Париз, 1805 година. Додека суровата зима го стега градот во својот леден зафат, а Сена тивко ги голта тајните на сиромашните, се раѓа приказна за самото јадро на човечноста. Моника Игевска Ризова не' носи во време каде границата меѓу божјата казна и човечката суровост е тенка како мраз, а секој чекор низ калливите и замрзнати улици води кон соочување со сопствената совест. Во срцето на оваа длабока историска драма се судбините на ликови чии животи се преплетени со нишки на отуѓеност, скриени страсти и тешки семејни бремиња. Низ изградена атмосфера и емотивен набој, авторката го истражува трагичниот јаз меѓу мејчинската љубов и рамнодушноста, давајќи му глас на страдањето на невините. “Меа Кулпа“ е повеќе од роман за минатото. Таа е лирско и мрачно истражување на вината и искупувањето. Со богат и сликовит стил кој изнудува читање во еден здив, Моника Игевска Ризова создава свет во кој секоја воздишка е борба за опстанок, а секое признание е чекор кон светлината. Ве чека патување низ лавиринтот на човечката душа каде што тишината зборува погласно од зборовите. “Меа кулпа“ е еден манифест на емпатијата, љубовта, пријателството, вербата, надежта и човечноста.
Born in Gevgelija, Macedonia in 1987. Alongside her literary pursuits, she is an experimental artist. Her works include: Novels: Fatalite', Mea Culpa Poetry: Absentia, Твојата жива невеста, Месечева соната, Art: Krik vo pastel, Kukla, Septemvri Children's books: Happy little tale
Вториот роман на Моника е извонреден мрачен и суров портрет насликан со боите на носталгијата и меланхолијата, таписерија навезена со болка и интензивна емоција, раскошна и пространа бина на која улога изведуваат симултано реалистично и мелодраматично ликови, толку вешто окарактеризирани, комплексно извајани и продорно опишани, што живо и горчливо се чувствува секоја нивна пенетрирачка емоција, искрена мисла, блескава перспектива.
Роман длабок, а пристаплив благодарение на умешноста и продуховеноста која авторката им ја вдахнува на богато замислените и реализирани човечки судбини. Роман историски, а релевантен во својата преставителност и впечатливост на човечката емпатија, ментална болест, духовност, љубовни врски... Егзистенцијалистички и моралистички, амбициозно и готски е напишана оваа долорозна и горка приказна која го истражува амбисот на оттуѓувањето, потиснатите страсти, вината и искупувањето, јазот и конфликтот помеѓу сопружничката љубов, почит и разбирање...
Ми се допаднаа филозофските, религиските, како и метафизичките размислувања, блескавата нарација, емотивниот набој, психолошките длабочини и уникатната атмосфера која ве обвива и впива во приказната.
Меа Кулпа е специфична, со сензибилитет на класицизам, натопен со готика и натурализам својствен за Емил Зола, се чита мошне брзо, а останува со вас долго време...
Моника од срце ти посакувам уште многу издадени дела! 🩷🩷
Моника нè води низ време и простор кое се растегнува од Грција и нејзините антички трагедии, низ Европа, па до иднината која уште нè ја знаеме. Нè води низ пространства кои ни се познати, ама многу често и пригушени. Пригушени, бидејќи не сме доволно храбри да ги откриеме. За онаа вистина во животот, за изгубените љубови, за кукавичлукот, за жртвата, злото, добрината.
Глава 10 со наслов „Кошмар“ ми остави посебен впечаток, како да се обележа во мојата душа, шепнувајќи ми за сопствените соништа. И можеби и цело дело е тоа, еден готски тивок кошмар кој ја раскажува една друга димензија на љубовта - една трагично слатка страна која е толку примамлива.
Минатото, сегашноста и иднината ги кројат ликовите преку раката на Моника на еден посебен начин, ем маглив, ем јасен. За да ни станат блиски. Приказната те вовлекува, и соџвакува, не ти ни дозволува ти да ја изгустираш неа. Тоа се случува отпосле.
Сите ние сме грчки трагедии - и понекогаш убавината е во тоа. За да знаеме за што да се бориме, да бидеме храбри, да љубиме, за сето тоа да не е наша вина.
„Меа кулпа“ е историски роман со изразен филозофско-лирски стил, сместен во периодот на Француската револуција. Авторката гради мозаик од човечки судбини, преплетувајќи историја, психологија, симболика и теми како вината, загубата, каењето и последиците од сопствените избори.
Приказната започнува во Париз, во суровата зима од 1805 година. Во една студена и сиромашна куќичка живее младата Жоржета Дитрих со својата мала ќерка Габриела. Нивното секојдневие е исполнето со глад, студ и неизвесност, а авторката уште од самиот почеток ја доловува суровоста на животот и борбата за опстанок.
Потоа романот нè враќа во детството на Жоржета. Како сиромашно девојче на улиците на Париз, заедно со својата другарка Мариса верува дека Француската револуција ќе донесе подобар живот. Но, како што историјата се менува, така се менуваат и нивните судбини.
Покрај Жоржета, романот претставува мозаик од ликови. Тука се трите сестри – меланхоличната Силвија, темпераментната Рахела и мистериозната Клара; стариот виолинист Пупен, кој живее со болката од своето минато; како и писателот Габриел Бодон, човек што зад својот успех крие длабоки семејни рани. Сите тие придонесуваат кон сложена слика на едно бурно историско време.
Она што најмногу се издвојува е стилот на пишување. Моника Игева Ризова користи богат филозофско-лирски јазик, исполнет со симболика и детални описи, а низ страниците се чувствуваат вложениот труд и истражување.
