Што ако целиот твој живот е лагa? А најстрашното од сè – што ако не си подготвен да ја прифатиш вистината?
Лиа живее во свет што изгледа нормално, но длабоко во неа еден глас шепоти дека нешто не е како што треба. Сомнежот станува опсесија. Потрагата по вистината ја води до прашања без одговор, до сенки што шепотат тајни, до луѓе кои знаат премногу... и молчат.
Живеејќи во свет изграден од зборови што други ѝ ги кажале, сепак нејзиното срце чука на вратата на нешто постаро, нешто длабоко потиснато. Со секој чекор што го прави, нишките на реалноста се кинат, откривајќи слоеви од светот кој никогаш не ѝ било дозволено да го види, додека секој нејзин чекор е следен и набљудуван од она што се крие длабоко зад сите необјасниви нешта.
И штом еднаш ќе станеш нејзин чувар, дали ќе успееш да ја сочуваш до крај, од оние кои жедно ја бараат во свет каде што не си единствениот кој трага по неа?
Но, вистината има цена..., а некој е подготвен да убие за да остане скриена.
"Чуварите на вистината" е магична, тажна и возбудлива приказна која го следи патот на Лиа – девојче што од 12-годишна возраст мора да се соочи со загуби, предавства и судбината што ја надминува нејзината возраст. На почетокот, нејзиниот свет изгледа едноставен: грижа за помалиот брат Ромео, пријателството со Андреа и првите детски соништа. Но, кога тајни почнуваат да се откриваат – писмо од мајката, мистериозни следачи и исчезнувањето на најдобрата пријателка – животот на Лиа се претвора во лавиринт на болка, храброст и откритија.
Лиа не е обичен лик – таа е создадена со длабочина што ретко се среќава кај млади автори. Нејзините кошмари, чувството на вина и постојаната потрага по вистината ѝ даваат човечка и симболична димензија. Преку средбата со Фридрих – момчето со сиви очи и темна судбина, брат на нејзината некогашна пријателка Андреа – приказната добива и еден трагичен љубовен тон. Нивната љубов е невозможна, но вистинска, осветлена со мотивот на огнот и фениксот – симболот на Лиа, која не може да изгори, ниту да се предаде.
Во позадина на сето тоа стои мрачен култ, заговори, демони и борба меѓу светлината и сенките. Авторката умешно ги спојува фантастиката и реалноста, создавајќи свет што е полн со опасност.
Она што најмногу фасцинира е начинот на пишување. Авторката ја започнува оваа приказна на само 14 години, а ја завршува на 17 – и сепак нејзиниот стил е зрел и исполнет со емоција. Секој лик има свој јазик, своја душа, своја болка. Дијалозите се природни, описи поетични, а темите длабоки – љубов, загуба, судбина, избори, светлина и мрак.
"Чуварите на вистината" не е само приказна за едно девојче кое го бара убиецот на своите родители. Тоа е приказна за повторното раѓање – буквално и симболично. За борбата против демоните, и оние надворешни, и оние во себе.
Со секоја страница, читателот чувствува како Лиа расте, се руши и повторно се крева – како вистински феникс. И токму затоа оваа книга не се чита само со очите, туку и со срцето.