Кога канцерот повторно се враќа, со себе носи прашање што ѝ го разнишува животот на Џилиан: Колку долго можеш да бегаш од нешто што тлее во тебе?
Новата дијагноза не ѝ остава многу време. Пет месеци „нормален“ живот, пет месеци да ги брои своите воздишки и да се преправа дека не слуша како часовникот ги отчукува последните часови.
Ноќите стануваат немирни, со себе носат сенка што демне на крајот од улицата, кучиња што лаат како да гледаат нешто што човечките очи не можат и човек што исчезнува оставајќи зад себе купче песок. Но, најголемата опасност не е болеста, ниту сенката. Најголемата опасност што ја крши се спомените за Симон, љубовта што ја изгуби и црвениот волк што ја демне во соништата.
Џилиан ќе мора да избере, да умре од болест или да преживее со нешто што можеби не е човечко, принудена да тргне по пат што ја оддалечува од логиката и науката, да навлезе длабоко во митот, легендите и пустината на Блискиот Исток, меѓу древни храмови, забранети градови и вистини што не припаѓаат на ниту едно време.
Ова е приказна што не бара од тебе да веруваш, туку да се запрашаш: што ако рационалното е само тенка врата, а од другата страна стои нешто непознато и трпеливо чека?
Агрон Усеини е роден во Скопје, во 1988 година. Студирал на Правниот факултет на „Универзитетот на Југоис- точна Европа“, а по завршувањето на студиите, својата кариера ја пренасочил во светот на маркетингот, во кој почнувајќи од 2014 година се вројува меѓу основачите на агенцијата и маркетинг „Пејџленд“ (Pageland). Специјалност му се градење на брен- дови, стратегиска реимагинација на визуелниот пристап на брендовите, традиционално и дигитално рекламирање.
Иако уште многу млад ја има откриено својата желба за творење, неговите ракописи стојат со години во фиоките, сè до ова негово првенче. „Овириум“ е прв дел од серијалот книги насловен како „Овириум – отаде смртта“. Со ова негово прво официјално издадено дело придонесува за збогатување на домашната книжевна сцена во област која се чини малку запоставена – научнофантастичните романи.
„Џилиан“ од Агрон Усеини е книга што тешко може да се смести во само еден жанр. Таа е истовремено психолошка драма, хорор приказна и мистерија исполнета со симболика, емоции и морничава атмосфера која постепено ве вовлекува во својот свет.
Приказната ја следи Џилиан - жена која се соочува со тешка животна битка, но наместо само приказна за болест и преживување, авторот ни нуди многу подлабоко и помрачно патување. Од самиот почеток чувството дека „нешто не е во ред“ е постојано присутно, а како што страниците се редат, книгата станува сè понеизвесна и поинтензивна.
Она што најмногу ми се допадна е атмосферата што Агрон Усеини успева да ја создаде. Црвената куќа со зелените ќерамиди, гавраните, чудните соништа и мистериозните личности создаваат чувство како да читате нечиј кошмар од кој нема излез. Авторот има навистина впечатлив стил на пишување - описите се детални, но никогаш предолги, а светот што го создава е толку жив што лесно можете да го замислите секој момент.
Книгата не се потпира само на хорор елементи, туку и на емоции. Во неа има многу болка, загуба и внатрешни борби, што ги прави ликовите човечки и реални. Џилиан како лик е особено интересно изградена бидејќи низ целата приказна се чувствува нејзиниот страв, нејзината вина и нејзината желба да најде спас.
Посебно ми се допадна што авторот постепено ги открива мистериите наместо веднаш да ги објасни. Секоја нова сцена носи уште повеќе прашања и токму тоа ја прави книгата толку тешка за оставање. Како што се приближува крајот, приказната станува сè помрачна, а крајот остава силен впечаток и многу простор за размислување.
Ако сакате книги со мрачна атмосфера, психолошка тежина и хорор кој повеќе ви се вовлекува под кожа отколку што ве плаши со класични сцени, тогаш „Џилиан“ е книга што дефинитивно вреди да се прочита.
Иако на почетокот ми одеше малку поспоро, подоцна целосно ме вовлече и не можев да престанам да читам. Агрон Усеини уште еднаш покажува дека знае како да создаде уникатен свет и приказна што долго останува во мислите и по последната страница.
Џилиан ме освои со почетокот, одлична мистерија со ветување за освежувачка приказна од наш автор, со надеж дека ќе читам нешто најблиску до хорор. Агрон успешно ја гради мистеријата околу Џилиан и нејзиното потекло, играјќи си со она што е реално и потсвесно, при што имаме и споредни ликови што придонесуваат кон приказната и битисувањето на главниот лик. Ми се допадна што мистериите и нејаснотии те на почетокот беа одговорени на крајот.
Но во читањето ми пречеше честата употреба на двојни, некогаш тројни компарации и описи, и понекогаш речениците делуваа неприродно (прекината реченица, нова која продолжува со компарација од претходната, или именка, па потоа две придавки и слично).
Секогаш ли треба да дадеш нешто од себе, за да добиеш нешто за возврат?
Тенка е границата помеѓу она што го разбираме и она што го чувствуваме. Таму во чувствата, можеби стои нешто што сме го потиснале, нешто што немаме храброст да го прашаме. Но, таму некаде, длабоко во тие чувства, можеби се крие и вистината за нас, која ете не можеме да опишеме со логика.