Од друга страна, големиот број ликови, честите премини меѓу нив и обемните описни и филозофски делови го прават романот побавен и бараат поголема концентрација од читателот.
Верувам дека „Меа кулпа“ ќе им се допадне на љубителите на историски романи со богата симболика, филозофски теми и лирски начин на раскажување. Ова не е роман што брза да ја раскаже приказната, туку дело што сака читателот постепено да навлезе во неговиот свет и да ги открива неговите бројни слоеви. ,,Mea culpa'' - е латински израз што значи „моја вина“.
Mea Culpa е книга - медитација на душата и умот, роман во кој љубовта и вината се истовремено и емоционални и егзистенцијални состојби. Ликовите се оштетени луѓе, чија психолошка сложеност се огледува пред сé во нивното чуство на вина, но и во нивните стравови, љубов и страсти. Тие се како гранките на жалната врба, наведнати надолу, поклонети до земја, кревки ама сепак живи.
Животот на сите тие ликови и нивните емоционални состојби јасно го отсликуваат минатото кое ја обликува сегашноста, а сегашноста ја носи неизвесноста на иднината, создавајќи психолошки лавиринт на сеќавања, избори и пред сé чувство на вина. И така вината станува школка на совеста, љубовта е и лек и болест, а минливоста и тагата постојано ја следат душата.
Читајќи ја книгата, исто така се запрашав и за природата на правдата и моралот, се запрашав дали вината најчесто е лична, колку ние сите создаваме и носиме колективна вина и дали, посебно колективната вина може да ја гледаме како историја што нè надминува?
Се запрашав и тоа, дали тензијата помеѓу желбата и совеста, помеѓу копнежот за љубов и стравот од повреда, ја криеме внатрешната борба добро во себе си и така лесно навидум се помируваме и со себе и со минатото?
Monika Igevska Rizova си напишала приказна за човечката кревкост и вечната потреба за прошка, за љубовта како одраз на душата и психата, за времето како бреме кое носи и болка и тага, љубов и страст, но и можност за нов почеток.
Mea culpa - моја вина, мој грев, мој начин да ги прифатам одговорностите за сите мои постапки.
"Mea Culpa" е втор роман на авторката, а дејството е сместено во големиот Париз, во раниот 19-ти век. Уште од првата страница знаев дека ова нема да биде само една обична приказна, туку нешто што мошне ретко се среќава во македонската книжевност. Моника Игевска Ризова полетно нѐ води низ еден мрачен лавиринт на трагични човечки судбини, коишто оставаат длабок засек во срцето на читателот. Таа мајсторски креирала една цела палета на разновидни ликови, како сиромашната измачена Жоржета, познатиот блуден писател Габриел, неговата тивка сопруга Камила, трите ќерки, сирачињата Коко и Етјен... Восхитувачки шаренолик букет од карактери, кои се маестрално доловени со кристално јасна прецизност и вештина, човечки суштества со кои верувам дека сите би се поистоветиле и за кои би почувствувале силна емоција. Нема да откривам многу за содржината, само ќе кажам дека приказната ме потсети на роман-класик од минатите времиња, а тоа особено ми остави длабок впечаток. "Mea Culpa" изобилува со блескави филозофски размисли, се одликува со богат јазичен израз, а наративот е раскошен во раскажувањето и портретирањето на главните ликови, чии идеали, мисли и ставови, постапки и чувства се претставени со впечатливи психолошки понирања. Роман за болката и страдањето, светлината и темнината, доброто и злото, љубовта и страста, закопаните копнежи што тлеат во душата, мајчинството, бедата, емпатијата, вината и искупувањето, животот и смртта. Исклучителна историска драма, зрела и сериозна, а толку човечна. Кога би можела да биде дрво, оваа книга несомнено би била жална врба - нежна и елегантна.
Прочитана ми е првата верзија, не онаа што отиде во печат која што ги вклучуваше и педесетте страници говор на Робеспјер и трагичниот крај (но подоцна Моника ме информира дека издавачот ги отфрлил тие педесет страници и дека крајот е изменет и дека не е трагичен, па го прочитав само него). Книгата е многу тажна, многу болна, многу трагична, многу емотивна. Се работи за сиромашната Жоржета која што страда од кататонија, за Габриел, постар маж што е неверен, блуден и полн со срам и за неговата тивка сопруга Камила. Овие три личности се центарот на приказната. Со Жоржета се запознаваме уште во првата глава, со Габриел и жена му многу подоцна. До дека тие да се појават, запознаваме едно чудно семејство, Пупен и Агнеса жена му, сирачињата Коко и Етјен, исто и е направена скица за француската револуција и нејзините водечки фигури. Има многу моќни размисли низ книгата и особено два тешки моменти (и за време на двете е зајдисонце, и плус зајдисонцето се појавува уште во едно поглавје, заборавив точно кое, читана ми е од поодамна), но “Гласот на злото“ е необично метафизичко и страшно поглавје, што ѝ дава на книгата елемент на психолошки хорор. Те тера на размислување книгата, за природата на моралот, етиката, правдата, за човечките слабости и љубовта, за несовршенството на човечката природа, за менталната болест, за сиромаштијата, зошто се некои работи такви какви што се... нема да откривам премногу. Моја оценка е 4.8, само заради тоа што првата книга од авторката ми се допадна повеќе, но таа пак заврши многу трагично, што не беше случај со оваа (барем во нејзината крајна, печатена верзија).