Ако некогаш сонуваш висококатница – ја сонуваш токму зградата на месеците од овој роман. Во неа се живее како насекаде – со смеа, гушкање, плукнати змијулчиња (што?!), но и со неправди, караници, лутење, осаменост. Ако мислеше дека не можеш да смениш ништо, со оваа книга можеш да смениш сè – и во соновите и во светот.
Во својот прв роман за (мали и големи) деца, Димковска ги спојува традицијата со современоста, народните приказни со Четџипити, Јутјуб, Инстаграм... – и создава урнебесна приказна што слатко ќе те насмее и длабоко ќе те замисли. Дали секој од нас понекогаш не е „тринаесеттиот“?
„Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска е роман кој ќе ве изненади во секој поглед! И не само затоа што претставува неочекувано и длабоко нурнување на авторката во литературата за млади, туку и поради флуидноста на жанрот (фантастика и бајка), поради „прачетовскиот“ хумор и бруталното соочување со темите што се неизоставен дел од современото општество.
Билјана Црвенковска
Кога децата би воделе дневник и би ги запишувале одговорите на прашањата што авторката им ги поставува, од секој/а читател/ка би се создал нов роман. Роман што раѓа романи.
Лидија Димковска е родена во Скопје на 11 август 1971 година. Завршила Филолошки факултет во Скопје на групата Општа и компаративна книжевност, а докторирала на тема од романската книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија. Работела како предавач по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт. Исто така, таа била уредник на одделот за поезија во електронското списание за култура и уметност „Блесок“.