, звучи како класичен трилер, но во основа е многу повеќе: приказна за верата, судбината, простувањето и борбата со себеси.
Многу ми се допадна начинот на кој авторот ја гради напнатоста – секоја глава носи нова загатка, а расплетот е навистина неочекуван. Нешто што исто така ми остави голем впечаток, е тоа што и покрај сериозната тематика, има и моменти на хумор кои му даваат живот на раскажувањето. Исак и Крсте се ликови што лесно ги засакуваш, а Агата додава посебна динамика и мистерија во целата приказна.
Она што најмногу го ценам и дополнително ми го топли срцето е тоа што сè делува многу наше – описите на Охрид, Галичник и Велеc се толку живописни што навистина те влечат во атмосферата.
На крај, останав со чувство дека сум прочитала нешто што носи тежина, но и светлина. Не очекував дека толку ќе ми се допадне, но ,,Исаак“ дефинитивно е книга што ме потсети дека македонската литература има што да понуди – особено кога некој вака умешно спојува мистерија, историја и човечност.
Оваа книга ми беше пријатно изненадување и доказ дека понекогаш вреди да излезеш од својата читачка зона на комфорт. Браво, Кирил, за прекрасното дело што си го создал! 🙌 🩵
Книгата претставува солидна трилер/мистерија чие дејствие се одвива во два временски периоди и две локации.
Едната од тие локации е Охрид - нашиот скапоцен камен. Особено уживав во описот на Галичица (јас сум од Ресен, другата страна на Галичица, но нејзината магија ми е добро позната :) ).
Ликовите се лесно допадливи. Менталитетот на англичаните во Оксфорд - 19 век е веродостојно доловен. Исто и нашиот менталитет во денешно време.
Солидна препорака од мене и се надевам нема да чекаме долго време за продолжението.
Посебно ми е драго што мојот колега и земјак после првото автобиографско дело излегува со еден смел роман кој е мешавина од неколку жанрови и успева да ни раскаже една универзална приказна за потрагата по смисла, себепростувањето и останувањето човек во времиња во кои тоа е се потешко. Уживав во двојната нарација иако сегашната приказна е сепак поинтересна. Стилот е истовремено богат и едноставен, близок до обичниот читател а сепак приказната бара познавање барем од основните начела на христијанството и јудаизмот за да може да се цени повеќе. На моменти се познава нарација од типот на telling наместо showing, но верувам дека и тоа авторот понатаму ќе го испегла со следните книги. Солидни 4.5/5.
Кириле, не си создал книга, туку литературна икона, и преку неа тишината зборува, и тоа погласно од самите зборови наизуст изустени, оти зборовите се само зборови, бледи, иако се од црни букви создадени.
Не случајно името на книгата си го избрал, оти и самата книга е жртвеник без крв, ад без оган, був во лет – невиден, но присутен. Па книгава не е за читање, туку за чувствување, а ти не раскажуваш, туку сведочиш, за сведоштво кое е тивко, без вишок зборови, тивко, длабоко, мистично, библиско, молитвено. Оти во тебе дел од Исаак има, оти и во мене дел од него има, оти и во сите нас дел има и треба да има.
Си сплотил две приказни, два века, две страни, два града со ист почеток, едно име Исаак – Смеата на Вечноста!
Со совршенство две приказни си извезел, со игла, црн и црвен конец. Црниот црн како восокот црн, за злото, за неправдата, за злите души, а црвениот црвен како Божјата крв, за верата, надежта, невидливата нишка на судбината, нишката помеѓу видливото и невидливото. А иглата пак тивко низ буквите си ја провирал како мост помеѓу тишината на зборовите и издишките на времето, небаре дудук тивко свири, чиј звук не само што се слуша, туку и се чувствува.
Си ткаел две приказни кои низ разбојот наизменично одат, две приказни со почеток и крај или крај и почеток, мрак и светлина, светлина и мрак, смрт и живот, живот и смрт. И двете во една книга сплотени, на една икона исцртани, една книга со две корици - завршуваш со едната, почнуваш со другата, една икона со две страни - свртија едната страна ќе видиш другата.
Си создал два лика, две тела, но едно име. Едниот носи товар за тоа што се случи, а можело да не се случи, а другиот, и херој е и не е, ама жив сведок секако е, и не поради својот, туку поради туѓиот избор. И двајцата се движат низ животот како човек – човек, со прашање кое виси, дали биле благословени или одбиени од судбината, дали се жртвата која била принесена, дали се жртвата што треба да се принесе или треба на друг начин да се жртвуваат. Едниот Исак е преживеан, ама празен, со недоизречена вера која ќе ја најде, и смирение ќе најде, а другиот е мртов однатре ама е тука, присутен и во него има глас што не замолкнува, колку и да го потиска да не излезе дури ни низ шепотот.
Па ќе кажам иако се две приказни, Исаак е еден живот, живот кој еднаш исчезнал, ама пак опстанал, живот нецелосно целосен и целосно нецелосен, живот во кој двете очи никогаш не се затворија, живот кој од дамина опстанал, живот со мир и преродба, трпение и доверба, искушение и покајание, прошка дадена и земена, сила и стабилност, просветленост и посветеност, нишката помеѓу невозможното и вечноста, смеата во тишината, надежта задоцнета, светлина што доаѓа, мудроста здобиена, која само гледа и не се меша.
