„Издавачката куќа „Или-или“ го објавува ова, во многу аспекти и поради многу причини, посебно и капитално дело: собраните стихови на поетот, прозаист, уредник и преведувач Игор Исаковски (1970–2014). Овој извонреден издавачки потфат се случува десетина години по ненадејната и прерана смрт на Игор, во годината кога тој ќе наполнеше педесет и пет години. Можеби ќе звучи сувопарно ако овој текст го започнам со редење биографски податоци, но во случајот на Игор, тоа е еден неопходен вовед за ние што го знаеме накратко да се потсетиме, а оние што не го знаат барем малку да видат колкава беше фуриозноста и големината на неговата креативна сила, и колкав беше обемот на неговото дело (…)
Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, ритмични, екстатични, телесни, отуѓени, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки, роморливи, обилни, но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“ (…)
Го завршувам своето препрочитување со мислата дека сите зборови собрани овде се всушност една голема света книга, послание за еден фанатичен поетски аџилак, за една целоживотна потрага по душата и во душата на еден поетски аскет, на еден совршен поет“.
Исаковски е роден на 19 септември 1970 во Скопје. Работел како радио и ТВ водител од 1991 до 1999 годинаи потоа од 2001 од 2003 година, на различни фреквенции. Тој е основач и директор на културната установа „Блесок“, а работел и како главен и одговорен уредник и веб-мастерот на истоименото списание. Исто така бил уредник на списанието на Независните писатели на Македонија, „Наше писмо“. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, а магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Починал на 15 декември 2014 во Скопје.
Прекрасно издание, целосната поезија на Игор Исаковски на едно место. Вреди да се има во домашна библиотека, неговата поезија е толку интензивна и искрена, едноставно ве допира директно во срце.