„Романот ’Кривата Дијана‘ со поднаслов ’Роман за верижната вина‘ од писателката Фросина Пармаковска е проза на актуелниот момент, на вчерашноста и на сегашноста, со антиципација на иднината заглавена во тркалото на колективната несреќа во општества какво што е македонското. Следејќи ја личната приказна на неименуваниот наратор, за кој уште од првите страници добиваме назнака дека поминува низ некаква траума, го следиме формирањето на синџирот на заедничката траума, што го создаваат индивидуалните постапки, премолчувањата, инертноста, пасивноста и резигнираноста. Во овој роман, напишан со длабоко понирање во душата, со непретенциозна религиозна нота и со интроспекција на внатрешните немири, препознаваме траги од творечката преокупација на Достоевски, кај кого вината е најчесто морално-духовна и онтолошка, и која не е ограничена на личниот чин, туку се пренесува во сферата на меѓучовечката и на космичката одговорност. Иако романот содржи суптилна критика на политичката моќ претставена преку персонифицираниот ’систем‘ како нешто отпорно на промени и суверено, сепак, тоа не ја компромитира книжевната вредност на романот, напротив, од него прави книжевна тема“.
Фросина Пармаковска е родена во Скопје во 1985 година. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии, тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“.
Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). „Вишнова хроника“ (Или Или, 2014) е нејзин втор роман, а „Одбројување" (Или Или, 2017), трет. „Вишнова хроника“ стана финалист за престижната награда Роман на годината за 2014, која ја доделува Утрински весник, а истиот роман подоцна доживеа преводи на бугарски и украински јазик.
Еден прекрасен кус роман за моќта на чувството на вина, оправдана или неоправдана. Одлично одбрани три ликови, совршено напишан протагонист, и приказна која ќе ве натера да размислувате долго откако ќе ја прочитате. Што значи да си пасивен учесник на нанесено злодело, колку и да е тоа мало или големо, и од какви и да е причини направено, е во сржта на приказната. Човечката совесност и свесност, но и како потсвесно си го наоѓаме патот да заборави тоа што не мачело. А сепак е тука... И најважното прашање е дали ќе се соочиме, ќе ја признаеме и прифатиме одговорноста, тогаш кога повторно ќе исплива на површина заборавеното.
Прва работа што ќе ја кажам за книгава е дека не се ни потрудив да си најдам бележник, знаев дека ќе ја прочитам во едно седнување, па така и беше. Малечка е, само стотина страници, се чита брзо, а почетокот е страшно добар. На пример, страшно е кога стануваш свесен дека малите работи не ти се убави, страшен е моментот кога се плашиш дека ќе снемаш емоции. Можеби па и не е толку страшно, затоа што и стравот ќе го снема заедно со нив. Ама додека да го снема стравот пробуваш разни работи за да ја скротиш душата. „Првин пробав да се вљубам, но дури и пишувајќи го ова вака, сфаќам каква глупост е самата идеја за тоа. Не за вљубувањето, туку за тоа човек да се натера себеси да се вљуби.“ Страшно е и кога ќе најдеш кој да љубиш, но тогаш пак се запрашуваш: „Зарем смеам јас неа да ја љубам?“ Ова е роман не само за индивидуалната несреќа која може да го снајде човекот, туку и за колективната, за несреќата што не ја носиме сами, туку ја делиме сите, сакале или не. И не ми легна овој дел. Не затоа што не е вистинит или важен, туку затоа што ми беше тежок; можеби и премногу близок, премногу свеж, и токму затоа ми беше тешко повторно да го преживувам. Уште еднаш да се навраќам на настани кои запечатиле нечија судбина, уште еднаш да ги доживувам на своја кожа и уште еднаш да ја чувствувам истата болка. Од друга страна, има уште една приказна која се провлекува низ книгата, односно приказната за простувањето. Тука доаѓа и Дијана, мојот омилен лик и вели дека простувањето е ослободување, еден од најубавите дарови што може да ги даде еден жив човек на некој кој некогаш на некаков начин му погрешил. Дека кога ќе простиш, почнува животот во кој ги цениш неговите благодати и почнуваш да растеш. „Единствена човечка сила еднакво голема колку искреното покајување е искреното простување.“ „Кривата Дијана“ боли, но на оној тивок начин што те учи дека болката не е крај, туку доказ дека сè уште чувствуваш. А додека чувствуваш, сè уште има надеж.
