Прозното писмо на Миневски си има свое прецизно место во нашата современа литература. Во „Сезона на глуварките“ ни се претставува со дваесетина раскази меѓу кои и такви кои или ги знаеме или не потсетуваат на некои поранешни негови објави кои се варираат како некакви прозни етиди, раскажувачки рефрени, можеби. Впрочем, неговото писмо и има еден таков препознатлив, универзален жиг, наместо марка, со кој непречено може да патува низ пределите на болката. Оваа проза и буквално се движи со помош на болката чија што издолжена сенка сепак најмногу прилега на љубов. Горчливоста на расказите во “Сезона на глуварките“ главно доаѓа од три страни: од константното инаетење со стварноста, со вистината; од прешироко отварање на очите при гледање на невидливите нешта кои не значи и дека не постојат; како и од укинувањето на средините и постојаното дури слепо држење за почетоците и за краевите на нештата. Инаетењето со стварноста во себе ја содржи и жанровската хибридизација во расказите на Миневски, или пак е нејзин резултат. Во секој случај и во оваа збирка, како и во претходните, расказот на Миневски се движи од реалност до фикција, од запис, преку препис, до допис, од репортажа преку фељтон, до омајна проза… Ништо не е како во стварноста, иако се е преземено од неа. Ова е раскажување кое постојано води инает со вистината, со стварноста, но не за да ја победи или за да ја потцени, туку за да ја искуша нејзината подготвеност да биде нешто друго (на пример – проза!). Блаже Миневски книгата “Сезона на глуварките“ можеби и ја напишал за инает на вистината, но и за задоволство на своите верни читатели.