Имам една навика: кога одам на некое патување по странство, најчесто земам книга од земјата во која одам. Така пред неодамнешното патување за Словенија, отидов во библиотека и се разгледав на полиците со словенечка литература. Немав посебна желба, само гледав книгата да не е претешка и прегломазна за носење во авион, да биде некое џепно издание. Така изборот падна на Расказите на Мишко Крањец. И не погрешив. По мој вкус. Во нив го опишува животот во селата во Прекумурје и нивната постојана мака и егзистенцијална борба. Ликовите се совршено обработени, посебно нивниот психолошки профил. Она што е најзабележително: сите тие имаат силна вера за поарен живот. Сите раскази се прекрасни, но посебно драги ми беа „Грлици“, „Кати Кустецова“ и „Режоња во свој дом“. П.С. Тажна е судбината на овие книги. Имам впечаток дека една плејада на одлични писатели се заборавени и не се читани со децении. Конкретно оваа книга, според картонот за евиденција, последно била изнајмена пред 40 години.