Александар Русјаков е роден 1977 година во Велес. Досега ги објавил збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот“ (ИЛИ-ИЛИ, 2010), романите „Тринаесеттиот месец“ (ИЛИ-ИЛИ, 2012) и „Атена со пенис“ (ИЛИ-ИЛИ, 2014).
Атена со пенис е можеби скокотлива приказна поради насловот, меѓутоа нејзината суштина е реалното секојдневие, меѓучовечките односи, трулиот систем и деградираните вредности во секоја пора. Русјаков е мајстор на сарказмот, а неговата комуникација со околината не е наменета за сензитивни карактери. Сепак станува збор за повисок степен и широк дијапазон на изразување и книжевна артикулација на настаните.
На улица има многу умислени 'батиња' како Виктор, кои се надеваат на наследството од колено на колено, а на крај добиваат в рака, атена со пенис. Таквите турбофолк 'фаци' никогаш не можат да сфатат дека се 'хемороид на шупакот на светот. Додека постелите им ги 'мрсат' певаљките во обид, на суд ги 'распнуваат' сопругите кои ги оставиле ко крпа за бришење прашина.
Од друга страна, зад аголот, секогаш стои некој Боби Булдог, лик од маало кој е страв и трепет за сите. Олицетворение на подземјето или што би рекол Русјаков настинка од животот која знае да остави трајни последици.
Овој роман на Александар е темницата од која никој не сака да излезе како губитник. А сепак... Би рекла дека го портретирал просечниот македонец со хируршка прецизност, чиниш не опсервирал со векови на операциона маса.
Ликовите се толку живи и суштински разработени, мислиш седиш со нив на виски во некоја меана, додека во позадина со неартикулирани октави пее некоја неостварена певаљка.
Ако сакате да се насмеете со солзи, додека некој Ви ја 'плеска' суровата реалност в лице, оваа книга е тоа што го барате. Делува како гликоза после бурна вечер.