На сè она што ни е не разбирливо, често му даваме име, понекогаш и правила и причини, како со тоа да можеме да го скротиме. Ама секогаш останува нешто што се покорува на разумот, тивко, древно, трпеливо. Можеби не сме создадени да ги потиснеме целосно тие чувства, ама понекогаш имаме храброст да им ја отвориме “вратата“, да ѕирнеме и да слушнеме барем нешто што доаѓа од таму. И најголемата мистерија не е она што не го разбираме, туку она што во себе го чувствуваме дека постои.
Молкот ни е како пустината која го ситни низ времето, за да може древноста на разумот да не боцне со прашање и како одговор да го чуеме гласот за кој и логиката нема одговор. И сè е круг, сè се врти, сè се враќа, само изменето, дополнето, повторно протолкувано. Од нас зависи во која форма.
Треба ли животот секогаш да се прифати таков каков што ни е сервиран? Или да прашам поинаку, имаме ли храброст да го промениме она што не сакаме да ни биде судбина?
Агрон, си создал едно прекрасно дело за животот, љубовта, грешките, стравовите, осаменоста и смртта, со совршено вткаени елементи на мистерија и хорор, би рекла.
Оставив оцена но не можев веднаш да напишам коментар, мораше да ми легне книгата, но сѐ уште ми стои во мисли.
Не сум голем љубител да читам книги за жена напишани од маж, но оваа приказна, едноставно не знам од каде да почнам.
Книгата започнува морничаво, се запознаваме со Хелен која наоѓа бебе оставено во кутија сред немилосрдна зима, и секако, го зема со себе. Бебето е Џилиан, која ја запознаваме триесет години подоцна, соочена со канцерот, кој си реков, ех, клише, но начинот на кој канцерот ја допира и влијае врз нејзините одлуки, му симнувам капа на Агрон! После тоа, ја запознаваме Серафина, и од таму авторот создава бура.
Таман кога помислив дека приказната оди кон некаков заклучок, се случи пресврт што ме запрепасти, и крајот, КРАЈОТ!
Џилиан не е за луѓе со слабо срце, затоа што допира до душата, морав да ја оставам и да направам пауза пред да продолжам со читање затоа што не можев да престанам да плачам во одредени моменти, и кога ја завршив, остана да живее во мене. Дефинитивно ќе ја прочитам повеќе од еднаш, ова е дело кое мислам дека со секое следно читање открива нови работи, ме натера да ги преиспитам своите одлуки и грешки во животот.
Сѐ уште не ми се верува дека читам книги на наше дете, а не превод.
Инаку 4,5/5 поради сцените во Блискиот Исток, не затоа што беа лоши, туку ми беа тешки да ги процесирам, многу ме растажија и разгневија. Круцијални се за приказната и не треба да влијае на коментарот, но тоа е до мене како читател.
Ја имав честа да ја уредувам Џилиан и уште со читањето на првите поглавја ми беше јасно дека оваа приказна за Агрон е многу лична, многу подлабока и потешка од сите останати што ги напишал претходно.
Откако Џилиан се соочува со страшната дијагноза по втор пат, со избројани часови и чекори што одат по патека за која никогаш и не помислила дека е нејзина, а всушност секогаш била, започнува нејзината агонија. И не е тоа стравот од неизбежното, болните сеќавања за сите загуби и пролеани солзи во малкуте години живот, туку нешто што ниту самата не успева да го разбере, ниту пак да се разбере себеси и постапките што решително ги прави - за да стигне онаму каде што започнала.
Овде нема рационалости, нема ниту логика, а всушност сѐ прави совршена смила и можеби Џилиан и Агрон сакаат да застанеме за миг и да помислиме дека времето не е праволиниско, туку бескраен круг, како во Flashpoint Paradox, во кој може да се стигне до почетокот каде што (можеби) можеш да ги измениш работите, барем малку, пред кругот да те повлече и сѐ да тргне одново.
Ова е приказна во која стравот и работите што се чинат натприродни се испреплетени, приказна чија болка ќе ја остетат сите, но до срцевината, само оние што макар и накратко, макар и само еднаш, чекореле во претесни чевли како оние на Џилиан.
Книгата не ја прочитав – буквално ја „голтнав“ за два дена, односно за седум до осум часа. Ова е единствената книга од ваков тип што сум ја читала со потцртување. Обично се потцртуваат учебници, но тука морав да потцртувам имиња, врски, завивања и детали за да сфатам кој, што, како и зошто.
Ох, колку многу има да се зборува за оваа книга… Но ќе ви оставам сами да ја прочитате и да ги откриете сите нејзини тајни.
Препорака од дното на душата и, без двоумење, ремек-дело на Агрон Усеини.
П.С. Отворив профил тука специјално да напишам коментар затоа што приказната ме допре суштински.
Книга која не дозволува ниту еден лист да го прелисташ без интерес, течението на приказната те носи да ја завршиш во еден здив. Начинот на раскажување те тера да создадеш цел филм во главата, кадар по кадар.
За мене, читањето беше и лично искуство. Како некој што го преживеа канцерот, некои сцени навистина ме допреа. Книгата е сурова, без разубавување, и има моменти на длабока тага кои те погодуваат право во градите. Но токму таа искреност ја прави толку моќна. Агрон не бега од тежината на темата, туку ѝ дозволува да дише на страниците.
Една од оние книги што те држат буден до доцна во ноќта. Ја прочитав за само два дена и искрено посакувам да има втор дел. Толку длабоко и детално напишана што целосно те вовлекува во светот на Џилиан, правејќи да се чувствуваш како да живееш низ секоја нејзина мисла, одлука и емоција. Книга што останува со тебе долго по последната страница. Very deep…