Уште еден прекрасен роман на Пармаковска. Некако се навикнавме со секој нејзин нов роман да кажеме дека е позрел од претходниот и дека Фросина ја крева летвичката погоре и погоре. Но, лично сметам дека „Вишнова хроника“, вториот нејзин, во еден поглед беше ненадминат од наредните - во поглед на емоциите кои ги создава кај читачот. Е па сега „Кривата Дијана“ се доближи многу до него, а можеби дури и го надмина! Да, за мене она што овој роман ми го направи поубав од претходните е токму тоа што во мене изнуди многу емоции. Ме натера да сочувствувам со ликовите, ме разнежни, ме насолзи, ме замисли... Има многу искреност во нејзиното пишување. Ликовите, како и секогаш, ни се блиски, како земени од нашите животи, ги живеат нашите секојдневија, ги сонуваат истите сонови како нас, исправени се пред истите предизвици... Можеби токму тоа е нејзиниот рецепт за успех - мислам дека и сама има кажано дека така ги гради приказните: прво се раѓа ликот, а после околу него се расплеткува приказната.
Има многу длабока философска нишка во „Кривата Дијана“, но таква напишана со едноставен јазик и стил со што може секого да натера на размислување. Не би рекол дека е ова во таа мера роман за вината, како што стои во поднасловот, колку што е роман за простувањето и моќта на простувањето. Само кога ќе простиш некому, можеш вистински да продолжиш понатаму, ослободен од сите планини кои натежнале врз тебе. Но, „Кривата Дијана“ е и роман за нешто што последните години, за жал, стана наше секојдневие - роман за загубата и болката, но не само личната, индивидуална загуба и болка, туку колективната - таква каква што за жал неколкупати не погоди сите нас изминатава деценија. Не може, а да не се прочита меѓу редови тука и за несреќата во дискотеката во Кочани, и за двете автобуски несреќи - кај Ласкарци и во Бугарија. Можеби затоа што и сами сме преживеале се тоа што им се случува на ликовите во романот, толку боли, толку удира на емоции и толку е искрен, реален и добар.
Единствена мала замерка која ја имам за романот е неговиот наслов. „Кривата Дијана“ не само што ми беше misleading, туку и е со некаков пејоративен тон каков што подоцна во романот не најдов (освен, можеби, на едно-две места). Но и да не е во тоа проблемот, сметам дека овој роман не беше воопшто роман за Дијана. За мене таа беше само спореден лик. Романот е многу подлабок и послоевит за да носи наслов на само еден од ликовите. Но како и да е, насловот воопшто не става ни најмала дамка на тоа што го има меѓу кориците. А тука, меѓу кориците, како и во секој роман на Фросина Пармаковска, има цело богатство!
Роман за вината, молкот и простувањето. Роман што ги истражува човечката вина и простувањето со аналитички пристап, длабоко психолошки како да го читате Достоевски.
Моралната одговорност не е само личен чин, туку одраз на односот кон другите и кон светот. Кај Дијана религијата не е догма, туку внатрешна етика. Нешто кон кое би требало да се стреми секој што сака себеси да се нарече ЧОВЕК.
Едноставниот, прецизен и непретенциозен стил на авторката го сместува секој збор на свое место, нема украси, непотребни дигресии и помпезности.
Мајсторски изделкан роман што ја заслужи секоја секунда од моето време.