Па се прашувам: Дали вистинската радост се раѓа од исполнување, или од прифаќање? Дали ако се пушти тишината да стане вода, стравот ќе се измие со вистината? Дали ако сведоштвото е тивко, се друго би било предавство? Дали ако жртвата не е физичка, туку емоционална, егзистенцијална, човека би бил жив или би бил, ама не веќе истиот човек -човек? Дали ако душата си ја отворам, и тишината моја прогледа, некој ќе ме разбере или најмалку јас самата себе ќе се разберам, па ќе ја осознавам вистината што не мора да биде објаснета, туку само препознаена, без суд, без промена, без осуда? Дали навистина солзите мијат се, дали се тие мојата телесна молитва за искупување, и дали наместо зборовите солзите мои зборуваат? Дали во сите нас, во мислите, во душата, во разумот, во срцето ги има и Бетелгез и Ригел? Гори ли оган во сите нас кој ќе умее да се изгасне, за светлината која во секој од нас наѕирка да порасне? Дали меѓу нашите Бетелгез и Ригел покајанието и прошката се протегаат? И на крај, зошто човекот секогаш сака се да знае, а не знае во себеси да го носи и ни половоина од тоа што веќе го знае?
Совршенство. Се надевам дека ќе има продолжение на оваа книга, па ќе си најдам делот од одговорите кои ми недостасуваат!
Браво! Секоја чест за напишаното! Поклон до небеса!
„Така се достигнуваат врвови, со жртвување кога не сакаме да се жртвуваме, кога не можеме, а сепак чекориме напред“.
Уште пред да ја прочитам знаев дека е ремек дело, книга која долго се памети и се чита во еден здив.Книга која ќе ве наведе да се запрашате што е тоа што треба да го направите за да се осознаете себеси, а притоа да придолжите да чекорите исправено напред соочувајќи се и прифаќајќи ги сите свои стравови, трауми и несовршености..Книга која ќе ве увери дека сите ние сме Исаак и ќе ве натера да верувате во чудесата Божји и дека патот што тој ни го предодредил ни го дал со причина , а наше е да осознаеме зошто.. Прекрасен ��тил на пишување, совршено изградени ликови и приказна, прекрасен спој на едно далечно минато со сегашноста, историја, археологија, едно древно минато и древни скапоцености, тајни од минатото и сегашноста и Исаак кој е тука со причина за да ја реши мистеријата кој Бог со причина му ја предодредил...Неочекуван расплет на настаните, неизвесност до последната страница и крај кој ви остави милион прашалници кој, зошто и како?
Искрено не очекував хумор во " Исаак" и тоа пријатно ме изненади, а и и даде посебна убавина на целата приказна...Покрај Исаак,неговиот другар Крсте е лик кој не можете , а да не го сакате , толку е оригинален и посебен, а ќе видите и зошто.. Јас го обожавам.. Ќе се смеете до солзи...Колку само се смеев за гребнатинката од куршумот и дека ќе умираше од "толку многу крв" ,а за тоа дека е вечно гладен, колата си ја сака повеќе од себе и секогаш има време да истресе некоја несолена шега и да подели некој несолен коментар во момент кога не е потребно...Што би рекле "Што на ум тоа на друм" е таков ви е Крсте.А знаете што е најиронично Крсте по професија е полицаец и тој ќе треба да го брани народот...😂😂
Приказна која се раскажува напоредно во два временски периоди:
Оксфорд , 1884 година Во една пред-Велигденска ноќ еден ист коверт ќе визнемири 141 фамилија, писмо со смртна закана и рок од три дена и еден црвен конец..Оксфорд е во паника кој и зошто? Сите ли ќе умрат? Еден малд професор Вилијам и сестра му Изобел тргнуваат во потрага по вистината и разрешување на мистеријата, кон сето оваа им се придружува и детективот Грин и вдовицата Камингс која носи една голема тајна во врска со Аластер Ворен единствениот преживеан од страшниот пожар пред седум години.. А која е вистината и тајната која е скриена 141 година наназад?
Охрид, 2025 година Приказната се повторува исто како пред 141 година и тоа повторно пред-Велигденската ноќ. Истиот коверт со истата содржина и црвен конец се појавува и тоа само на еден праг, на прагот на Исак Илиев..Повторно истата загатка, зошто смртта е повторно тука.. Па така заедно со пријателот Крсте и Агата британка која се појавува на мистериозен начин тргнуваат во потрага по вистината.. Но патот ни малку не им е лесен затоа што се соочуваат со ловци на богатства, убијци, ловци на духови итн. Опасност демне насекаде.. Но Исак е тргнат од северот на Македонија до Егејското море во потрага по вистината и расветлување на тајните од минатото...Три мистериозни прстени, а само една вистина...
Каква е поврзаноста на Охрид и Оксфорд, која е поврзаноста на овие две приказни во различни временски периоди... Од крајот и поврзаноста ќе бидете шокирани...И ќе откриете зошто и како Исак стана Исаак...
Понекогаш треба да копаме длабоко во нашето минато за да се осознаеме себеси, да се прифатиме такви какви што сме со сите свои трауми и болки од минатото, да поминеме по патот кој ни го одредил Бог со причина, па колку и да ни изгледа тежок, без да прашуваме зошто.. Кога најмалку се надеваме ќе ги добиеме одговорите на сите свои прашања и конечно ќе бидеме ослободени и ќе ги доживееме бесконечните белини и ќе ја видиме светлината на денот.. Исаак чука во сите нас..❤️
Книга која мора да си ја прочитате..Ризница од убавини која ќе ви ја стопли душата..❤️ СВЕТСКО, А НАШЕ👏👏👏👏 Респект за нашиот Кирил... 🫶 Едвај чекам да излезе продолжението..😍❤️ Ти благодарам за оваа прекрасно ремек дело кое се надевам ќе доживее и светска читаност, затоа што тоа и го заслужува..
"Сите ние го носиме својот крст.Кај некои е потежок, кај други полесен, но сите го носиме. Без крст, ние не сме луѓе, без крст ние не сме Негови".
„Исаак“ од Кирил Ангелов е сосема различно доживување од неговата прва книга „Безловен“. Во овој роман се испреплетува мистерија која се протега во два различни временски периоди. Авторот приказната ја води наизменично во минатото и сегашноста и успева да го задржи вниманието на читателот до последната страница. Јазикот е разбирлив и лесно тече приказната која не е обременета со непотребни описи. Секој дел од приказната има две значења - едно што се кажува со споделените податоци и едно што е скриено и го тера читателот да размислува за етичноста, современите проблеми на секојдневното живеење и моралните вредности кои се' помалку ги имаме. Исто така, параболите и поуките од христијанството се вткаени успешно во целиот текст со што се збогатува целиот впечаток. Книга која вреди да се прочита!
Funny, memorable, amazing. Have not finished it yet, but so far am soo impressed!
Edit: Откако ја завршив книгата морам да кажам дека Кирил Ангелов е мастер по дијалози. Исаак е многу забавна и длабока книга, отфрлајќи ја претенциозноста што вообичаено ги краси македонските автори, и тоа не во зборообразувањето, кое држи високо ниво, туку во ненаметнувањето онаа потчинетост на духот која владе во Македонија. Баш напротив, тој активно се бунтува против неа, ја идентификува како еден од главните проблеми во општеството и со пример покажува како треба да се делува. Книгата е преполна со интелектуални игри, со жив дијалог што пулсира со енергија и автентичност. Ангелов поседува редок талент да ги спои филозофското и секојдневното, и тоа со леснотија што само дополнително ја нагласува длабочината на неговата мисла. Неговите ликови се речиси театрално живи – говорат со сопствен глас, со свои уверувања и дилеми, а во исто време дејствуваат како носители на пошироки општествени идеи. Тоа е уметност што бара и храброст и искреност, а Ангелов ги има и двете. Со „Исаак“, тој не само што ја надминува современата македонска книжевна сцена, туку создава дело што заслужува место во поширокиот регионален и европски контекст.
Возбудлива трка со времето, обвиена со мистерија, историја и длабоки емоции! ,,Исаак"од Кирил Ангелов е трилер исполнет со емоции што ги поврзува тајните од Оксфорд во 1884 година со улиците на Охрид во 2025-та, преку мистичната легенда за Соломоновите прстени. За само три дена, Исаак мора да ги најде прстените за да ја спаси својата мајка и Професорот од Оксфорд.
Ова не е патување низ времето, туку борба со времето – и со самиот себе. Прогонуван од трауми од детството, Исаак се соочува не само со опасности, туку и со своите внатрешни демони.
Описите на Охрид, Галичник, па дури и автобуската станица во Велес се толку живописни што чувствуваш како да си таму. Ликовите се маестрално изградени, особено Исаак, чија емотивна длабочина и лична борба длабоко допираат.
Книга што мора да се прочита – за љубителите на македонската литература, древни мистерии и приказни што комбинираат напнатост со душа.
Знам да го погодам крајот на дела од овој жанр. Но, тоа не беше случајот со „Исаак“. Делото има слоевити приказни кои се испреплетуваат со многу емоции и не знаеш кој колку е вмешан, дали е вмешан, дали е виновен и зошто. Очигледни се остатоците од „Безсловен“ кои се распрскани низ многуте ликови, а најмногу низ Исаак - и мислам дека тоа е една од многуте работи кои посебно ми се залепија за срце. Дефинитивно Крсте е посебен. Верувам (или пак се надевам) дека е скриен главен лик во делото и дека ќе биде омилен на многу кои ќе ја прочитаат оваа книга. Многу уживав во двете паралелни приказни кои се спојуваат на крајот низ непрестајни откровенија. Навистина одлично. Единствената замерка ми е крајот, бидејќи кој ќе чека втор дел? А се надевам ќе дојде наскоро. Одлично Кирил. Продолжи така.